Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската модна недела – колекции пролет/лето 2015

Париската модна недела – колекции пролет/лето 2015

Во Париз заврши едномесечната турнеја на модната тајфа низ четирите светски модни метрополи. Градот на светлината и љубовта понуди мали голтки драматичност, театралност, лежерност и бунтовност, привремено гасејќи ја жедта за естетски атрактивни спектакли на љубопитната публика.

Ателјеата на модни куќи како Диор, Шанел, Луј Витон, Ели Сааб, Жан Пол Готје и Валентино ги открија креативните визии на дизајнерите за сезоната пролет/лето 2015.

Шанел

Шанел организираше моден протест и ги разгоре разговорите на тема феминизам. Манекенките дефилираа на вештачки создадениот „Булевар Шанел“ со транспаренти како „Ladies First“, „Boys Should Get Pregnant Too“, „History is Her Story“, но и „Free Freedom“, „Make Fashion Not War“, „Tweed Is Better Than Tweet“. Некои аплаудираа на обидот на Карл Лагерфелд да ја стави на пиедестал борбата за еднаквост на жените и мажите, но многу феминистки не се убедени дека ставовите на Карл имаат место во феминистичкото движење. „Сметав дека ќе биде забавно да направам протест на тема кон која многу добро можам да се адаптирам. Мајка ми беше феминистка“ – изјавил Лагерфелд.

Ревија Шанел

Колоритен уметнички принт, широки поткусени панталони, костуми од твид, дезени инспирирани од калдрма низ која никнуваат разнобојни цвеќиња... Лагерфелд го насочи погледот кон улиците и им даде на жените облека за секојдневието. „Ова не беше за моменти на црвениот тепих, туку за облека која можат да ја носат сите жени“ – објаснил тој.

На ревијата беше претставена и новата чанта на модната куќа, која го позајмува изгледот на класична Шанел јакна, чии издолжени ракави служат за да се врзе на половината или на рамената.

Chanel Chanel

Диор

Раф Симонс заталка во 18-ти век, но се обиде и да ѕирне во иднината за да креира изглед со кој ќе ја примами модерната жена. Инспирирајќи се од силуетите од времето на Марија Антоанета, астронаутски комбинезони и облека типична за францускиот суд во 18-ти век, Симонс ја продолжи модната приказна која ја започна со најновата колекција висока мода. Долги елеци и бермуди се вбројуваат меѓу клучните парчиња.

Симонс се фокусираше на кроевите, избирајќи архитектурен пристап, исто како и самиот Кристијан Диор.

Dior Dior

Валентино

Дизајнерите Марија Грација Киури и Пјер Паоло Пичоли континуирано восхитуваат со поетски и романтични колекции, па и сега не направија исклучок. Обичајот „Големата турнеја“, едукативно патување на кое тргнувале младите Европејци во 18-ти век со цел да ја истражуваат уметноста, филозофијата и традицијата на Италија, му ја донесе неопходната инспирација на креативното дуо.

„Тоа е патување, но и рефлексија на она што сме. Тоа е ослободување на радост и поток на осознавање, фрагменти на спомен“ – рекол Пичоли.

Valentino Valentino

Луј Витон

Никола Гескиер не разочара со втората колекција за Луј Витон. Амбициозниот дизајнер на почетокот на ревијата си поигра со богати текстури, потоа премина кон лелеави креации кои шармираа со леснотија, а заврши со весел танц помеѓу луксузно кадифе и светкави ткаенини.

На публиката ѝ беше најавено дека ќе биде поведена на патување низ времето, но во реалноста најголем дел од креациите потсетуваа на стилот од 70-тите години.

Louis Vuitton Louis Vuitton

Ели Сааб

Ели Сааб внесе освежителни промени во дизајнерската формула, имплементирајќи повеќе принтови и стишувајќи го блескавиот гламур. Флуидност, асиметричност, перфорирани ткаенини, омбре ефект... колекцијата „Dive Into the Deep Blue“ е проткаена со возбудливи изненадувања, а е инспирирана од морските длабочини.

Ревијата започна со креации со колоритен дезен и црно-бели спортски ленти, продолжи со транспарентни креации од романтична тантела, достигна кулминација со фустаните со драматична градација на бои, а заврши со црни, бели и сини креации со блескави декорации.

Elie Saab Elie Saab

Жан Пол Готје

Готје организираше натпревар за убавина за да ја претстави својата последна женска ready-to-wear колекција и најави дека целосно ќе се фокусира на своите колекции висока мода. Мисиците парадираа на сцената, забавувајќи ја публиката. Особено впечатлива беше секцијата „Miss Rédactrice du Mode“, посветена на уредничките на модните списанија, во рамките на која манекенките го копираа препознатливиот изглед на уреднички како Карин Ројтфелд и Грејс Кодингтон.

Модната забава на театралниот Готје беше проследена со огромен интерес и малкумина внимаваа на самата облека. „Збогувањето“ на францускиот ексцентрик ги потсети на неговата откачена смисла за хумор и нескротлива креативност.

Jean Paul Gaultier Jean Paul Gaultier

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9464 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.