Почетна » Новости » Занимливости » Љубовта победува: 12 лекции кои ги научив од мојот 12-годишен брак

Љубовта победува: 12 лекции кои ги научив од мојот 12-годишен брак

Бракот не е игра на делење на обврските „пола-пола“ и не е патување исполнето само со среќни моменти. Бракот бара напорна работа, способност да ги одржите живи авантуристичкиот дух и спонтаноста, желба да се поддржувате еден со друг кога животот ќе си поигра со вашите очекувања, волја да го ставите зјапањето во очите на партнерот пред зјапањето во телефонот.

Џастин Риклефс е сопруг и татко на пет деца, кој постојано истражува и бара начини како луѓето повторно да започнат да ги ценат нештата кои се најважни во животот. Неговите текстови се однесуваат на бизнисот, бракот, здравјето и родителската улога.

Прочитајте го текстот на Риклефс насловен „12 лекции кои ги научив од 12-годишниот брак“, кој ќе ве убеди дека вреди да се борите за својот брак и дека на крајот на краиштата, љубовта победува сè.

Во текот на 12 години, мојата сопруга и јас поминавме низ многу нешта.

Џастин Риклефс

Стапивме во брак пред да завршам факултет. Набрзо таа забремени со нашето прво дете. Јас завршив факултет. Ново бебе. Два спонтани абортуса. Уште четири деца.

Кога се роди најмалото, ние имавме пет деца под 8-годишна возраст.

Поседувавме четири различни дома. Имавме изнајмено и куќа и стан. Пет различни работни места во четири различни компании. Живеевме во четири града.

Во секој поглед, животот ни течеше забрзано.

Во текот на тие 12 години, научивме многу. За себеси, еден за друг, за важноста на бракот. И зошто вреди да се бориме за него.

Бевме млади, заљубени и подготвени за брак кога си рековме „Да“ на почетокот од нашите дваесетти години. Но, тоа се разбира не значи дека навистина бевме подготвени.

12 години подоцна, ги споделувам 12-те лекции кои ни станаа јасни за бракот:

  1. Очекувањата за делење 50/50 водат до разочарување. Имаше период кога го гледавме бракот како игра, како натпревар. Ако јас го направам ова, ти треба да го направиш тоа. Да се сретнеме на средина. Ако направиш 20 нешта, и јас ќе направам 20 нешта. Таков тип на игра. Но, вистинската работа започнува кога еден од вас нема да може да стигне до средината. Кога од другиот ќе зависи дали ќе го помине тоа дополнително растојание. Можеби тој сооднос одреден период ќе биде 90/10 ако брачниот партнер е болен, под стрес или можеби депресивен. Не го гледајте бракот како табла за поени, бидејќи на тој начин еден од вас секогаш ќе биде губитник.
  2. Поканете авантури во бракот. Кога почнавме да се состануваме со Брук, се трудев многу. Одевме на долги екскурзии, ѝ приготвував вечери со свеќи, работев напорно за да ја освојам. Кога годините и обврските се натрупаа, многупати дозволив огнот да згасне. Не мора да одите на патување во Париз за да ја одржите авантурата жива. Тоа може да биде непланиран краток престој во близок хотел, неочекувано ангажирање бебиситерка за да имате една слободна вечер или можеби едноставна рачно напишана порака. Внесете авантура во вашиот живот.
  3. Прво бакнувајте се еден со друг. Не велам дека сум безгрешен во ова, но откако ќе се вратам дома од работа, гледам прво да ја бакнам Брук пред да ги бакнам нашите пет деца. Тоа е ситница која укажува на нешто многу позначајно. Според мене, за да бидам добар татко, прво треба да бидам добар сопруг. Во спротивно, ние би станале цимери кои заедно растат деца.
  4. Издржливоста понекогаш најдобро ја опишува љубовта. Беше лесно да ја сакам Брук кога бевме младенци. И нејзе ѝ беше лесно да ме сака во среќните периоди. Но, многу потешко е да се бориш за љубовта кога ќе изгубиш бебе. Или кога ќе имаш огромни финансиски грижи. Или кога ќе признаеш многу грозна тајна за себе. Бајките се одлични за филмови, но вистинскиот живот многу често е хаотичен, збунувачки и непријатен. Имајте разбирање кога ќе стане тешко.
  5. Вистинскиот живот се случува во монотоното секојдневие. Големи унапредувања, раѓање бебиња, купување на куќа од соништата... Да, среќните мигови се одлични. Но, повеќето денови се обични. Јас сум виновен што ги пропуштав малите нешта додека се обидував да ги реализирам големите. Сега сфаќам дека животот се случува во тие мали моменти и затоа учам да го сакам секој миг од патувањето исто толку колку и крајната дестинација.
  6. Физичката блискост не значи дека си присутен. Враќањето дома порано од работа, ангажирањето на бебиситерка за да излезете на состанок и одењето на одмор без децата се одлични работи. Но, физичката блискост не е еднаква на емотивна блискост. Кога имате можност да бидете заедно физички, бидете присутни и емотивно.
  7. Споредувањето со другите ја убива радоста. Во време кога луѓето ги покажуваат своите животи на Facebook само во разубавена верзија, многу лесно може да се почувствуваш како твојот брак да е за никаде. Кога ќе започнам да ги споредувам нашите пари, куќата, постигнувањата на децата и бракот со она што оддалеку го гледам кај другите, јас губам. Тоа ми ја краде радоста. Секогаш ќе има луѓе кои ќе имаат повеќе. Не ја играјте таа игра.
  8. И двајцата ќе имате можност да се откажете од бракот. Сите знаеме бракови кои завршуваат со болка наместо со прослава, со развод наместо танцување на забава по повод 50-годишнината. Брук и јас сфаќаме дека постојат денови кога е далеку полесно да се откажеме отколку да продолжиме да се бориме. Но, секој ден ние избираме да се посветиме еден на друг.
  9. Преземајте иницијатива за доброто на другиот. Во нашето семејство често разговараме за тоа дали сме давачи или примачи. Дали даваме и им служиме на другите или само земаме и искористуваме? Јас сум убеден дека животот најдобро се живее кога инвестираме во доброто на друг.
  10. Живејте во заедница. Бракот е тежок и хаотичен, но исто така е и убав. Доколку живеете изолирани, можно е да паднете во искушение да се откажете. Но, штом сте опкружени со пријатели и роднини кои ги знаат не само вашите силни страни, туку и вашите проблеми, сфаќате дека имате поддршка и охрабрување.
  11. Дали ќе ми опростиш? Да бидеме искрени, кога сме во брак заемно се повредуваме многу почесто отколку што сакаме да си признаеме. Кажуваме добронамерни лаги, забораваме важни средби, се лутиме. Има милиони примери. Браковите стануваат посилни кога партнерите започнуваат да си велат „Дали ќе ми опростиш?“, наместо да си ја префрлаат вината и да ја избегнуваат одговорноста. Ова прашање води до обновување и заздравување на бракот и е помоќно од зборот „Извини“.
  12. Љубовта победува. Мојата листа може да продолжи до бескрај. Не ни допрев теми како чесност, издвојување време за состанување и зборување позитивно за партнерот. Но, сите листи на светот нема да ви го зацврстат бракот доколку во него недостига љубов. На крајот на краиштата, љубовта победува сè. Таа покорува, таа брише сомнежи. Таа ви помага кога чувствувате страв. Љубовта победува.
Џастин Риклефс со своето семејство

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11228 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.