Почетна » Новости » Занимливости » Кик-боксерката Стефани Тодорова: Физичкиот и менталниот тренинг се важни за здрава индивидуа

Кик-боксерката Стефани Тодорова: Физичкиот и менталниот тренинг се важни за здрава индивидуа

Како врвен спортист и професионалец, сѐ уште се соочувате со големи ограничувања поради пандемијата со КОВИД-19. Забраната за тренинзи во сала уште е на сила, а не е дозволено ниту организирање групни тренинзи. Како ги поминавте овие два-три месеци во кои најдолгиот полициски час, во континуитет, траеше 85 часа?

- Менталниот тренинг во кик боксот е подеднакво важен како и физичкиот тренинг. Свесноста и дисциплината кои ги стекнав, практикувајќи го овој спорт, ми помогнаа да го одржам психофизичкото здравје во добра состојба во овој, за сите тежок, период.

Стефани Тодорова

Како се одржувате во кондиција, односно што тренирате во овој период и каде?

- Физичката активност за време на полициските часови ја одржувам со секојдневни тренинзи во домашни услови, како и возење велосипед и планинарење кога има услови за тоа.

Спортот помага секој човек да се соочи со сериозни психо-физички предизвици а вонредната состојба и физичката изолација, иако не беше социјална, сепак влијаеше на нашата социјализација. Како се справувате со стресот и кои се Вашите совети за полесно да се избегнат последиците од изолацијата?

- Сета таа концентрација и дисциплина стекната преку спортот, иако сега веќе надвор од салата и рингот, ја канализирам во „екстремните“ спортови, како што се читање книга, учење и уметност. Топло ги препорачувам како методи за зафатени ум и раце во конструктивни насоки.

Кик-боксот е во групата на спортови со контакт. Дали има/очекувате олеснување на забраните за овој спорт?

- За жал, сѐ уште, нема ништо конкретно по ова прашање. Дали ќе има олеснување на забраните, сепак зависи и од колективната свест и почитување на препораките од надлежните институции.

Колку отсуството на спорт влијае на мотивацијата кај спортистите за работа и нови успеси?

- Потребата од тренинг со други натпреварувачи и размена на искуства (спаринзите се тоа во овој спорт) е огромна, но забраната за тренинзи во сала и групни тренинзи ќе имаат негативен ефект во крајните резултати на спортистите во сите спортови на/во подолг временски период.

Го држите приматот на непоразен шампион во Македонија во кик лајт и лоу кик дисциплина до 60 килограми во категоријата сениори. Според податоците кои ги најдовме за Вас и во дисциплината кик-лајт (до 60 килограми) во Белград на Светското првенствово 2015 година го освоивте третото место. Кој е Ваш следен предизвик?

- Од 2019 година сум дел од тимот на КБК Работнички-Адора како тренер по кик бокс. Секој тренинг е ново искуство и во оваа нова улога. Пренесување на моето знаење, искуство и љубов кон спортот на членовите на овој клуб ми е огромен предизвик.

Стефани Тодорова

Вие сте и персонален тренер. Интересен е фактот дека сѐ повеќе девојки го вежбаат овој спорт? На што се должи ова?

- Добар пример сум? 😀 Долги години се гледаше на овој спорт како премногу насилен и дека никако не е за женско, но сето тоа е една перцепција на луѓе кои немале прилика да присуствуват на кик бокс тренинг или имале лошо искуство од аспект на водство. Впрочем, физичкиот дел, контактот воопшто и последиците/повредите се дел од секој спорт. Мило ми е што се менува на подобро, посебно бидејќи сѐ повеќе жени храбро се одлучуваат да тренираат кик бокс каде што е најнеопходна родовата еднаквост.

Дел од бенефитите на овој спорт се намалување на стресот, помага за брзо размислување, поголема самодоверба, зголемена флексибилност, подобрува координација и држење на телото, трошење на мноогу калории при изведба/практикување на овој кардио спорт... Според тоа, секоја личност која сака да работи на себе размислува или веќе почнала со овој спорт. На крајот од денот, резултатот е успешен спортист и здрава психофизичка индивидуа која придонесува во општеството и во светот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11066 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.