Јавноста ја познава како ведра телевизиска личност и новинарка, но животната приказна на Цеце Николова крие длабоки рани, како и голема сила.
Израсната без родители, во СОС детското село, инспиративната водителка која речиси цел живот се соочува и со алопеција, денес е симбол на истрајност, глас против предрасудите и поддржувач на младите кои го делат истото детство како неа.
„Колку и да не сакам да прифатам, факт е дека предрасудите се дел од мојата приказна, од моето секојдневие, дел од моето постоење. Затоа, сакам колективно да научиме да прифатиме сѐ што можеби не е дел од нашиот дом. Да прифатиме дека луѓето имаат различни животни патишта, да не правиме да им биде уште потешко“ – пишува таа.

Со отворено срце, во видео за комуникациската платформа #НаправиМесто на Telekom, Цеце зборува за стигмата која ги следи децата без родителска грижа и испраќа силна порака:
Јас сум Цеце Николова.
Некои од вас ме познаваат од малите екрани, но она што не го знаете за мене е мојата вистинска приказна.
Најголемата вистина што ќе ја слушнете за мене е дека сум дете без родители. А најголемата невистина дека децата без родители се проблематични, немирни, непослушни, арогантни, невоспитани, несреќни или оставени.
Вистина е дека поради овие предрасуди често се сомневав во себе и често се прашував дали општеството некогаш ќе ме прифати со сите квалитети што ги имам? Дали општеството ќе прифати дека и децата без родители имаат свои квалитети? Дали мојот сон може да стане реалност?
Но, низ животот сепак научив дека мојот сон може да стане реалност. Деца без семејство, деца со трауми, зборови кои одѕвонуваат во секоја моја мисла. Јас научив да сакам луѓе кои што не се мое семејство. Учев да верувам кога светот се сомневаше. Создадов топлина кога животот беше ладен. Имам срце што сака безусловно, раце коишто силно гушкаат и очи што гледаат длабоко во сечија душа.
Јас само ја користам шансата што ми е дадена. Да постојам, да се борам и да бидам повеќе од предрасудите.



ФОТО: Instagram / Cece Nikolova