Почетна » Новости » Шоу-бизнис » „Нема да дозволиме омразата да победи“: Аријана Гранде со емотивно писмо најави хуманитарен концерт во Манчестер

„Нема да дозволиме омразата да победи“: Аријана Гранде со емотивно писмо најави хуманитарен концерт во Манчестер

Неколку дена по терористичкиот напад во Манчестер во кој згаснаа 22 животи, а беа повредени 119 лица, Аријана Гранде преку отворено писмо им се обрати на своите фанови и на сите засегнати од трагедијата. Нападот се случи непосредно по завршувањето на концертот на Аријана.

Во текстот објавен на Twitter, 23-годишната пејачка истакна дека нема да дозволи омразата да победи и дека ќе се врати да пее во Манчестер на хуманитарен концерт во чест на жртвите од нападот и нивните семејства.

Писмото има речиси 400 илјади ретвитови и речиси 900 илјади допаѓања. Прочитајте го:

Аријана Гранде

Моето срце, моето најдлабоко сочувство и моите молитви се со жртвите во нападот во Манчестер и со нивните сакани.

Не постои ништо што јас, или кој било друг, би можеле да направиме за да ви ја намалиме болката што ја чувствувате или да ја подобриме ситуацијата. Но, јас ви ја подавам раката и срцето и сè што е возможно да ви дадам вам и на вашите најблиски ако ја сакате или ви е потребна помош од мене.

Единственото нешто што можеме сега да го направиме е да избереме како ова ќе влијае на нас и како ќе ги живееме нашите животи оттука натаму.

Во изминатата недела, непрекинато мислев на моите фанови, на сите вас. Начинот на кој се справивте со ова е инспиративен и ме направи многу погорда одошто можете да си замислите. Сочувствувањето, љубезноста, љубовта, силата и единството кои си ги покажувавте еден со друг изминатава недела се тотална спротивност на одвратните намери кои се потребни за да направиш нешто толку злобно како тоа што се случи во понеделникот.

ВИЕ сте спротивноста.

Жал ми е за болката и стравот кои сигурно ги чувствувате и за траумата која сигурно и вие ја доживувате.

Никогаш нема да можам да разберам зошто се случуваат настани како овој, бидејќи тоа не е во нашата природа и токму затоа не треба да се повлекуваме.

Нема да се откажеме или да функционираме во страв.

Нема да дозволиме ова да нè подели.

Нема да дозволиме омразата да победи.

Не сакам да го поминам остатокот од годината без да можам да ги видам, гушнам или охрабрам моите фанови, на истиот начин на кој тие продолжуваат да ме охрабруваат мене.

Нашиот одговор на ова насилство мора да биде да се зближиме, да си помагаме едни со други, да се сакаме повеќе, да пееме погласно и да живееме подобродушно и повеликодушно одошто претходно.

Ќе се вратам во неверојатно храбриот град Манчестер за да поминам време со моите фанови и да одржам хуманитарен концерт во чест на жртвите и нивните семејства и да соберам средства за нив. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги музичари и на пријателите кои ме контактираа за да бидат дел од покажувањето на љубов за Манчестер. Ќе ви ги споделам деталите штом ќе биде сè потврдено.

Од првиот ден кога започнавме да ја планираме турнејата „Dangerous Woman“, реков дека ова шоу пред сè има цел да биде безбедно место за моите фанови. Место каде ќе можат да избегаат, да прослават, да се излекуваат, да се чувствуваат безбедно и да бидат она што се. Да ги сретнат пријателите кои ги запознале онлајн. Да се изразат себеси.

Ова нема да го промени тоа.

Кога ќе погледнете во публиката на моите концерти, ќе видите прекрасна, разнородна, искрена, среќна толпа. Илјадници лица, неверојатно различни, сите собрани таму поради иста причина, музиката.

Музиката е нешто што на сите на Земјата им е заедничко.

Музиката треба да нè излекува, да нè спои и да нè усреќи.

Па, тоа е она што ќе продолжи да го прави за нас.

Ќе продолжиме во чест на оние кои ги загубивме, нивните најблиски, моите фанови и сите засегнати од оваа трагедија.

Тие ќе бидат во моите мисли и во моето срце секој ден и ќе мислам на нив што и да правам до крајот на мојот живот.

Ари

Непосредно по нападот, кој се случи на 22 мај, популарната Американка напиша дека е скршена од болка, а беше објавено и дека таа ги откажува сите свои концерти од турнејата „Dangerous Woman“ до 5 јуни.

Аријана Гранде Аријана Гранде Аријана Гранде

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11157 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.