Хејли Курфман го има најубавиот подарок кој може да го добие една учителка од своите ученици. Таа побарала од дечињата да нацртаат по нешто што ги усреќува на нејзин бел фустан, а резултатот е колоритна креација со уникатна шара.

Учителката од Оклахома ја добила идејата бидејќи во училишната настава не бил вклучен час по ликовна уметност, па решила да ја разбуди креативноста и уметничкиот талент кај децата на уникатен начин.
Второодделенците го исшараа фустанот на Хејли со забавни цртежи и прекрасни зборови. „Тие зрачат кога го носам фустанот“ – вели среќната учителка.






„Секогаш се обидувам да ги подучувам моите ученици да шират добрина и љубезност. Немаме никаква уметност во нашето училиште, па јас се обидувам да вметнувам мали проекти одвреме-навреме. Сметам дека тоа е одлично за изразување на креативноста на учениците и лесен начин за учителите како мене да вклучат малку забавни уметнички проекти во школскиот систем кој не нуди уметност како час“ – додала таа.
Хејли им подарила на секој од учениците по една бела маичка на која пишувало „Љубезност“, а потоа ги замолила да си напишат еден со друг љубезни зборови.

Ова не е прв ваков проект на Хејли. Фустанот кој бил направен минатата година добил прво место на локален натпревар.

