Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на високата мода – есен/зима 2012-2013

Париската недела на високата мода – есен/зима 2012-2013

Париз беше жешката модна точка во текот на изминатата седмица. На локации кои зрачат со историја, култура и традиција беа прикажани колекциите висока мода за сезоната есен/зима 2012-2013. Прескапите луксузни креации, кои може да чинат и повеќе од 100.000 евра, ги маѓепсаа присутните модни критичари, па многу повеќе се слушаа позитивните критики. Погледнете што виде пребирливата внимателно избрана публика:

Версаче

Донатела Версаче смело се врати во хотелот Риц во Париз, каде што нејзиниот брат Џани Версаче пред смртта по двапати годишно во текот на осум години ја покажуваше својата замисла на високата мода. Концептот за ревијата беше „украден“ од дизајнот на тарот картите. Но, откако развеаните елегантни ткаенини под диригентската палка на Донатела беа претворени во уникатни креации, тешко можеше да се забележи точно кој бил изворот на инспирација на 57-годишната дизајнерка.

Бестрашни, сексапилни, умерено разголени и впечатливи фустани, кои ниту за момент не заборавија да ја истакнат убавината на женската силуета, ја демонстрираа новостекнатата самодоверба на Донатела по успешната соработка со H&M. Инкорпорирањето на нетрадиционален деликатен hi-tech јапонски полиестер во колекцијата и неговото претворање во блескави здолништа беше новитет со кој Версаче ја освои наклоноста на публиката.

Версаче Версаче

Џамбатиста Вали

Италијанскиот дизајнер Џамбатиста Вали пронајде инспирација во рајската градина, па неговите креации беа богати со цветни дезени и слоевито редени набори кои наликуваа на листови од цвет. Низ волуменозните фустани, кои ја вратија на сцената силуетата карактеристична за стилот од 50-тите години, преовладуваа нијанси на црвената и зелената боја.

Во магичниот свет на Вали, на главите на моделите беа поставени мрежести маски за да го засилат чувството дека по пистата се движат митски суштества, а на нивните усни или низ нивната косата беа поставени пеперутки.

Џамбатиста Вали Џамбатиста Вали

Кристијан Диор

Раф Симонс го презеде кормилото во Диор, а неговото претставување како креативен директор на француската модна куќа започна со колекција висока мода. Па, сосема јасно е зошто главните лица во модната индустрија нетрпеливо чекаа да ја видат неговата понуда. Додека кај Вали цветовите ги окупираа фустаните, кај Диор цветовите ги презедоа ѕидовите на просторијата на ревијата. Околу милион цветови во различни бои беа поставени за да ја потенцираат цветната опсесија на Диор.

Симонс претстави креации кои беа совршен спој на неговиот препознатлив минимализам со елегантната женственост карактеристична за Диор. Црни панталони во комбинација со кратки фустани со волумен на колковите, долги фустани со А-линија, фустани кои ја крадат формата на палтата... белгискиот дизајнер претстави модерна визија која ја следеше силуетата на песочен часовник којашто Диор ја стави на пиедестал уште во 1947 година.

Диор Диор

Шанел

„Нов винтиџ“ – така Карл Лагерфелд го опиша стилот на својата најнова couture колекција. Задржувајќи го класичниот стил и естетиката на Коко Шанел, 78-годишниот дизајнер ги усреќи лојалните клиентки на француската модна куќа.

Префинетиот спој на црна, бела, нежно розова, сива и крем боја со совршено изработените материјали не остави простор за грешка. Ѕвезди на ревијата беа костумите од твид, но не помалку впечатливи беа и нежните свиленкасти вечерни тоалети и широките панталони од волна што блеска. Се прашувате зошто креациите од колекциите висока мода чинат повеќе од луксузен автомобил или куќа? Одговорот лежи во изработката. Замислете, долгото палто без ракави покажано на првата фотографија било изработувано цели 3000 часа од некои од најдобрите шивачи во Париз. Ако претпоставиме дека шивачите работеле по 8 часа дневно, тогаш тоа палто било изработувано 375 дена.

Шанел Шанел

Џорџо Армани

Црното кадифе и боите на ноќта доминираа во колекцијата на Џорџо Армани. Развеаните широки панталони беа комбинирани со бебешко сини и светло розови блузи и сакоа со релаксирани или строго оформени нараменици. Ревијата започна со романтична атмосфера која потсетуваше на самрак, а заврши со ноќна атмосфера во која како ѕвездено небо блескаа елегантните тоалети.

Блескавите превези кои ги прикриваа главите на манекенките на импресивен и поетичен начин го акцентираа мистериозниот изглед кон кој се стремеше Армани.

Џорџо Армани Џорџо Армани

Ели Сааб

Империски раскош и отомански мотиви од Константинопол беа инспирацијата која ја искористи Ели Сааб за да креира уште една гламурозна колекција за жената која се гордее со својата фигура. Либанскиот дизајнер презентира тоалети во нежни луксузни бои кои следеа по почетните црни креации.

Нежниот пристап кон употребата на кристали и мониста во комбинација со умереното разголување создаде цврста основа врз која се редеа само позитивни критики. Сааб не изненади со стилот (сите очекуваа од него блескава елеганција), но тој повторно успеа да шармира со истата формула со која секогаш стигнува на црвените теписи, особено на манифестации како доделувањето на Оскарите.

Ели Сааб Ели Сааб

Стефан Ролан

Минатата година Јасмин Ле Бон беше инспирација за колекцијата на Ролан, но оваа година негова муза беше кинеската актерка Фан Бинг-Бинг. Ролан презентира елегантни креации во црна, бела и карамела боја. Некои од нив имаа и елегантни наметки што придонесе манекенките да заличат на елегантни жени супер херои.

Еуфоријата која завладеа пред и по ревијата на Ролан го засени шоуто. Присуството на Ким Кардашијан и Кание Вест предизвика огромен медиумски интерес, а верувале или не, почетокот на шоуто беше одложен со час и половина за да пристигне славниот пар. И покрај тоа, Ким и Кание пристигнаа на своите места пред крајот на ревијата.

Стефан Ролан Стефан Ролан

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11101 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.