Почетна » Здравје » Интимно » „До една година, да не се крева аларм“: Д-р Маќули Хаџи-Лега за возраста и неплодноста

„До една година, да не се крева аларм“: Д-р Маќули Хаџи-Лега за возраста и неплодноста

Според Светската здравствена организација, доколку не дојде до забременување во период од една година непречено обидување со незаштитени сексуални односи на партнерите, тогаш веќе се прогласува состојба за стерилитет, условно кажано и веќе партнерите треба да размислуваат во насока да утврдат зашто не доаѓа до забременување и што сè треба да се преземе.

Тоа се и нашите препораки до пациентите – до една година да не се крева аларм, да не се палат црвени светла, да не се брзаат.

Њуборн Клиника

Испитувања при стерилитет

Ако нема бременост по една година обиди, неопходно е да се направат базични испитувања и кај мажот и кај жената
Д-р Хаџи-Лега

Доколку не дојде до забременување во период од една година, тогаш веќе потребно е да се направат оние базични испитувања и кај жената и кај мажот.

Кај мажот се малку полесни, понесеопфатни. Се прави еден спермограм и евентуално хормонален статус ако има некој дисбаланс и кај мажот имаме дијагноза, односно многу брзо се воспоставува дијагнозата. Додека кај жената, имаме малку поширока палета на испитувања. Имено, треба да се направат хормонален статус, микробиолошки брисеви и ултразвучен наод, кој исто така ни е многу значаен. Кога сите тие анализи ќе ги собереме, се донесува еден заклучок што понатаму и што треба да се преземе кај конкретниот пар.

Њуборн Клиника

Во смисла на испитувањата, кај жената може да отстапуваат одреден број на хормони кои се значајни за репродукцијата. Станува збор за неколку хормони преку кои добиваме слика каков е хормоналниот статус на жената.

Микробиолошките брисеви исто така ни се битни, затоа што некогаш можеби и со ете некоја мала корекција доаѓа веднаш до забременување, на пример доколку се работи за некоја обична бактериска вагиноза со коригирање на инфекцијата.

Третата група на проблематики вклучува проблеми со анатомски аномалии, кои што се вродени. Значи аномалии на матката кај жената или цистични формации на јајниците кои со денешните техники многу лесно на ултразвук се детектираат и успешно се менаџираат. Од анатомски аномалии, кај жените најчесто имаме прегради на матката кои со денешните ендоскопски методи, како што се хистроскопија и лапароскопија, лесно се дијагностицираат и отстрануваат, а во минатото беше многу тешко и да се изменаџираат и најчесто беа нерешлива енигма за нас како гинеколози.

Ако станува збор за хормонален дисбаланс, нудиме решение преку лекови (пример за регулирање на пролактинот или тироидниот статус) и успешно ја менаџираме состојбата.

Влијанието на возраста при ин витро постапка

Во некои земји во светот, постои старосна граница за ин витро постапка. Токму во развиените земји, се дозволува изведување на таа постапка просечно до 42-рата или 43-тата година.

Проблемите да се решат кога пациентите се помлади, бидејќи над 40 години потешко се доаѓа до забременување
Д-р Хаџи-Лега

Нашиот закон е малку полиберален, кај нас немаме ограничување временски. Е сега дали сме ние во право или земјите коишто се рестриктивни во тој поглед, јас мислам дека вистината е некаде и на наша страна и на другата страна. И јас не сум согласен да има временски рок на ограничување, но не треба да се чека предолго.

Тука испраќам еден апел до пациентите, доколку имаат проблем, што помлади да се обидат да го решат, затоа што веќе над 40 години навистина многу потешко се доаѓа до забременување и пропратните компликации кои што ги носи бременоста, се многу поизразени кај тие жени. Ете, еден апел навистина да се запази таа старосна граница, да не се чека, со цел најуспешно да се разреши проблемот, на задоволство на пациентите.

Важноста на индивидуалниот пристап при ин витро

Генерално, има неколку протоколи кои што се клишеа, се класика во ин витро постапките. Сепак, и во тие протоколи имаме одредени отстапувања и навистина тој пристап е индивидуален, односно секоја пациентка ја разгледуваме посебно и таму каде што треба да се додаде, додаваме нешто, од кај што треба да се скрати нешто, се скратува. Немаме една генерална шема и шаблони.

Индивидуалниот пристап носи успех, затоа што не сите пациенти се исти и навистина тука доаѓа на прво место умешноста на лекарот кој што се занимава со ин витро, да знае во кој момент треба да додаде или да одземе нешто, кога треба да се прекине некој лек и сл. Индивидуалниот пристап е навистина услов без кој не се може понатаму.

Њуборн Клиника

Што се презема при намалени оваријални резерви?

Секако, кога зборуваме за возраста кај пациентите, над 40-тата година природно е оваријалните резерви да се намалени и редуцирани. Така што, кај тие пациенти сега е полесно со новите можности со донирање на јајни клетки. Исто и кај мажите кои што имаат проблематика со сперматозоидите, многу полесно се одлучуваме. И самите пациенти полесно ја прифаќаат таа вистина, дека треба да се одлучат да одат со донирани јајни клетки. Колку побрзо ќе се одлучат, успехот и резултатите побрзо ќе си дојдат.

При намалени оваријални резерви, имаме две опции
Д-р Хаџи-Лега

Има случаи во кои и покрај предупредувањето на лекарот, дека нема шанси, дека оваријалните резерви се доста намалени, пациентите се навистина упорни и сакаат да успеат со нивни јајни клетки. Тука има големо значење улогата на лекарот, кој што треба да им укаже дека шансите се навистина мали и дека треба да се размислува во поглед на донации.

Кај нас има две можности – пациентите да си најдат донор од нашата држава, односно донирање на доброволна база или доколку не успеат да најдат во нашата држава, тогаш нашата „Њуборн Клиника“ има соработка со неколку Европски банки за јајни клетки од каде се набавуваат. Тој момент на набавка од странство е малце финансиски потежок, затоа што тие процедури не се евтини, меѓутоа кога се работи за сопствено дете и поколение, пациентите навистина се откажуваат од многу работи само да добијат свое дете.

Медицина

Д-р Маќули Хаџи-Лега
Гинеколог-акушер и ИВФ специјалист
„Њуборн Клиника“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 10987 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.