Секој матурски фустан носи своја приказна, а приказната за креацијата на матурантката Ана Тасевска од Битола е спој на мода, пријателство и остварени соништа.
На својата матурска вечер, Ана блесна во уникатна креација на младиот дизајнер Александар Ортаковски, кој стои зад брендот TAO. Она што започна како детско ветување – дека токму тој ќе го дизајнира нејзиниот фустан – прерасна во вистинска модна магија.
Во разговор за Femina.mk, Ана открива што ја инспирираше, како изгледаше процесот на создавање на фустанот и зошто овој момент ќе го памети засекогаш.

Младата девојка сподели со нас што најмногу ја привлекло кај самата креација и како течела соработката со Ортаковски.
„На матурската вечер носев custom-made фустан, креација на Александар Ортаковски и она што најмногу ме воодушеви беше материјалот на фустанот. Заедно со Александар, вложивме многу труд за да го пронајдеме токму во нијансата што ја имав замислено. Беше вистински предизвик да се поклопат нијансите на двата различни материјали во што и успеавме. Дополнително, најмногу ме привлече начинот на кој беа искомбинирани овие два различни материјали во еден фустан, софистицирано и уникатно.“
„Искуството со него како млад креатор беше навистина позитивно. Соработката течеше одлично, имавме постојана комуникација, меѓусебно се согласувавме и секоја идеја ја доработувавме заеднички.“


„Како секоја матурантка, така и јас имав некои идеи како би сакала да изгледа мојот матурски фустан, кои ги споделив со креаторот Александар. Тој ги сослуша моите идеи, ги прифати и со неговото повеќегодишно искуство во модата ми го креира моделот. Не само што го креира мојот модел, туку како добар стилист ми помогна во целосниот стајлинг при изборот на модни додатоци.“

Ана ни откри дека оваа креација има специјално значење за неа, бидејќи е остварување на сон и исполнување на детско ветување.
„Креацијата што ја носам не е само фустан, таа има длабоко емотивно значење за мене. Со дизајнерот Александар нè врзува пријателство уште од најраните години. Јас со восхит го следев неговиот исклучителен талент за дизајн и страст кон модата.“
„Добро се сеќавам на едно ветување што ми го даде, дека токму тој ќе го дизајнира мојот матурски фустан. Денес тоа ветување стана реалност. Овај фустан не е само модно дело, туку спој на пријателство, доверба и остварен сон. Горда сум што токму Александар, денес како основач на неговиот веќе надалеку познат бренд TAO ja направи таа реалност.“


Шармантната битолчанка била пресреќна со резултатот од соработката со Александар и добила многу позитивни реакции од своите соученици и роднините.
„Се чувствував навистина среќно и гордо што носам custom-made фустан достоен на високата мода во кој се препознав целосно.“
„За фустанот добив многу убави зборови и искрени реакции од моите роднини и пријатели.“
„Освен што изгледаше впечатливо, самиот фустан беше исклучително лесен за носење што за мене беше многу важно. Материјалот што се спушташе преку рамениците ми создаваше чувство на елеганција.“


„Според мене, оргиналното изразување преку мода на ваков настан е одлична можност секоја матурантка да ја прикаже својата личност. На идните матурантки би им препорачала да не се плашат и да дадат шанса, да му овозможат на креаторот да ги претвори нивните идеи во реалност.“


