Октомври е месец кога розовата боја станува повеќе од симбол на подигнување на свеста за ракот на дојка. Розовите панделки стануваат потсетници на човечката ранливост и неверојатната сила што ја поседуваат жените, а ги акцентираат исцрпувачките битки со животозагрозувачката болест.
Анжелика Колева е смела хероина која со достоинство и сила помина низ најтешките моменти од борбата со рак на дојка. Инспиративната уметница во искрено интервју за Фемина раскажува за моментот кога ги слушнала зборовите „со сигурност - рак на дојка“ за стравот што го претворила во храброст, за болката што ја претворила во моќ, но и за новата перспектива кон животот.
„Сега сум во ремисија, но додека онкологот не ме симне од таблетарна терапија, не можам да се прогласам за целосен победник“ – вели Анжелика со насмевка, по направена операција, примени 6 хемотерапии и 16 херцептини. „Сега за сега е 1:0 за мене и се надевам така ќе остане.“

Како реагиравте кога првпат ги слушнавте зборовите „рак на дојка“?
- Со сигурност е рак на дојка! Зборови кои ѕвонат кај секоја од нас. Ми требаа два часа да ја преработам информацијата. Да се изнавикам и да застанам исправено за да го решам гостинот.
За моментите по дијагнозата рак, многумина ќе речат „животот ми застана“. Дали и вам ви требаше подолго време да ја процесирате лошата вест или веднаш се мобилизиравте за борба?
- Не чекав воопшто. Нормално е да имаме прашања од типот „Зошто мене?", но тука е што е и треба да се реши. Веднаш закажав операција, инсистирав и другата дојка да се отстрани. Следеше рехабилитација по операцијата и веќе дваесеттиот ден почнав да работам пред да отпочнам со терапии. Не, животот не застанува тука, спротивно е: Состојбата те учи дека треба секој миг, секој ден да продолжиш со функционирање. Јас не застанав.

Кога споделивте со блиските дека пред вас е огромен здравствен предизвик? На кого му се доверивте прво?
- Со моите најблиски веднаш беше споделен моментот, колку и да сакав да ги поштедам од сето ова тоа, беше и е невозможно. Почнаа терапиите, падна косата и фала му на Бога, психичката состојба што ми е силна, па реално одлично поднесов сѐ. Знаеше да ми се слоши, да ме боли целото тело, коските... тоа и ден-денес се случува. Но, го сфатив тоа како дел од секојдневието и дека едноставно немам друг избор освен да бидам храбра и да издржам.
Што најмногу ви помогна да ја задржите психичката сила додека телото се бореше? Имаше ли денови кога не можевте да станете од кревет и што ве поттикна тогаш да продолжите напред?
Анжелика
- Еднаш онколошки пациент – до крај на животот онколошки пациент. Стравови секако постојат од рецидиви, секоја контрола, секоја од нас е под стрес какви се резултатите, но мора да се оди напред, си го сакам животот. Психолошката состојба е најважниот фактор во сѐ ова. Јас сум сликарка и постојано работам, медитирам, пешачам, слушам музика, се дружам и максимално гледам да си го живеам животот.

Дали чувствувавте дека околината знае како да се однесува со вас или луѓето често не знаат што да кажат во деликатни ситуации?‘
Анжелика
- Луѓето околу не знаат како треба да реагираат дефинитивно. На онколошки пациент не му треба сожалување или „Ај добро помина сѐ, заборави го и остави го позади себе, врати си се во претходната состојба на живеење“. Тоа се зборови кои што често ги слушам. Но, не е баш така. Нам ни треба разбирање, ние ниту физички, ниту психолошки не сме веќе истите личности што сме биле претходно.


