Почетна » Новости » Занимливости » Најмоќните зборови кои можете да ѝ ги кажете на друга мајка

Најмоќните зборови кои можете да ѝ ги кажете на друга мајка

Писателката Дениз Стирк со емотивен текст допре до милиони мајки, потсетувајќи ги дека мајчинството е најсилната врска и дека без оглед на околностите, улогата на мајка може на специјален начин да зближи две жени.

Текстот е посветен на Кристен Спајтек, пријателката на Дениз која неодамна ја изгуби својата 21-месечна ќерка.

Мајки

Пред неколку недели, една од моите најдраги пријателки ја изгуби засекогаш својата 21-месечна ќерка. Слаткото девојче почина ненадејно и неочекувано. Со мојата пријателка живееме на различни страни од државата, па викендов отпатував за да ја посетам. Искрено, бев многу загрижена околу тоа што да ѝ кажам нејзе и на нејзиниот сопруг. Како да пронајдам зборови за да ги утешам? Како да избегнам да кажам нешто погрешно? Сакав да ги пронајдам совршените зборови, бидејќи како писателка, зборовите се еден од малкуте начини на кои навистина умеам да се изразам.

Проблемот беше што јас бев избезумена поради нејзината загуба. Со две здрави деца дома, чувствував дека не можам вистински да се поврзам со нејзината болка. Па како тогаш би ја утешила кога имам многу малку искуство со вакви ситуации? Влегов во нивниот дом наоружана со стихови од Библијата и куп извежбани реченици. Но, во никој случај не можев да предвидам дека ќе бидат кажани толку моќни зборови. Само што зборовите не доаѓаа од мене, туку од неа.

Од неа. За мене.

Баш така. Мојата пријателка, која во тие моменти на ужаленост ми докажа дека е една од најсилните личности кои ги познавам, рече нешто кое засекогаш ќе остане во моето срце. Тоа беше толку едноставна фраза, но допре длабоко во мене. Додека ги опишуваше настаните кои доведоа до смртта на ќерка ѝ, таа се обидуваше да ми ја искаже силната тага која ја чувствувала додека ја држела починатата ќерка во рацете. Опишувајќи го тој момент како најголем кошмар, плачејќи ми рече: „Ти си мајка. Знаеш како е“.

Ти си мајка. Знаеш како е.

Оваа реченица ми го запре здивот и ја изгубив контролата над емоциите, бидејќи во тој момент, поради таа фраза, јас можев да почувствувам колку е голема нејзината тага. Се разбира, и претходно бев скршена поради неа, смртта е тешка за секого. Но, признавам дека не ја разбирав потполно мојата улога како нејзина пријателка или соучесничка во мајчинството.

Тогаш разбрав дека цело време сум ги барала совршените зборови на погрешно место, а требаше само да погледнам кон наједноставната врска помеѓу нас: мајчинството. Да, не можам да знам колкава е болката од смртта на свое дете, но ја разбирам радоста која таа ја чувствувала додека го држела нејзиното дете. Нема зборови со кои може да се опише ужасното чувство да ја изгубиш таа радост.

Освен можеби „Јас знам, јас сум мајка“.

Губењето на дете е најголемиот страв на секоја мајка, независно која е или каква мајка избрала да биде. Оттогаш, секогаш кога се поврзувам себеси со други мајки, ја имам на ум оваа едноставна мисла. Секако, сите ние на различен начин ја исполнуваме својата улога и се грижиме за семејството, но сите имаме едно нешто заедничко: нашите срца се директно поврзани со нашите деца. Поради тоа, сите оние мајчински војни се смешни.

Ти си мајка, ти знаеш како е.

По сето тоа, кога еднаш ја придружував мајка ми на болница за третман со зрачење зашто неодамна ѝ беше дијагностициран рак на дојка, видов млада мајка со мало момче во чекалната. Детето имаше околу 3 години (беше тешко да ја проценам возраста, затоа што тоа беше многу ситно). Носеше наметка како Супермен и болничка маска и беше стуткано во рацете на мајка си. Таа тивко му рече нешто. Моето срце застана. Мене како мајка срцето ми се стегна од болка поради таа мајка. Започнаа да ми течат солзи од очите, и покрај тоа што воопшто не ја познавав. И покрај тоа што бев во чекалната само 30 секунди. И покрај тоа што мајка ми седеше до мене, чекајќи да започне со лекувањето. Ова е лудост, си помислив. Јас не знам која е оваа жена.

Но, она што го знам е дека јас сум мајка.

По извесно време. отидов во ресторан за да купам вечера и една од вработените зборуваше на телефон во тоалетот. Се обидуваше да пронајде бебиситерка која би се грижела за нејзиното дете додека да ѝ заврши ноќната смена. Беше избезумена. Беше вознемирена. Беше лута. Моето срце прескокна неколку отчукувања, а очите повторно ми се наполнија со солзи.

Јас разбирам, јас сум мајка.

Кога отидов кај мајка ми, скршена поради загубата на мојата пријателка, мајка ми се обиде да ме утеши. Ме праша дали сум добро. Таа ме праша мене! А таа се бореше со рак. И тогаш ми светна зошто е толку загрижена за мене.

Таа знае како е, таа е мајка.

Додека патував да се вратам дома, во авионот имаше млада мајка која стоеше на нозе со новородениот син во рацете речиси во текот на целиот лет, бидејќи кога и да седнеше, тој започнуваше да плаче. Изгледаше истоштено и фрустрирано. Често погледнуваше во часовникот, но сепак продолжуваше да ја извршува својата задача, бакнувајќи го постојано неговото ќелаво главче.

Јас знам, јас сум мајка.

Гледате, тоа е жичката која сите нè обединува. Мајките кои ги ограничуваат децата, мајките кои им даваат слобода на децата, мајките кои дојат, мајките кои избрале вештачко млеко, богатите мајки, сиромашните мајки, мајките на болни деца, мајките на здрави деца. Мајки. Лудата, безгранична љубов која ја чувствуваме за своите деца тече низ секоја од нас.

Затоа плачеме на секоја сентиментална реклама. Затоа не можеме да гледаме вести. Затоа плачеме откако ќе ги однесеме децата на училиште на нивниот прв училиштен ден. Затоа алергиите на храна ужасно нè плашат. Затоа срцето нè боли кога ќе слушнеме за нечиј спонтан абортус или проблеми со плодноста. Затоа тинејџерите нè држат будни навечер. Затоа помислата дека нашите деца порано или подоцна ќе го напуштат нашиот дом нè тера да излееме солзи во кафето. Затоа смртта на детето на друга мајка ни го крши срцето...

Но, тоа е и причината поради која треба да ги обвиваме со поддршка сите мајки-колешки. Не само оние кои ги измачува незамислива болка поради загубата на дете, но исто така и оние мајки кои минуваат низ бурен период... па дури и мајките кои имаат само лош ден.

Прегрнете ја и доколку се мачите да ги пронајдете вистинските зборови, знајте дека можеби сè што треба да кажете е „Јас разбирам, јас сум мајка“.

Но, најверојатно вие веќе го знаевте ова. Сепак, вие сте мајка.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11200 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.