Синоќешниот концерт во „Домот на млади“ во Штип, посветен на вечната ѕвезда Тоше Проески, беше обоен со емоции, носталгија и искрена почит. Публиката ја доживеа музиката како мост меѓу минатото и сегашноста, а на сцената се нижеа најголемите хитови на македонскиот ангел.
Детскиот хор „Весело Штурче“ ја отвори вечерта со најчистите детски гласови, кои ја разнежнија публиката.


А потоа следуваа настапите на Bright & Lili Acoustic, The Hounds, Мартинијан Кириловски, Антониа Гиговска, Андријана Петрушовска, Александра Радовиќ, Бени, Мики Секуловски, Наташа Малинкова, Атанас Петров, Марија Данева, Виолета Арсовска & Виктор Манев, Зоран Илиев и Огнен Здравковски. Бендот „No End & Friends“ ги придружуваше сите изведувачи.
Мартинијан будеше емоции со „Тајно моја“ и „Ако ме погледнеш во очи“, Антониа со публиката ги пееше „Јас не сум виновен“ и „Соба за тага“, Виолета Арсовска и Виктор Манев одушевија со „Немир“ и „Ариа“, а Зоран Илиев ја изведе „Усни на усни“ и ги повика сите учесници на бината за „Громови на душа“. Аплаузите беа долги, не престануваа, а во воздухот се чувствуваше љубов каква што Тоше ширеше додека беше жив и љубов што продолжува да ги обединува луѓето и по неговото заминување.
Концертот имаше хуманитарен карактер и дел од средствата ќе бидат наменети за реконструкција на улицата „Тодор Проески“ во Крушево.

















































