Почетна » Новости » Занимливости » Мајка на 6 деца вели: „Јас сум најубавата жена на светот“

Мајка на 6 деца вели: „Јас сум најубавата жена на светот“

Дали мислите дека сте дебели, дека имате премногу стрии, или брчки, или преголем стомак, или прекратки нозе..? Дозволете ѝ на Никол Јанковски да го промени правецот на вашите мисли.

Никол е блогерка и мајка на 6 деца (4 од нејзиниот прв брак и 2 од претходниот брак на нејзиниот сегашен сопруг), чиј текст „Јас сум најубавата жена на светот“ стана вистински хит онлајн.

Наутро, секое утро, кога мојот сопруг Мајкл ќе се разбуди, се превртува и ја испружува својата долга слаба рака преку моето тело. Ја сместува брадата на задниот дел од моето рамо, а сувите усни ми ги притиска на увото. И со поспаност во неговиот рапав глас, тој започнува да пее.

Тоа всушност е повеќе како скандирање. Тој не е најдобриот пејач на светот.

Но, зборовите никогаш не се менуваат.

Посакувам да можев да ви ја пренесам и музиката, но доволно ќе бидат само зборовите.

Замислете ме, полузаспана. И замислете го него, неговата полупесна.

„Ти си најубавата сопруга на светот“ – пее тој, а влакненцата на мојот врат и во мојата ушна школка се подигнати нагоре и слушаат.

Носам поткусени хеланки, кои одназад имаат големи дупки во форма на кучешки заби и ребреста бела блуза, без градник.

Се истуширав пред две вечери, барем така мислам.

Косата ми е врзана и залепена на навлаката за перница, која е прекриена со лигавици кои ми протекоа по образите додека спиев.

Излишно е да констатирам дека јас не сум најубавата сопруга на светот.

Веројатно не сум ни во Топ 100. Всушност, кога би се одржал натпревар за најубава сопруга на светот, најверојатно мене ќе ме дисквалификуваат врз основа на должината на влакната на моите нозе.

Но, еве што е работата. Тој навистина верува дека јас сум таа сопруга. Тој навистина верува дека сум најубава.

Јас.

Јас?

Родив четири бебиња пред да го сретнам. Имам стрии на места кои не мислев дека се растегнуваат, зад колената и над ребрата. Имам предолго торзо и нозе кои се толку кратки што не можам да го допрам подот со стапалата додека седам на биро. Тие едноставно висат, како да сум некој чуден недораснат лик од филмовите. Носам фармерки број 12 (европски 42) и поседувам многу мидери. Кога трчам (што се случува само кога ме бркаат), градите опасно ми се подигнуваат нагоре и се насочуваат безмилосно кон мојата глава, со секој мој чекор. И тој го има видено тоа. Во живо.

Го има видено и мисли дека СУМ НАЈУБАВАТА ЖЕНА НА СВЕТОТ.

Постоеја неколку логички одговори кои требаше да ги проучам. Прво, откако го подложив на неколку домашни очни тестови со секоја апликација која можев да ја најдам на мојот телефон, слободно можам да кажам дека тој нема проблеми со видот. Па, објаснувањето дека „тој не ме гледа реално“ отпаѓа.

Второ, со сигурност можам да го отфрлам одговорот дека тој не видел друга жена гола, бидејќи: а) беше оженет пред мене и б) некогаш одамна има видено издание на Плејбој, се разбира, купено и прочитано поради „квалитетните текстови“ и „информативните приказни“.

Па, како е можно тој да ме гледа како толку зачудувачки убава, а кога јас ќе се видам себеси, сè што гледам е... ужас?

За тоа, те обвинувам тебе.

Во ред, не точно тебе, но момчето кое седи на бирото до тебе.

И твојата наставничка во седмо одделение.

И продавачот во Victoria’s Secret кој неодамна ми кажа дека не продаваат градници со моја големина.

Нив ги обвинувам. Ги обвинувам зашто го претставуваат големиот дел од општеството кој не гледа како убаво ништо друго освен конфекциски број 32, 20-годишни или помлади, тело пред раѓање...

Не можам да кажам дека тие не се убави.

Само велам дека се убави и бремените, оние кои носат број 42, ниските, оние кои носат број 36, високите, слабите, постарите, помладите и оние измеѓу.

И ова:

Никол

Тоа е убаво, исто така.

Твојот сопруг мисли така. И ти кажува.

Но, ти не слушаш, нели?

Размисли добро за ова. Додека влегуваш под тушот гола, посакувајќи порамен стомак, твојот сопруг само се обидува да види дел од тебе. Зарем не е така? Ти знаеш дека е така.

Ако се свртиш и му речеш „Еј, ајде да имаме секс тука и сега“, дали мислиш дека тој ќе рече „Важи, но ајде прво да го изгасиме светлото за да не мора да ги гледам твоите стрии“? Навистина?

Еве во што е работата: Додека сопругите мислат дека би биле поубави/посекси/позгодни кога би имале порамен стомак или кога би ослабеле 5 килограми, сопрузите мислат дека нивните сакани се многу згодни токму онакви какви што се.

Се распрашав наоколу. Едногласни се.

Но, всушност, единственото истражување кое ми е потребно е сместено под мојот јорган секое утро. И тоа ми е доволно.

Запрашај се себеси само ова: „Кој вели дека твоето тело не е идеално?“

Само луѓето кои не се важни. Само луѓето кои не те познаваат. Само гласот во твоето уво кој ти вели дека не си доволно добра мајка или дека не заслужуваш покачување на платата или дека не треба да се вратиш на училиште или да го носиш тој фустан. Дали ним треба да им придаваш важност? Дали заслужуваат да им веруваш?

Кој ми вели мене, кој ти вели тебе дека твоето тело е точно какво што треба да биде?

Мажот кој легнува да спие со тебе секоја вечер. Единствениот кој те гледа гола секој ден и кој би оставил сè што прави за да се сретне со тебе каде било и кога било за секс на брзинка.

Гласот кој ми шепоти на уво „Ти си најубавата сопруга на светот“, додека јас ги затворам очите цврсто и му дозволувам да се обиде да ми помогне да поверувам во тоа.

Дали сум најубавата сопруга на светот? Мојот сопруг смета дека сум. А мене тоа ми е сосема доволно.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11608 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.