Почетна » Убавина и мода » Лице » Сончеви пеги: Зошто се појавуваат и како да ги избелите?

Сончеви пеги: Зошто се појавуваат и како да ги избелите?

Пегите му даваат шарм, индивидуалност и уникатност на лицето и верувале или не, се посакувана карактеристика во модната индустрија. Сакајќи да го избегнат „вештачкиот“ ефект кој го има беспрекорната кожа, многу модни куќи и стилисти ангажираат модели со пеги, а во некои случаи, мејкап артистите намерно цртаат пеги по лицата на долгоногите убавици.

Сепак, пегите не се појавуваат само на лицето, а неретко жените се обидуваат да ги избелат, сметајќи ги за маана.

Девојка со пеги

Што се сончеви пеги и зошто се појавуваат?

Сончевите пеги, медицински познати како ефелиди, претставуваат кружни или овални хиперпигментирани формации на кожата со големина 2-4 милиметри. Поголема е веројатноста да се јават кај луѓе со светол тен.

Создавањето на сончевите пеги е предизвикано од УВ зраците. Всушност, зголемената осетливост на УВ зраци и појавата на сончеви пеги се генетски предодредени. УВ зраците го забрзуваат процесот на создавање меланин (пигмент кој го одредува тенот, односно бојата на кожата) во меланоцитите (клетките кои го создаваат меланинот). Според тоа, не се менува бројот на меланоцитите, туку нивната исполнетост со меланин. Циркумскриптно зголемената депозиција на меланин во меланоцитите се манифестира со појава на сончеви пеги.

Каде најчесто се појавуваат пеги?

Сончевите пеги се јавуваат на делови од телото кои се експонирани на сончева светлина и тоа: лицето, вратот, деколтето, подлактиците, горниот дел од грбот, рамената, задниот дел на шаките.

Дали сончевите пеги малигнизираат?

За среќа, сончевите пеги никогаш не малигнизираат. Но, кај луѓето кои се поосетливи на сончева светлина (лицата со светол тен), ризикот за развој на рак на кожата е поголем. Затоа, кај оваа популација особено се советува да ги практикуваат советите за заштита од УВ зрачењето.

Како да спречите појава на сончеви пеги?

Пегите се јавуваат во детството и најчесто се генетски детерминирани. Бидејќи се јавуваат во рана возраст, се советува да се започне со превенција од УВ зраците што е можно поскоро.

Потребно е да ги практикувате следните совети:

  • При излегување, постојано употребувајте крем со заштитен фактор 50;
  • Користете капи со широка стреа;
  • Носете облека која ќе обезбеди поголема покриеност на телото;
  • Избегнувајте престој на сонце во периодот од 10 до 16 часот, особено во лето.

Кои се медицинските третмани за третирање на сончеви пеги?

За жал, пегите перзистираат низ целиот живот. Но, постојат тераписки методи кои можат да ја намалат видливоста на пегите и тоа:

  1. Ретиноиди. Третиноинот или тазаротенот се ретиноиди кои доколку се употребуваат во период од неколку месеци, може значително да ја намалат видливоста на пегите.
  2. Криотерапија со течен азот. Пегите може да се третираат со течен азот со цел намалување на нивната видливост. Оваа терапија уште е позната како „траума со студ“, а успешноста се должи на фактот што меланоцитите се чувствителни на студ и со тоа се подложни на деструкција.
  3. Ласерска терапија. Со помош на ласерската терапија може да се направи селективна деструкција на меланоцитите со што би се намалила видливоста на пегите. Оваа процедура најчесто дава добри резултати и има низок ризик за појава на несакани последици како формирање на лузни или дисколорација.
  4. Производи кои содржат Hidroquinon. Хидрокинонот ја инхибира синтезата на меланин како и дегранулацијата на меланоцитите, а со тоа се овозможува осветлување на пегите и намалување на нивната видливост. За најдобар и безбеден ефект на овој третман, потребно е за време на апликацијата на продуктот со хидрокинон, да се избегнува изложеност на сонце и да се користи крем со заштитен фактор.
  5. Хемиски пилинг. Третманите со хемиски пилинг помагаат во „обелување“ на пегите и ги подобруваат ирегуларностите во пигментацијата на кожата.

