Ана Кртолица-Георгиев е доктор по дентална медицина и мајка на две мали деца. Спојувајќи ги работното искуство, образованието во областа на стоматологијата кое го стекнала во Љубљана и мајчинството, таа го создаде проектот „Повеќе насмевки“. Целта на проектот е преку интерактивни современи методи да се подигне свеста кај родителите и децата за важноста на грижата за забите од најрана возраст. Досега бесплатниот курс го имаат поминато 100 дечиња.

На голема радост на сите родители, веќе 2 месеци во градинката „Грин хаус“ се одржува една несекојдневната едукативна работилница „Пoвеќе насмевки“, наменета за најмалите. Кажете ни нешто повеќе за оваа ваша иницијатива.
Ана: „Повеќе насмевки“ е бесплатна интерактивна работилница, која има за цел да ја поткрене свеста за усното здравје и важноста на грижата за забите од најрана возраст. Всушност, главниот мотив е да создадеме идни генерации со здрави навики, здрави заби и подобро здравје во секоја смисла. Оваа работилница е создадена од ентузијазам и е мој придонес за нашите деца и нашето општество.
„Искуството да се работи со деца
е бесценето“
Минатиот викенд прославивте еден мал јубилеј, 100 дечиња кои го поминаа вашиот курс. Какво беше чувството да се соработува со дечињата на оваа тема, а и воопшто фидбекот кој го добивте од нив?
Ана: Искуството да се работи со деца е бесценето. Минатиот викенд прославивме мини јубилеј, 100 мали експерти по миење заби. 100 дечиња преку креативна игра научија како да се грижат за своите запчиња. Исклучително сум задоволна од резултатите на работилницата. Родителите се воодушевени од самиот настан и од тоа како кај нивните деца се раѓа интерес за миење заби. Ми испраќаат слики од своите деца кои заспиваат со „Дабарот забар“. Тоа е навистина голема сатисфакција, да видите дека трудот што го вложувате вродува плод. Тие дечиња и нивните освестени родители го хранат мојот ентузијазам да наоѓам време и енергија за проектот „Повеќе насмевки“ да живее.


Дали би можеле да направите една проценка какво е нивото на свест кај нас кога говориме за оралната хигиена кај најмладите?
Ана: Морам да признам дека кога го создавав концептот за работилницата, бев скептична дали има доволно освестени родители кои заедно со своите деца би ја посетиле мојата обука. Секако, тука зборуваме пред сè за свеста на родителот, бидејќи тој го воспитува и усмерува своето дете. Денес, можам да кажам дека сум позитивно изненадена од нивниот број. Можеби сме сè уште далеку од некое европско ниво на свест за усно здравје, но овие родители и секако нивните деца, влеваат надеж дека нештата и кај нас ќе тргнат во права насока.
Како дојдовте до идејата да започнете една ваква практична работилница?
Ана: Идејата се роди како комбинација од искуства, професионално и родителско. Професионалното искуство го имам стекнато во Словенија, каде студирав и работев досега. Тоа ми отвори перспектива да можам да споредам до каде сме ние во Македонија на темата усно здравје. А преку родителството, со сите предизвици на воспитувањето, сфатив дека ако јас како стоматолог имам потешкотии да ги измијам забите на своите деца, веројатно и другите родители го имаат истиот проблем. Така, сакајќи да им помогнам на сите родители кои имаат интерес да ги сочуваат забите на своите деца здрави, и притоа да ги мотивирам децата и да ги освестам за забите како орган за кој треба да се грижат, и секако со поддршка од креативен тим, ја создадовме „Повеќе насмевки“.


Студиравте стоматологија во Љубљана, каде по студиите и работевте. Дали сметате дека средината и образованието кое го стекнавте таму влијаеше на одлуката за ваква волонтерска иницијатива?
Ана: Секако. Кога ќе ја промените средината на живеење, па дури тоа и да е некакво кратко патување, секогаш кога доаѓате дома имате материјал за споредба. Јас во Љубљана живеев повеќе од 13 години. Љубљана е мој дом исто како што е и Скопје. Кога живеев таму, ги негував и со себе ги однесов сите позитивни нешта од нашиот менталитет. Кога се вратив назад, со себе донесов искуства кои сакам да му ги пренесам на нашето општество и да придонесам во својата сфера, да се приближиме до некаков европски стандард за усно здравје.
И самата сте мајка на две момчиња, Ведан и Васја, кои се придобивките, а кои недостатоците да имаат мајка-стоматолог?
Ана: Ова е секојдневна тема на разговор во нашиот дом :). Придобивките се тоа што веројатно тие ќе имаат здрави заби. Дури и некогаш да не успееме да ги измиеме, јас секогаш имам џокер во ракавот, па со некој трик сепак легнуваат со чисти заби. Тоа се тие совети кои им ги кажувам на родителите, кои доаѓаат на работилницата. А недостатокот е тоа што сигурно сум им досадна.

Какви планови имате со работилницата „Повеќе насмевки“ за во иднина?
Ана: Работилницата ќе се одржува и во ноември како и досега во градинката „Грин хаус“, вообичаено во сабота. Со тоа ќе ја заклучиме првата сезона. За зима се подготвуваме проектот да посети неколку градинки во нашиот град, а на пролет повторно започнуваме нова сезона во „Грин хаус“. Проектот секојдневно расте и добива нови форми во зависност од условите и потребите, сè со цел да допре до што повеќе родители и деца и да ја оствари својата мисија за идни генерации со здрави заби и здрави навики. Убедена сум дека „Повеќе насмевки“ секогаш ќе живее во некаков облик како дел од семејната ординација „Д-р Кртолица“.