• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Совети за здравјето

Топлотен удар: Зошто се појавува, како да се заштитите и како да реагирате кога некој ќе настрада?

23 јуни 2015, 11:20
  • cподели

Секое лето милиони луѓе се експонирани на екстремно високи температури кои може да доведат до прегрејување на организмот. Прегрејувањето на организмот може да се манифестира како топлотно исцрпување или топлотен удар.

Топлотното исцрпување се случува почесто и е со полесна симптоматологија. Телесната температура е измеѓу 37-40⁰C, а симптомите не вклучуваат длабоко засегање на централниот нервен систем. Доколку топлотното исцрпување не се третира, состојбата се влошува и се јавува топлотен удар.

При топлотен удар телесната температура е над 40⁰С и покрај другите симптоми и знаци, има тешко засегање на централниот нервен систем, вклучувајќи делириум, грчеви и кома.

Лето

Топлотниот удар треба да се разликува од поимот сончаница. Сончаница претставува посебен тип на прегрејување на организмот, каде покрај високата температура, улога игра и дејството на инфрацрвени зраци од сонцето на задтилната регија.

Што е топлотен удар и зошто се јавува?

Човековиот организам во нормални услови има способност да ја одржува константна температурата во внатрешноста на телото (централниот дел).

За тоа во најголема мера се задолжени еден посебен вид на клетки во хипоталамусот, кои го градат т.н. терморегулационен центар. Терморегулациониот центар функционира како еден вид биолошки термостат и ја регистрира секоја промена на температурата во внатрешноста, а потоа соодветно реагира за да ја одржи. Доколку капацитетите за одржување на нормалната температура се надминати, настанува топлотно оптеретување: при екстремен студ – оладување (хипотермија), а при високи температури прегревање (хипертермија) на организмот. Краен степен на прегревање на организмот претставува топлотен удар.

Жена

Кои се ризик фактори за развој на топлотен удар?

При изложеност на висока температура, кај секој човек може да се развие топлотен удар. Сепак, поголем ризик имаат:

  • Новороденчиња и деца до 4 години;
  • Лица над 65 години;
  • Лица со хронично заболување (дијабетес, срцеви болести, висок крвен притисок, белодробни заболувања, метаболен синдром);
  • Лица кои консумираат одредени лекови (трициклични антидепресиви, калциум блокатори, бета блокатори, диуретици, лаксативи и др.).

Дополнителни ризик фактори кои промовираат топлотен удар се:

  • Треска;
  • Нарушување во исхраната;
  • Тешки оштетувања на кожата;
  • Зголемена физичка активност при екстремно високи температури;
  • Живот во урбана средина.

Симптоми и знаци

Во зависност од тежината на хипертермијата, разликуваме различни клинички манифестации.

Симптоми и знаци на топлотно исцрпување

  • Телесна температура во интервал 37-40⁰C;
  • Потење;
  • Збунетост и дезориентираност;
  • Раздразливост;
  • Намалена концентрација;
  • Намалување на крвниот притисок;
  • Главоболка;
  • Гадење;
  • Повраќање;
  • Вртоглавица;
  • Мускулни грчеви;
  • Забрзано чукање на срцето;
  • Вцрвенување на кожата.

Симптоми и знаци при топлотен удар

  • Телесна температура над 40⁰С;
  • Отсуство на пот;
  • Сува и топла кожа;
  • Главоболка;
  • Мускулни грчеви;
  • Вртоглавица;
  • Глад за воздух;
  • Стегање во градите;
  • Забрзан пулс;
  • Забрзано душење;
  • Збунетост и дезориентираност;
  • Делириум;
  • Губење на свест;
  • Кома.

Внимание! Топлотниот удар претставува сериозна здравствена состојба која доколку навреме не се лекува, може да има смртен исход.

Како да помогнете на лице кое страда од топлотен удар?

Со цел да се спречи перманентно оштетување на некои органи, пред сè централниот нервен систем, потребно е веднаш да се реагира и да се даде соодветна помош. Преземете ги следните чекори за да помогнете на лице кое страда од топлотен удар:

  1. Преместете го лицето во просторија со пониска температура. Доколку сте на отворен простор, под сонце, и тоа не е можно, обезбедете место каде лицето нема да биде на директна изложеност на сончевите зраци.
  2. Соблечете му ја облеката.
  3. Ладете го телото со ладна вода. Главната цел е да се овозможи ладење на организмот, односно пад на телесната температура. За таа цел, може да искористите сè што имате при рака: ладна вода, пакетчиња мраз, крпи потопени во ладна вода, градинарско црево со ладна вода и др. За побрзо ладење на телото, ставете ги пакетчињата мраз или крпите потопени во ладна вода, во пределот на препоните, под пазувите и околу вратот. Потребно е телесната температура да достигне околу 38⁰С.
  4. Повикајте брза помош. Откако ќе ги преземете горенаведените чекори, веднаш повикајте брза помош со цел лицето да добие соодветен понатамошен медицински третман.

Доколку забележите дека лицето не покажува знаци за живот (не дише, пулсот е неопиплив), тогаш започнете со кардиопулмонално оживување.

Компликации при топлотен удар

Топлотниот удар може да афектира повеќе органски системи. Во зависност од тоа колку време перзистирала високата телесна температура, може да настане трајно оштетување на централниот нервен систем, бубрезите, црниот дроб и срцето.

Како да превенирате топлотен удар?

За среќа, оваа состојба може да се спречи. За да го заштитите организмот од прегрејување, применувајте ги следните совети:

Жена
  1. Консумирајте доволно количество вода, најмалку 2 литри на ден.
  2. Избегнувајте изложеност на сонце во период од 11 до 16 часот во летен период.
  3. Носете шапки и лесна облека.
  4. Не консумирајте алкохолни пијалаци или пијалаци со кофеин.
  5. Доколку мора да извршувате физичка активност на висока температура, дозволете прво организмот да се приспособи на амбиентот.
  6. Не оставајте лице (особено дете) во затворен паркиран автомобил на сонце.
Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Tags
топлотен удар
летни горештини

Најнови

  • Брус Вилис

    Брус Вилис се придржува за негувателот на прошетка додека му се влошува деменцијата

    Fri, 11/21/2025 - 13:00
  • Мис Универзум

    „Мис Мексико е лажна победничка“: Членови на жирито на Мис Универзум дадоа отказ поради местенки во изборот

    Fri, 11/21/2025 - 12:30
  • Бранкица Миновска

    Бранкица Миновска, која живее со мултиплекс склероза, прави торти за деца од ранливи категории: „Нема да се откажам, колку и да ме гази болеста“

    Fri, 11/21/2025 - 10:40
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.