Џенифер Анистон навлече бран критики со признанието дека ги прекинала редовните дружби со лица кои не се вакцинирани против КОВИД-19.
52-годишната актерка во интервју за InStyle отворено го искажа мислењето за вакцините и сподели дека се дистанцирала од невакцинираните пријатели.

„Сè уште има голема група луѓе кои се антиваксери или не сакаат да ги слушаат фактите. Навистина е жалосно. Изгубив неколку луѓе со кои се гледав секоја недела кои одбија да се вакцинираат или не кажуваат дали се вакцинирани, што е голема штета. Незгодно е затоа што секој има право на свое мислење, но многу од мислењата се базирани на ништо друго освен на страв или пропаганда“ – изјави таа.
Нејзиниот став поттикна многу дискусии. Гласните критичари допреа до ѕвездата од „Пријатели“ и таа даде појаснување.
Една од нејзините следбенички искоментира: „Но ако таа е вакцинирана, заштитена е, така? Зошто да се грижи за невакцинираните околу неа?“.
Анистон веднаш ѝ возврати: „Затоа што ако го имаш сојот, сепак можеш да ме заразиш мене. Јас можеби ќе бидам малку болна, но нема да завршам во болница или да умрам. НО ЈАС ЌЕ МОЖАМ да му го предадам на некој кој не е вакциниран и чие здравје е компромитирано (или има друга здравствена состојба) и на тој начин јас ќе му го загрозам животот. ЗАТОА се грижам. Мора да се грижиме за сите, не само за себе.“


