2017 година беше полна со среќни настани за Кијара Ферањи. Пред неколку месеци популарната модна блогерка се радуваше на својата свршувачка, а сега ја сподели прекрасната вест дека ќе стане мајка.
30-годишната Италијанка и нејзиниот свршеник Федез ја објавија веста за бременоста на своите профили на Instagram. И двајцата споделија фотографии на кои Федез носи капче со натпис „Тато“, а Кијара розово венче со натпис „Идна мајка“.
Во описот на фотографијата Кијара напиша: „Еј, дечки… Наскоро ќе бидеме родители. Сега сум во петтиот месец од бременоста и едвај чекаме да го запознаеме бебенцето. Животот е прекрасен“.
Ферањи потоа објави и слатко видео на Instagram во кое Федез ѝ го бакнува трудничкото стомаче и му зборува. Во описот на видеото стоеше: „Ви благодарам на сите за желбите за ова ново поглавје... Оваа година беше најмагичната која досега сум ја искусила“.
Фотографија на Instagram објави и Федез, а својата радост ја опиша со следните зборови: „Среќни сме што ја споделуваме со вас најголемата радост во нашите животи. Наскоро ќе бидеме тројца! Би сакале да можевме да почекаме малку подолго пред да ви кажеме, поради внимателност и суеверие, но веќе немаше поента да чекаме штом сите претпоставуваа. Сѐ започна тука во Њујорк, пред пет месеци“.
Објавена беше и фотографија од првиот ултразвук, а Федез се пошегува дека бебенцето е сега големо колку авокадо.

Славниот италијански пар се вери во мај оваа година. За време на свој концерт во Верона, Федез ја повика Кијара на сцената и ѝ го постави судбоносното прашање пред целата публика.