Викторија Бекам ни дозволува да прошетаме низ нејзиниот живот преку новиот документарен филм кој го носи нејзиното име.
За првпат досега, 51-годишната дизајнерка јавно проговори за борбата со пореметување во исхраната и длабоката несигурност која ја следела од тинејџерските години. Поранешната членка на Spice Girls призна дека не го сакала она што го гледала во огледалото и дека започнала да се однесува нездраво кон своето тело.

„Кога имаш пореметување во исхраната, стануваш многу добар лажго. Никогаш не бев искрена со моите родители. Никогаш не зборував за тоа јавно. Тоа навистина те погодува. Кога постојано ќе ти кажуваат дека не си доволно добра. Претпоставувам тоа ме следеше целиот мој живот“ – изјави Викторија, додавајќи: „Ја контролирав мојата тежина на неверојатно нездрав начин.“


Еден од најболните моменти за Викторија во документарецот е кога се присетува како само неколку месеци по раѓањето на нејзиниот најголем син Бруклин, на ТВ била јавно мерена со вага за водителот да провери дали си ја вратила тежината од пред да забремени.
„Бев мерена на национална телевизија. Се смеевме и се шегувавме, но бев многу, многу млада и тоа ме повреди“ – рече таа.

Нејзина пријателка, која сакала да остане анонимна, изјавила дека и покрај тоа што Викторија го криела пореметувањето, сите нејзини блиски знаеле за тоа.
„Да, сите знаевме. Дома јадеше само варена риба и зеленчук без сол, бибер или каков било сос. Кога и да одеше на настани, не јадеше тоа што јадеа сите, туку нарачуваше само варена храна која доаѓаше додека сите јадеа екстравагантна вечера“ – рекол изворот.


Документарецот открива и друга страна од нејзиниот живот, а тоа е битката за опстанок на нејзиниот моден бренд. Таа признава дека повеќепати морала да побара финансиска помош од Дејвид за да го одржи она што го градела.
„Овој бизнис е сè за мене, тој апсолутно е тоа што сум, но беше пеколно патување. За малку ќе изгубев сè и тоа беше темен, темен период. Порано секој ден плачев пред да одам на работа“ – раскажала таа.
„Целата куќа се рушеше. Ја губев мојата компанија. Ми требаше надворешна инвестиција. Ми требаше нечија помош. Очајно се обидував да си го спасам бизнисот, бев засрамена... Се чувствував како да сум во жив песок. Бев очајна, навистина очајна“ – додала Викторија.
Дејвид, кој се појавува во неколку сегменти од документарецот, откри колку му било тешко да гледа како Викторија се бори.
„Кога се запознавме, таа беше многу побогата од мене. Па, тешко беше кога дојде дома и ми рече дека ѝ требаат уште пари за бизнисот. Тој разговор ми го скрши срцето, бидејќи Викторија е горда жена“ – вели Дејвид.

И покрај сите препреки, во трејлерот за документарецот, Бекам завршува со моќна порака:
„Ми требаше долго време за да стигнам дотука. Нема да дозволам повторно да ми се лизне низ прсти.“