Амфитеатарот на античкиот локалитет „Хераклеја“ во Битола синоќа беше исполнет со љубители на музиката и културата, а повод за тоа беше свеченото отворање на Битолското културно лето „Бит Фест“.
Честа да го одржи првиот концерт ѝ припадна на Каролина Гочева, која со многу емоции пееше пред своите сограѓани.
„Фала ви што дојдовте, не очекував да ве видам во толку многу голем број. Одамна не сме се дружеле на оваа наша омилена сцена на сите нас битолчани од 2018 година, кога ги изведував песните од 'Извор' и 'Македонско девојче'. Овојпат, имам нешто малку поинакво. Изминатиот период се навраќам на сите песни кои ја одбележаа мојата кариера, значи има песни од пред 20-тина години. Се надевам дека ги паметите, одамна ги немаме пеено“ – изјави Каролина, по што се заблагодари за поканата да го отвори „Бит Фест“.



„Македонското девојче“ го започна концертот со баладата „Да е сон“, а ја освојуваше публиката и со изведби на хитовите „За нас“, „Хипокрит“, „Од нас зависи“, „Ѕвона“ и „Ајде да летаме“.


























Публиката направи ѕвездено небо на песната „Умирам без тебе“ и моментот беше специјален за сите присутни.

42-годишната музичка ѕвезда го изведе својот дует со Тоше Проески „Немир“, а ја отпеа и неговата прекрасна балада „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.




















„Добровечер и добредојдовте на свеченото отворање на 14-тото издание на битолското културно лето „Бит Фест“. Битола и вечерва потврдува дека е град кој живее со културата, град во кој низ различните историски периоди се создавале, наградувале и промовирале карактеристични културни обележја кои денес се наше богатство, гордост и должност. Токму затоа и културните настани кои се случуваат во Битола, секогаш треба да бидат одраз на спецификите со кои се гордееме и преку нив да ја промовираме македонската култура и традиција“ – рече во својот говор градоналачникот на Битола, Тони Коњановски.









Пред да се појави Каролина на сцената, спектакуларен огномет го осветли небото над античкиот театар „Хераклеја“.





Фото: Ивона Кочов / Femina.mk