Напомена: Доколку сакате да примените некој од овие третмани, консултирајте се со дерматолог.

Природни третмани за избелување на сончеви пеги

Девојка со пеги

Природните лекови за избелување на сончевите пеги имаат изненадувачки позитивни ефекти. Затоа, пред да се одлучите за некој од медицинските третмани, пробајте ги следните лекови кои ги нуди природата:

Сок од лимон

Природните состојки на лимонот особено цитрусната киселина, помагаат во избелување на пегите. Изберете еден од следните рецепти:

  • Исцедете еден лимон и сокот нанесете го на пегите. Нежно масирајте. Оставете го сокот да отстои 10-15 минути на областа што сакате да ја третирате, а потоа измијте се со топла вода. Практикувајте ја оваа постапка еднаш дневно.
  • Земете еден лимон и пресечете го на половина. На пресечената површина ставете малку шеќер и со нежни движења масирајте ја афектираната област неколку минути, а потоа измијте се со топла вода. Практикувајте ја оваа постапка еднаш неделно.
  • Измешајте 1 лажица сок од лимон, 1 лажица мед и малку сол. Ставете ја смесата на областа која сакате да ја третирате и оставете да отстои 10-15 минути. Исплакнете се со топла вода. Практикувајте ја постапката 1-2 пати неделно.

Внимание: По апликацијата на сокот од лимон, секојдневно ставајте хидратантен крем за да не се предизвика прекумерно сушење на кожата.

Мед

Медот е одличен за избелување на пегите затоа што содржи ензими кои помагаат природно да се осветли кожата.

  • Измешајте 1 лажица мед со малку вода и благо загрејте ја смесата додека не се соедини. Ставете ја на областа која сакате да ја третирате и оставете ја да отстои неколку минути. Измијте се со топла вода. Практикувајте ја постапката еднаш дневно.
  • Измешајте 1 лажица пченични никулци и 1 лажица мед. Ставете ја смесата на проблематичната област и оставете ја да отстои 10-15 минути. Измијте се со топла вода. Практикувајте ја постапката 1-2 пати неделно.
  • Измешајте 1 лажица мед и 1-2 лажици јогурт или кисело млеко. Ставете ја смесата на областа која сакате да ја третирате и измијте се со топла вода по 30 минути. Практикувајте ја постапката секој ден.

Кисело млеко

Млечната киселина помага во избелување на пегите особено доколку имате осетлива кожа.

Ставете кисело млеко на афектираната област и оставете го да отстои 10-15 минути. Откако ќе се измиете со топла вода, ставете хидратантен крем. Практикувајте ја постапката еднаш дневно.

Папаја

Состојките што ги содржи папајата овозможуваат нежна ексфолијација на кожата и паралелно ја поттикнуваат регенерацијата. Се смета дека ензимите во папајата ја инхибираат продукцијата на меланин. Доколку имате можност за избор, одлучете се за зелената папаја, бидејќи таа е побогата со потребниот ензим.

Земете парчиња папаја, ставете ги во блендер и направете униформна смеса. Во смесата може да ставите и неколку капки лимон. Оставете ја на проблематичната област да отстои 15 минути, а потоа измијте се со топла вода.

Краставица

Краставицата има неверојатна моќ за ревитализирање на кожата. Сокот од краставица одлично се справува со црвенилото и пигментните неправилности на кожата. Покрај витамин Е и омега-3 алфа линолеинска киселина, краставицата содржи фитостероли кои ја прават кожата нежна и сјајна.

  • Изрендајте половина краставица и ставете ја смесата на проблематичната област. Оставете ја да дејствува 15 минути. Третманот може да го практикувате секој ден.
  • Исцедете го сокот од краставица и секојдневно ставајте го на лицето.

Банана и нане

Бананата во комбинација со свежо нане природно ја избелува кожата. Бананата содржи салицилна киселина која има ексфолијативно дејство и ги отстранува мртвите клетки од кожата, а нането изобилува со антиоксиданси. Совршена комбинација за сјајна кожа.

Една банана и неколку листови нане ставете ги во блендер. Смесата нанесете ја на проблематичната област и оставете ја да отстои 15 минути. Измијте се со топла вода. Практикувајте го третманот 1-2 пати неделно.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11095 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.