Крис Нот е обвинет за сексуално злоставување на две жени. За да ја заштитат нивната приватност, двете жени користат псевдоними – Зои и Лили.
Тие ги раскажаа своите приказни за The Hollywood Reporter, а ѕвездата од „Сексот и градот“ ги негираше обвинувањата. Зои и Лили тврдат дека настаните се случиле во 2004 и 2015 година.

Зои (40) и Лили (31) велат дека промоцијата на продолжението на „Сексот и градот“ им пробудила лоши спомени поврзани со славниот актер.
Приказната на Зои
Во 2004 година, по завршувањето на факултетот, 22-годишната Зои се преселила во Лос Анџелес каде се вработила во фирма со која соработувал Крис.
„Ќе дојдеше на моето биро и ќе флертуваше со мене. На некаков начин го доби мојот број и ми оставаше пораки на мојот телефон од работа. Мојот шеф ми велеше: ‘Мистер Биг ти остава пораки на говорната пошта’. Тогаш беше пикот на популарноста на Сексот и градот. Тој ни беше како бог“ – рекла таа.
Една вечер, Нот ја поканил Зои во базенот во неговиот апартман во Вест Холивуд. Ја одбила поканата, но по краток период, Зои заедно со пријателка го посетиле Нот.
Тие уживале во џакузито и разговарале за книга, која била материјал за обработка за проект на кој работел Нот. Тој ја замолил Зои да ја прочита книгата и да му даде свое мислење.
Кога Зои по неколку денови наминала во апартманот на Нот да му ја врати книгата тој ја бакнал. Таа му возвратила на бакнежот, а потоа рекла дека ќе се врати кај својата пријателка.
Зои објаснила дека бакнежот не ја вознемирил, бидејќи сметала дека тоа ќе биде смешна приказна која ќе им ја раскаже на пријателките. Но, потоа тој ја повлекол кон себе и ја одвел до неговиот кревет. Ѝ ги соблекол кратките панталони и бикините и започнал да ја силува од назад. Таа била насочена кон огледало. „Беше многу болно и јас извикав ‘Престани’. Но, тој не запре и му реков ‘можеш ли барем да земеш кондом?’, а тој ми се насмеа“ – се сеќава Зои на моментот на злоставувањето.
„Кога беше сè готово, забележав дека има крв на мојата маица. Излегов од таму и отидов во апартманот на мојата пријателка (во истата зграда). Веднаш се упатив во бањата и се обидов да ја измијам крвта од маицата. Тие сакаа да знаат што се случи, но јас само сакав да си одам дома“. Нејзината пријателка ја следела и ѝ велела „Ме плашиш. Мораш да ми кажеш што се случи. Нешто не е во ред, ќе те одведам во болница“.
Двете пријателки побарале помош. „Ми ставија конци. Двајца полицајци дојдоа, но јас не им кажав кој беше“ – објаснила Зои.
Долг период потоа, Зои имала кошмари и потешкотии да се концентрира на работата. Во 2006 година, таа започнала терапија. „Го закопав колку што можев подлабоко, но воопшто не се чувствував добро и по препорака, отидов на лекување“ – вели таа.
Приказната на Лили
Лили, која сега е новинар, изјавила: „Не сум сигурна како постапувате за ваква приказна и како ги наоѓате другите жртви. Но, кога го видов него како ја репризира улогата во продолжението на Сексот и градот нешто се пробуди во мене. Толку години го закопував во мене.“
Во 2015 година, таа работела како келнерка во ноќен клуб во VIP делот каде го запознала славниот актер. „Тој ми се додворуваше, а јас бев поласкана. Знаев дека е оженет, за што ми е срам да признаам“.
Лили имала 25 години, а Крис 60. Тој ја повикал на состанок, а таа прифатила, бидејќи го обожавала како актер.
Заедно испиле многу алкохол, а откако затворил ресторанот, Крис ја поканил во неговиот апартман. „Не бев супер сексуално активна“ – рекла таа и додала дека се срами што не помислила дека тој ќе се обиде да има секс со неа. „Мислев дека ќе пиеме виски и дека ќе разговараме за неговата актерска кариера. Што сега звучи многу глупаво“ – вели Лили.
„Mи рече дека бракот е измама и дека моногамијата не е реална. Тој имаше секс со мене од назад на столица. Бевме пред огледало. Речиси плачев додека се случуваше тоа. По завршувањето, отидов во бањата и се облеков. Се чувствував ужасно. Комплетно искористена. Исчезнаа сите мои соништа со оваа ѕвезда која ја сакав со години“ – вака Лили го опишува моментот.
Следниот ден, холивудскиот актер ѝ оставил неколку пораки велејќи ѝ да не им кажува на пријателките и целата случка да остане меѓу нив.
Крис бил контактиран за коментар во врска со обвинувањата.
„Обвинувањата против мене направени од индивидуи кои сум ги запознал пред многу години, дури и децении, се лажни. Овие приказни можеа да се појават пред 30 години или пред 30 дена – не секогаш значи не, и таа линија ја немам преминато. Средбите беа консензуални. Тешко е да не се доведе во прашање времето на објавување на овие приказни. Не знам со сигурност зошто сега излегуваат во јавност, но го знам ова: јас не ги нападнав овие жени“ – изјавил Нот.
