Почетна » Семејство » Бременост » Д-р Татјана Гуржанова: Гестациски дијабетес – појава, откривање, последици и третман

Д-р Татјана Гуржанова: Гестациски дијабетес – појава, откривање, последици и третман

Гестациски дијабетес претставува тип на дијабетес кој се јавува во текот на бременоста. Некаде помеѓу 2-10 % од трудниците ќе развијат дијабетес во текот на бременоста и со тоа, оваа патолошка состојба е најчеста компликација во бременоста.

Во суштина гестацискиот дијабетес е комплициран след на настани што се случуваат во телото на трудницата, но воглавно претставува абнормално зголемено ниво на шеќер во крвта, последователно и во урината.

Њуборн Клиника

Што се случува при појава на дијабетес?

Потребната енергија ја добиваме од храната која во нашиот дигестивен систем се разложува до основни молекули, кои предоминантно се користат за енергија како гликозата. Гликозата влегува во циркулацијата и го стимулира панкреасот да излачува хормон наречен инсулин, кој е основен фактор за да можат клетките од ткивата да ја искористат гликозата како извор на енергија во своите метаболни процеси.

Во одредени патолошки случаи, панкреасот не лачи доволно инсулин и гликозата од крвта не може да се искористи соодветно од страна на клетките во ткивата, наречена Дијабетес мелитус тип 1, или се развива состојба на организмот кога и покрај доволните количини на инсулин, периферните ткива, т.е. клетките се неосетливи на овој хормон и консеквентно на тоа, не можат да ја искористат гликозата од крвта. Како последица, се лачи уште поголема количина на инсулин од страна на панкреасот, се додека не ги исцрпи своите резерви, состојба која е наречена Дијабетес мелитус тип 2. Во обата случаи, доведува до зголемена концентрација на гликозата во крв и урината и контрадикторно на тоа, до глад на периферните ткива и органи.

Бременоста, со хормонот лактоген кој го лачи постелката, доведува до физиолошка состојба која предизвикува лесна периферна неосетливост на инсулин и на тој начин, ја пренасочува глукозата од крвта на мајката кон исхрана на бебето. Но, во еден помал процент на трудници оваа состојба може да ескалира до појава на изразена периферна неосетливост кон инсулинот, абнормална вредност на гликемијата, појава на гликоза во урината – гликозурија и од најблаги до најтешки консеквенции по бременоста и плодот предизвикани од оваа состојба.

Гестацискиот дијабетес по својата патологија одговара на Дијабетес мелитус тип 2. Најчесто исчезнува по породувањето, но пациентката е во поголем ризик да развие дијабетес во наредна бременост или понатаму во текот на животот.

Њуборн Клиника

Како се препознава гестацискиот дијабетес?

Гестацискиот дијабетес се открива со скрининг тест кој се врши од 24 до 28 гестациска недела. Овој тест е задолжителен кај сите трудници во овој период. Во случај да е негативен, а трудницата е со зголемен ризик за појава на гестациски дијабетес, тогаш се реализира подолг тест за глукозо толеранција наречен OGTT тест и се прави во консултација со интернист-ендокринолог.

Кои се ризик групи за појава на гестациски дијабетес?

  • Обезни трудници (БМИ над 30);
  • Гестациски дијабетес во претходна бременост;
  • Појава на шеќер во урина;
  • Повеќе членови на блиското крвно семејство кои страдаат од одредена форма на дијабетес.

Останати ризици за појава на гестациски дијабетес се: ако претходното родено дете било со висока родилна тежина (над 4.250 гр.), необјаснета смртност кај бебето во претходна бременост, висок крвен притисок, возраст на трудницата над 35 години.

Но, бидејќи гестацискиот дијабетес се јавува и во група на трудници кои не влегуваат во ниедна ризична група, се препорачува скрининг на сите трудници кои се постари од 25 години, а во случај на ризични трудници, тестот се прави порано, уште во прв триместер, а се повторува во 24 или 28 гестациска недела.

Какви последици може да има гестацискиот диајбетес по бременоста и по бебето?

Многу е важно во текот на бременоста да се контролира нивото на гликоза во крвта, бидејќи последиците се најразлични.

Самото породување кај овие пациентки е доста комплицирано и почесто се завршува со царски рез. Неконтролираното високо ниво на гликоза во крвта доведува до зголемување на масното ткиво кај бебето, посебно во горниот дел од телото, кое може да доведе до отежнато вагинално породување, заглавување на плодот во вагиналниот канал, наречено рамена дистокија, последователно на тоа до оштетување на нервниот систем на рацете, скршеници на коските при раѓање, па дури и оштетување на мозочето. Затоа, кога се измерува плодот ултразвучно дека е макросомно (над 4.250 гр.), се завршува раѓањето со царски рез.

Кај неконтролиран дијабетес на трудницата, почесто се наоѓаат вродени аномалии кај бебињата, најчесто срцеви аномалии.

Ако навремено не се дијагностицира и третира оваа состојба, бебињата непосредно по породувањето можат да развијат различен степен на хипогликемија, од најблага форма па сè до мозочни оштетувања.

Кај мајката е зголемен ризикот од појава на прееклампсија ако страда од гестациски дијабетес.

Њуборн Клиника

Кои мерки се преземаат во случај на гестациски дијабетес?

Основно е важно да се практикува избалансирана диета, која е всушност добро избалансирана исхрана што содржи протеини, комплексни јагленихидрати и добри масти, како и доволен внес на витамини и минерали неопходни за бременоста. Најдобро е диетата да биде осмислена од страна на стручно лице. Никако не се препорачува гладување или пропуштање на оброци, за да може да се одржува гликемијата на одредено ниво, а потполно треба да се избегнуваат слатки, благи сокови, бел леб, бели тестенини и високо скробни продукти.

Аеробното вежбање во текот на бременоста може многу да помогне кон подобрување на состојбата и се препорачува 30 минути прошетка или пливање во текот на денот, нормално во консултација со гинеколог.

Препораките на исхрана и физичка активност можат да се применат на сите трудници, за да превенираат појава на гестациски дијабетес.

Медикаментозен третман на гестациски дијабетес само по консултација со ендокринолог.

Медицина

Д-р Татјана Гуржанова
Гинеколог-акушер и ИВФ специјалист
„Њуборн Клиника“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11643 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.