Сара Климоска во уникатна креација, Милчо Манчевски со шахта во раце: Премиера на новиот филм во Токио
Новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, пред неколку дена ја имаше својата светска премиера, во натпреварувачката програма на 39-тиот Меѓународен филмски фестивал во Токио.
На црвениот тепих, познатиот македонски режисер се појави во друштво на главните актери од филмот, а во рацете држеше и шахта со која гордо позираше.
Сара Климоска блесна во уникатна креација на модниот дизајнер Занов. За настанот, познатата македонска актерка избра впечатлив корсет-фустан во црна боја, со краток асиметричен преден дел и долг, проѕирен заден дел од тул со скулптурални детали, кој создаваше драматичен ефект.
„Токио, малку магија, многу филмска уметност и прекрасни луѓе. ❤️
Му благодариме на Филмскиот фестивал во Токио за поканата и за тоа што направивте да се чувствуваме како дома, иако сме толку далеку од дома.
Секогаш е посебно чувството повторно да се најдам во филмскиот свет на Милчо, овој пат заедно со Филип Трајковиќ и оваа прекрасна екипа.
А кога станува збор за добриот изглед, тој заслужува посебно внимание: прекрасниот фустан и моќните панталони се дело на неверојатно талентираниот моден бренд Zanov. Целосно сум воодушевена! ❤️“ – напиша талентираната девојка во описот на споделените фотографии на нејзиниот профил на Instagram.
По проекцијата, Манчевски, заедно со Климоска и Филип Трајковиќ, разговараше со гледачите, како и со јапонските и меѓународните медиуми. Но, интересот за филмот не заврши со официјалниот разговор. Фановите останаа уште цел час за да добијат автограм, да се фотографираат и лично да се сретнат со режисерот и актерите.
„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“ – изјави Манчевски по премиерата.
Манчевски по четврти пат ја претставува Македонија на Токискиот филмски фестивал.
Во „Сестра, брат и шахта“ главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева и Стефан Николовски, а во актерската екипа се и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Филмот со црн хумор ја следи приказната за брат и сестра кои се борат за опстанок на маргините на македонското општество. Со бунтовнички дух и без многу двоумење, Малина и Виктор крадат бронзени бисти и капаци од шахти за да дојдат до пари. Нивното непредвидливо патување ги носи до богата, стара и слепа жена, чиј цврст карактер и великодушност ги принудуваат да се соочат со прашања за моралот, посветеноста и борбата за преживување.