Почетна » Здравје » Интимно » Причини за стерилитет кај мажите

Причини за стерилитет кај мажите

Неможноста една двојка да зачне по најмалку 1 година незаштитен сексуален однос со нормална фреквенција се нарекува стерилитет. Поимот стерилитет треба да се разликува од поимот инфертилитет. Стерилитетот претставува неспособност за концепција (оплодување), а инфертилитетот означува неспособност бременоста да се одржи докрај, односно додека детето не биде способно за живот. Тоа значи дека инфертилната жена е способна за концепција, но порано или подоцна во текот на бременоста доаѓа до абортус.

Разликуваме два типа на стерилитет:

  • Примарен стерилитет – кога не e остварено ниту едно оплодување.
  • Секундарен стерилитет – кога пред стерилитетот претходело минимум едно оплодување.

Постојат многубројни причини кои може да ја попречат која било фаза од процесот на концепција. Тие може да потекнуваат и од мажот и од жената. Кај една третина од случаите причина за неплодноста е жената, кај друга третина проблемот е кај мажот, а кај останатиот дел од случаите, причината е или непозната или проблемот е кај двата партнери.

За да може да настане оплодување на јајце-клетката, мажот треба да ги исполнува следните услови:

  • Продукција на здрав ејакулат. Со цел да настане оплодување на јајце-клетката, потребно е ејакулатот да е нормален, односно концентрацијата, виталноста, морфологијата и мотилитетот на сперматозоидите, како и волуменот, биохемиските вредности и pH на семената течност да се во граници на нормала.
  • Проодност на семените канали. Транспортот на сперматозоидите од тестисите до пенисот се одвива преку посебни семени канали. Доколку поради која било причина проодноста на семените канали е компромитирана, сперматозоидите не можат да стигнат до матката за да ја оплодат јајце-клетката.
  • Нормална еректилна функција. Способноста да се постигне и одржи ерекција доволна за сексуален однос е услов за да настане оплодување.

Доколку не се исполнети овие услови може да дојде до појава на машки стерилитет.

Сперма

Најчести причини за стерилитет кај мажите се:

  • Варикоцела. Варикоцелата е честа причина за неплодност кај мажите. Станува збор за варикозно проширување на венскиот систем на тестисите и во околу 90% од случаите се јавува унилатерално, и тоа на левиот тестис. Оваа состојба предизвикува низа промени како зголемување на температурата на тестисите и на интратестикуларниот притисок, а со тоа се нарушува нормалната продукција на сперматозоиди.
  • Абнормалности на сперматозоидите како олигозооспермија (ниска концентрација на сперматозоиди), азооспермија (отсуство на сперматозоиди), астеноспермија (намален мотилитет на сперматозоиди), тератозооспермија (неправилна форма на сперматозоиди) и некроспермија (мртви сперматозоиди) може да бидат причина за отсуство на концепција.
  • Инфекции. Одредени инфекции како кламидија, гонореја, простатитис (воспаление на простата) и орхитис (воспаление на тестисите) предизвикан од mumps-вирусот (заушки) може да доведат до опструкција на изводните семени канали и со тоа да се оневозможи пасажата на сперматозоидите.
  • Абнормална ејакулација. Како причина за стерилитет може да бидат предвремената и ретроградната ејакулација. Ретроградната ејакулација (ретроспермија) е состојба при која сперматозоидите се движат ретроградно (наназад) и завршуваат во урината. Причина за тоа може да биде дијабетес, операции на уринарниот тракт, повреди на ‘рбетен мозок, одредени лекови и др. Предвремената ејакулација е чест проблем кај мажите кој може да го спречи оплодувањето доколку предвремената ејакулација се случува пред пенетрација на пенисот во вагината.
  • Хормонални нарушувања. Најчесто станува збор за машки хипогонадизам (намалена тестикуларна функција) кој може биде примарен, секундарен или терциерен, односно проблемот да биде на ниво на тестиси, хипофиза или хипоталамус соодветно. Стерилитетот може да се должи и на хормонални нарушувања кои потекнуваат од тироидната или надбубрежната жлезда.
  • Крипторхизам. Крипторхизмот (неспуштени тестиси) е едно од најчестите конгенитални нарушувања кај мажите. Тоа е заболување при кое тестисите не се наоѓаат во својата нормална, физиолошка состојба – скротумот, туку заостануваат во процесот на спуштање над ингвиналниот канал (интраабдоминални или ретроперитонеално) или во ингвиналниот канал. Температурата во скротумот е за 0,5-0,8°С пониска од интраабдоминалната, што е услов за нормално одвивање на сперматогенеза (процесот на создавање на сперматозоидите). При крипторхизам, поради патолошката поставеност на тестисот и последователно повисоката температура, настанува оштетување на герминативните клетки (клетките од кои подоцна се создаваат сперматозоидите) уште во првата година од животот.
  • Клинефелтер синдромот е вродено заболување каде што мажот наместо да поседува еден X и еден Y хромозом (XY), поседува дополнително уште еден X хромозом (XXY), што директно влијае врз нормалниот развој на тестисите, односно присутен е примарен хипогонадизам.
  • Еректилна дисфункција. Импотенцијата, односно еректилната дисфункција, претставува неспособност да се постигне или одржи ерекција доволна за сексуален однос. Причините може да бидат од органска или психогена природа. Доколку е присутна еректилна дисфункција, поради неможноста да се оствари сексуален однос, нема да настане оплодување.
  • Опструкција на изводните семени канали. Вродени абнормалности на каналите, траума, операции на генитоуринарниот тракт, инфекции, одредени заболувања како цистична фиброза, се само дел од причините кои предизвикуваат опстукција, го спречуваат транспортот на сперматозоидите и последователно оневозможуваат концепција.
  • Тумор. Малигните и бенигните тумори може да бидат причина за стерилитет. Нивното влијание може да биде директно, доколку го зафатат машкиот репродуктивен систем или индиректно ако се афектирани ендокрините жлезди кои создаваат хормони што се поврзани со репродуктивниот процес.

За жал, кај околу 20% од случаите причината за стерилитетот е непозната. Се смета дека најверојатно стерилитетот во тој случај е резултат на влијанието на повеќе фактори кои потекнуваат и од двата партнери.

Потребен е сериозен пристап кај веќе прогласен стрилитет, бидејќи со утврдување на етиолошките фактори и правилно лекување, може да се дојде до посакуваните резултати.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11158 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.