Ракот на дојка често се поврзува и со чувството на женственост. Како ова влијаеше на вашиот однос со телото, со сопствената убавина и женствена енергија?
- Женственоста ја носам во себе. Не дека е сеедно да ја изгубиш на ваков начин, но јас лично не се чувствувам помалку женствено без града. Не ни размислував, еве цели пет години да ставам импланти. Можеби и ќе дојде тој момент. Секоја различно постапува како што се чувствува.
Што научивте за вашето тело, но и за себе како личност? Денес кога ќе се погледнете во огледало, што си велите?
Анжелика
- Искрено јас не ни сакам да се навраќам каква сум била претходно и да продолжам така да живеам. Тоа ме довело до ова што го преживеав – начинот на живеење. Тоа не значи дека нема да сум тука за мојата фамилија и пријатели, но јас се ставам сега на прво место.
Се трудам да не се нервирам (тоа е „окинувачот“ дефинитивно), благодарна сум за сѐ што имам во животот и секој што е во мојот живот. Го прифаќам и доброто и лошото. Ги балансирам сите ситуации, за да не влијае тоа на моето здравје. И убаво ми е вака. Секое утро си велам себеси онака додека се подготвувам да излезам: „Ти благодарам Боже што ги отворив очиве, што можам да излезам насмеана, да работам, да си ги гледам децата, внуците, мајка ми, сестра ми и сите што ги љубам.“ Поттик ми се токму тие, го сакам нивното присуство околу мене. Си го сакам своето тело, си го сакам животот.

Кога би можеле да ѝ се обратите на „Анжелика од пред дијагнозата“, што би ѝ кажале?
- Кога ѝ се обраќам на онаа Анжелика од претходно секогаш ѝ велам: „Врати си го девојчето во себе, скршна некаде по патот каде што не требаше да појдеш и чувај се“. Секако дека се промени односот кон секого. Како и што споменав, научив да се гледам прво јас, моите потреби и желби... што до тогаш не беше така. Но, научив како е да си ја ослободиш душата од непотребни грижи. И баш се чувствувам убаво во оваа кожа.
Кој момент најмногу ви ја врати надежта, дали тоа било некој збор, гест, насмевка? Оваа борба ви го промени ли односот со семејството и пријателите?
- Јас не изгубив надеж за животот, ми се живее со полна плуќа. Во овие пет години сешто се случи. Добив две внучиња кои ги сакам најмногу на цел свет, имам синови кои се цврсти како карпа и свои. Гледајќи ги колку се среќни со своите избранички, не можам, а да не бидам среќна и задоволна какви мажи сум одгледала и таа мисија ми е најуспешна.



А што се однесува до вашиот поглед на животот по сè што поминавте... Што сега е важно, а порано можеби не било?
- Најважна е љубовта што ја даваме и таа треба да биде постојана, без оглед дали нѝ се возвраќа. За возврат мислам дека сум го очекувала тоа, да бидам сфатена, разбрана, сакана. Но, тоа не можеш да го изнудиш. Да сменам некого или нешто. Сега не. Сега се менувам само себеси.
Денес отворено зборувате за својата приказна, што ве поттикна да ја споделите јавно?
- Јавно говорам за болеста од првиот ден, и ќе говорам додека дишам. Зошто? Затоа што немам што да кријам, давам и земам информации и совети за сѐ што се случува со пациентки. Ова го третирам како состојба. Но, сметам дека мора да се зборува, за рана превенција и така натаму.

Кои се најголемите митови/предрасуди за ракот на дојка што би сакале да ги разбиете?
Анжелика
- Би ги разбила сите митови и предрасуди за ракот. Прво дека не се лечи (се лечи), па понатаму дека ако имаш рак – готово умираш (нели сите тоа прво помислуваат). Не е така, се умира и од други болести за минута. И да: Ако имаме рак, не сме заразни. Обично така нѐ гледаат некои луѓе. Но, тоа е ментален склоп и јас го игнорирам.


Што би им порачале на жените кои се плашат да одат на преглед или мислат „тоа нема да ми се случи мене“?
- Жени, девојки! Превенција, контроли не пропуштајте. Ракот не бира возраст и тоа нема да ми се случи мене. Се случува, затоа превенирајте.
Дали чувствувате дека македонското општество доволно зборува за ракот на дојка или сè уште има тишина и страв околу темата?
Анжелика
- Македонското општество недоволно говори за ракот на дојка. Малку мрднавме од некоја точка, но сѐ уште е табу тема. Дури и помеѓу пациентите. Ја кријат болеста. Зошто не знам, претпоставувам дека е личен избор. Јас не сум една од тие и говорам гласно за да ме слушнат.

Ако овој разговор го чита жена која утре треба да оди на својата прва хемотерапија, што би ѝ порачале?
- Сѐ може да се превенира да не се дојде кога е доцна. Сите оние што веќе ја имаат дијагнозата и одат за прв пат на хемотерапија: Не се разочарувајте! Сѐ ќе помине! Потоа ќе бидете подобро вие. Живејте го секој ден. Ве гушкам сите!

Автор: Даница Караташова Илиоска