Вчера се наврши една година од трагичната смрт на британскиот пејач Лиам Пејн.
Поранешниот член на светски познатата група One Direction почина по пад од балкон во Аргентина, а неговата девојка Кејт Кесиди беше таму со него два дена пред неговата смрт, кога реши да се врати во САД.

26-годишната блогерка постојано споделува моменти со Лиам и не крие дека тој ќе ѝ недостига до крајот на животот.
На годишнината од неговата смрт, Кејт сподели TikTok видео со нивните последни заеднички моменти поминати во Аргентина, на кое двајцата се смеат и се гушкаат.
„Ова видео е снимено во последниот час и последниот ден кој со Лиам го споделивме во овој живот. Засекогаш ќе бидам благодарна за прекрасните моменти кои ги доживеавме заедно. Ќе ми недостигаш до крајот на мојот живот, Лиам“ – стои во описот.


@kateecass This video was taken during the last hour and last day Liam and I shared in this lifetime. I am forever grateful for the beautiful moments we shared. I will miss you for the rest of my life Liam
♬ Jacob and the Stone SLOWED - ssxmusic
Кесиди објави и црно-бела фотографија на која таа и Лиам лежат заедно во кревет. Во описот напиша:
„Денес се навршува една цела година без тебе. Засекогаш ќе ги мразам збогувањата. Ми недостигаш, Лиам.“

И сестрата на Лиам, Рут Гибинс, не остана рамнодушна и објави емотивна порака:
„1 година, 12 месеци, 52 недели, 365 дена... како и да го кажам, сè уште ја означува најболната вистина дека веќе не си тука.“
„Кога заминуваше на турнеја, јас плачев затоа што ќе те нема некое време, но секогаш знаев дека ќе се вратиш. А сега... не можам да те вратам дома, не можам да се сретнам со тебе некаде низ светот, не можам да ти се јавам на FaceTime или да ти испратам порака за да видам како си…“
„Не требаше да умреш. Имам повторувачки кошмар каде што сум во твојата хотелска соба пред да се случи тоа, дека врескам за да те спречам, но не ме слушаш... мозокот ми е заглавен во тие твои последни минути на земјата... минутите кои променија сé.“
„Се надевам дека каде и да си, можеш да ме слушнеш. Љубовта која ја чувствувам кон тебе е бесконечна. Се надевам дека во секој живот ќе имам чест повторно да бидам твоја сестра“ – стои меѓу другото во нејзината порака.



Лиам Пејн почина на 16 октомври 2024 година по пад од балкон во хотел во Буенос Аирес. Имаше 31 година.
