Почетна » Новости » Занимливости » „Сè уште немаш деца?“: Текст кој ќе ве замисли и потсети дека некои навидум обични прашања можат да болат

„Сè уште немаш деца?“: Текст кој ќе ве замисли и потсети дека некои навидум обични прашања можат да болат

Понекогаш поставуваме прашања и кажуваме работи без воопшто да размислуваме низ што минува личноста која стои наспроти нас.

Премногу често луѓето си даваат право да коментираат за изборот на жените да имаат или да немаат дете, како и за бројот на деца кои ги имаат. Дури и да се кажани со добра намера, ваквите коментари неретко предизвикуваат тага, фрустрации и болка кај жените.

Писателката Надира Ангал со искрен текст нè замислува и нè тера двапати да размислуваме пред да ги коментираме туѓите одлуки.

Жена

Некаде постои жена: 30 години, без деца

Луѓето ја прашуваат: „Сè уште немаш деца?“. Нејзиниот одговор варира од ден на ден, но најчесто вклучува принудена насмевка и воздржаност.

„Не, сè уште не“ – вели таа со тивка насмевка, придушувајќи ја нејзината фрустрација. „Па, не чекај вечно. Твојот часовник отчукува да знаеш“ – вели „мудрецот“ пред да замине, задоволен со себе што предал толку важна мудрост. Мудрецот заминува. Жената ја задржува насмевката на лицето. Насамо, таа плаче...

Плаче затоа што беше бремена 4 пати и со сите бремености имаше спонтан абортус. Плаче затоа што започна со обиди за забременување уште на свадбената ноќ, а тоа беше пред 5 години. Плаче затоа што нејзиниот сопруг има поранешна сопруга која му има подарено деца. Плаче затоа што очајно посакува да се обиде со инвитро, но не може да си го дозволи тоа. Плаче затоа што неколкупати има правено инвитро и сè уште нема деца. Плаче затоа што нејзината најдобра пријателка не сака да ѝ биде сурогат-мајка. „Тоа би било премногу чудно“ – вели таа. Плаче затоа што нејзините лекарства ѝ оневозможуваат да забремени.

Плаче затоа што овој проблем создава раздор во нејзиниот брак. Плаче затоа што докторот ѝ вели дека со неа е сè во ред, но таа длабоко во себе знае дека проблемот е во неа. Плаче затоа што нејзиниот сопруг се обвинува себеси, а таа вина го прави личност со која тешко се живее. Плаче затоа што сите нејзини сестри имаат деца. Плаче затоа што една од нејзините сестри не ни сакаше деца. Плаче затоа што најдобрата пријателка е бремена. Плаче затоа што треба да оди на бебешка забава. Плаче затоа што мајка ѝ постојано ја прашува: „Ќерко, што чекаш?“. Плаче затоа што свекорот и свекрвата сакаат да имаат внуче. Плаче затоа што сосетката има близнаци и се однесува ужасно кон нив. Плаче затоа што 16-годишни девојки забременуваат без да се обидуваат. Плаче затоа што е неверојатна тетка. Плаче затоа што веќе има избрано имиња. Плаче затоа што има празна соба во нејзината куќа. Плаче затоа што има празен простор во нејзиното тело. Плаче затоа што може да даде многу. Плаче затоа што ТОЈ би бил прекрасен татко. Плаче затоа што ТАА би била неверојатна мајка, а не е.

Жена

Некаде на друго место постои друга жена: 34 години, со 5 деца

Луѓето ѝ велат: „Пет??? Боже Господе, се надевам дека заврши!“. Потоа сите се смеат... бидејќи таквите коментари се смешни. И жената се смее, но не искрено. Ја менува темата, како што прави секогаш, и дозволува непочитувањето туку-така да помине. Насамо, плаче...

Плаче затоа што е бремена со уште едно дете, а чувствува дека мора да ја крие радоста. Плаче затоа што отсекогаш сакала големо семејство и не гледа зошто луѓето се потресени поради тоа. Плаче затоа што таа нема ниту брат, ниту сестра и била многу осамена како дете. Плаче затоа што баба ѝ имала 12 деца и таа посакува да биде како неа. Плаче затоа што не може да си го замисли животот без деца, но луѓето се однесуваат кон неа како тие да се казна. Плаче затоа што не сака да ја сожалуваат. Плаче затоа што луѓето претпоставуваат дека ова не е тоа што таа го посакувала. Плаче затоа што тие сметаат дека таа е неодговорна. Плаче затоа што се чувствува несфатено. Плаче затоа што е изморена да бара оправдувања за своите лични одлуки.

Плаче затоа што таа и нејзиниот сопруг се совршено способни да го издржуваат нивното семејство, но изгледа како тоа да не е важно. Плаче затоа што е изморена од „смешни“ коментари. Плаче затоа што си ја гледа својата работа и посакува и другите да ги ја гледаат нивната. Плаче затоа што и таа некогаш се колеба и се прашува дали требаше да престане пред да ги роди последните две деца. Плаче затоа што луѓето пребрзо критикуваат, а пребавно нудат помош. Плаче затоа што луѓето се груби. Плаче затоа што премногу луѓе имаат мислење за нејзиниот личен живот. Плаче затоа што сè што посакува е да живее во мир.

Жена

Друга жена: 40 години, со едно дете

Луѓето ѝ велат: „Само едно? Никогаш не си посакала уште едно?“. „Среќна сум со мојот единец“ – смирено вели таа, извежбан одговор кој таа го дала многу повеќе пати отколку што може да изброи. Убедлив одговор. Никој не би се посомневал дека насамо, таа плаче...

Плаче затоа што единствената нејзина бременост беше чудо. Плаче затоа што нејзиниот син сè уште бара братче или сестричка. Плаче затоа што отсекогаш посакувала да има најмалку три деца. Плаче затоа што нејзината втора бременост мораше да биде прекината за да се спаси нејзиниот живот. Плаче затоа што нејзиниот доктор вели дека таа би била премногу ризична. Плаче затоа што има потешкотии да се грижи за детето што го има. Плаче затоа што понекогаш едно изгледа како две. Плаче затоа што нејзиниот сопруг не ни помислува на уште едно. Плаче затоа што нејзиниот сопруг почина и таа сè уште не пронашла нова љубов. Плаче затоа што нејзиното семејство мисли дека едно е доволно.

Плаче затоа што е посветена на кариерата и не може да се повлече. Плаче затоа што е малку себична. Плаче затоа што сè уште не ја намалила тежината добиена во првата бременост. Плаче затоа што нејзината постпородилна депресија беше многу сериозна. Плаче затоа што не може да си замисли повторно да помине низ истото. Плаче затоа што има проблеми со телото и бременоста само ќе ги влоши. Плаче затоа што сè уште се соочува со булимија. Плаче затоа што мораше да има хистеректомија. Плаче затоа што сака уште едно бебе, а не може да го има.

Овие жени се насекаде. Тие се наши соседи, наши пријатели, наши сестри, наши колеги, наши роднини. Тие немаат корист од нашите совети или мислења. Нивната утроба е само нивна. Ајде да го почитуваме тоа.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10402 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.