Почетна » Новости » Занимливости » Моќен текст на учителка од Хрватска: „Учителке, ве молам не ме прашувајте што сакам да бидам кога ќе пораснам“

Моќен текст на учителка од Хрватска: „Учителке, ве молам не ме прашувајте што сакам да бидам кога ќе пораснам“

Бернарда Југ им одржа моќна лекција на своите ученици за вредноста на секоја професија, а сега таа лекција го обиколува Балканот.

Хрватската учителка во објава на Facebook раскажа случка од нејзината просветна кариера и замисли многумина. Вреди да се прочита:

Ученик

„Учителке, мене ми е срам, ама јас ќе можам да се запишам само за ѕидар, затоа немојте пред сите да ми го поставувате она ваше прашање: Што сакаш да работиш кога ќе пораснеш?“

Знаев. Знаев! Ми дојде да урлам, да врескам, да одам во канцеларијата и да свикам еден ГРАТСКИ родителски состанок!! Состанок на кој ќе биде повикан целиот град! Еден воспитен родителски состанок на кој ќе ги повикам сите оние кои во ова момче всадиле срам спрема занаетчиските професии, спрема чесната работа, на работниците, на мајсторите!

Тој не го измисли ова. Тој знае што мислат сите оние со кои е опкружен.

Знае тој со каков презир се зборува во основните училишта за мајсторите, работниците и селаните.

Тоа го научил прво, уште пред да тргне во училиште.

Тоа го видов со сопствените очи.

„Зошто молчите? Нема да ме прашате за тоа пред сите, така?“ – ме прашува во ходникот и чека.

„Ти благодарам за ова, но сега ќе се договориме нешто. Ќе те прашам и сакам најгордо што можеш, гласно и храбро, да ми одговориш дека сакаш да бидеш ѕидар. Јасно? Останатото препушти ми го мене“.

Беше исплашен, но ми веруваше.

Го поставив тоа прашање на часот. Баш супер се вклопи во часот.

Дојде и неговиот ред. Мојот иден ѕидар. Стана и рече дека сака да биде ѕидар.

Се случи точно тоа од кое се плашев, но и кое го очекував.

Шегаџиите почнаа со своите шеги и исмевања.

„Браво!“ – им заплескав.

„Браво! Додека го поставував ова прашање, во себе се молев да не бидете вие таков клас. Дека имате поголема свест. Дека нема да има вакви реакции. Длабоко сум разочарана од вас. Од утре ќе имаме настава на ливада.“

Урлаа од одушевување, но потоа додадоа: „Но... Надвор има снег... Утре ќе има и мраз... Да... Дожд и мраз...“ – одеднаш кликерите им проработија.

Но, не од вистинската свест, туку од себичната грижа за себе, да не седат на мразот наместо во топлата училница.

„Да“ – им повторив. „А кога снегот и мразот ќе се стопат и ќе дојде лапавица, ќе доаѓате со гумени чизми, бидејќи наставата ќе ја одржуваме во блатото. Ќе стоите цело време. Всушност, дојдете боси.“

„Затоа што и тие чизми ги направиле мајстори занаетчии коишто пред малку ги навредувавте како да сте најлоши луѓе на светот. За што ви е вам школо? Зграда? Куќа? Стан? За што ви е топол дом? Сето тоа го изградиле мајстори ѕидари коишто пред малку ги плукавте во лице.“

„Дома така ве учат?“

„Знаете ли дека ѕидарот во секој ѕид што го ѕида остава дел од себе. Го остава својот грб, своето здравје и своето време?! Мислите дека не треба да бидете паметни за да го изградите ова училиште!? Или кокошарник?!“

Кој од вас ја изградил сам својата соба дома?! Кој?!

Кој си го направил сам креветот?!

Замислете да моравте да правите сè сами. Дали ќе бевте способни?!

Знаете ли што сè треба да знае добриот ѕидар?! Зошто дома со родителите не водите вакви разговори?! Зошто дома кажувате дека некој ученик или некоја учителка идела на училиште два дена по ред во истата кошула?! Тоа ве храни?! Тоа е суштината на животот, растот, развојот, учењето и напредокот?!

Овој младич можеби ќе ви изѕида куќа. Или мене.

Колку многу нешта тој треба да знае за куќата да не се сруши и да испука?!

Не сте размислувале за тоа? Тогаш почнете.

Мајсторите ќе бидат сè поплатени. Бидејќи има сè помалку кои имаат способни, вешти раце, а сè повеќе кои имаат две леви кои знаат само да „инсталираат, даунлоадираат, кликаат и клукаат“.

Сè помалку има градежници.

Сè помалку има луѓе кои создаваат.

Сè помалку има врвни Мајстори.

Никогаш не дозволувај да ти ги украдат соништата. Прво ќе те исмејуваат, но ти биди истраен, потоа шегите ќе те заобиколат и на крајот луѓето ќе ти се восхитуваат.

И затоа – стани ѕидар.

Биди најдобар во тоа. Биди Мајстор за кој ќе се тепаат, кој ќе гради за навек. Биди Фаца. Какви што се вистинските мајстори.

П.С. Ако ова го сфаќаа и го живееја сите учители, децата немаше така да реагираат. Знам дека ме запаметија. Ако. Децата коишто родителите многу ги расипале, ми се налутија мене поради таа лекција, но најголемиот дел од учениците подоцна со солци во очите дојдоа во ходникот за да ми шепнат едно прекрасно скромно, понизно и усрамено „Фала“. Зошто? Затоа што нема сите да бидат доктори, адвокати, економисти. Но, дури и на докторот, а и на сите нам ни треба ѕидар, како што сите еднакво имаме потреба од доктор. Сите сме важни. Сите сме драгоцени.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10284 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.