Кирил Џајковски е добитник на годинашната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на 46-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Признанието е за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура, а специјалната награда му беше врачена на свеченото затворање на Фестивалот во Битола.

Возбуден од добивањето на значајното признание, тој рече:
„Како музичар и како автор, за мене, филмската музика секогаш била фасцинантна и секогаш сум се прашувал како таа го подобрува филмот, како ги зајакнува емоциите... Имав среќа да работам со исклучителни автори кои со своите остварувања ја ставија Македонија на светската филмска мапа. Горд сум што сум дел од креативниот тим на филмовите на Милчо Манчевски, Александар Поповски, Иво Трајков, Дарко Митревски и други, но ме радуваат и успесите на помладата генерација на новите филмски таленти како Тамара Котевска, како Ѓорѓи Унковски, кои ја продолжуваат успешната македонска филмска приказна и потврдуваат дека Македонија има филмаџии од светски карактер.“



Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија, за Џајковски вели:
„Џајковски е филмски композитор, но пред сè познат скопјанец, творец на културната сцена и културниот профил на нашиот град и на нашата држава. Го знаеме од неговиот бенд „Бастион“, потоа се појави во „Леб и сол“ во албумот „Како какао“ и направи еден извонреден исчекор за овој скопски бенд, потоа почна да работи на театарски претстави и на филмското платно, а за неговите диџејски и соло проекти воопшто да не зборуваме. Синоним за современиот македонски звук, Џајковски е еден од најзначајните композитори и продуценти, познат по спојот на традиционални балкански мотиви со современи електронски ритми. Неговата музика е составен дел од најгледаните македонски филмови, меѓу кои „Бал-кан-кан“ и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Прашина“, „Врба“, „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Големата вода“ и „Пиарги“ на Иво Трајков (за „Големата вода“ ја доби наградата за најдобра музика на Фестивалот во Валенсија), како и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски“.







Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ традиционално ја изработува компанијата „Божиновски“.
Фото: Ивона Кочов, Александар Василевски / Femina.mk