Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » Магијата на допирот

Магијата на допирот

Живееме во свет во кој луѓето подзаборавиле на моќта на допирот и гладуваат за допир кој ќе ги утеши, допир кој ќе ги охрабри и допир кој ќе им го растрепери целото тело. Сакајќи да останеме во чекор со динамичното секојдневие, забораваме да уживаме во најелементарните задоволства.

Допирот е многу повеќе од обичен контакт со кожата. Тоа е првиот јазик кој го учиме и останува нашето најбогато средство за изразување на емоциите.

Допир со рака

Магијата на допирот во нашето секојдневие

Сакате да направите добро дело? Посегнете со раката и допрете некого. Можеби не верувате, но само еден мал допир може да разубави нечие секојдневие. Сите ние имаме потреба од допир, независно дали е во форма на охрабрувачко тапкање по грбот, пријателска прегратка, страстен бакнеж, романтично милување или релаксирачка масажа. Никогаш не ја потценувајте важноста на позитивниот допир, затоа што тој:

  • Нè смирува по напрегнатото секојдневие. Само еден нежен допир може да го избрка немирот и да направи вознемиреноста да исчезне како никогаш и да не постоела. Допирот го забавува ритамот на отчукувањата на срцето и го намалува нивото на кортизол, хормонот на стресот, па како резултат на тоа нè успокојува и релаксира.
  • Влева доверба и сигурност. Кога едно бебе плаче, ние инстинктивно го земаме во нашата прегратка за да ги сопреме неговите солзи, затоа што длабоко во нас сите знаеме за специјалниот ефект на допирот и колку тој може да придонесе за да се чувствуваме безбедно. За време на посакуваниот допир, во нашето тело се лачи окситоцин, кој предизвикува чувство на доверба и го поттикнува зближувањето.
  • Дава поддршка и изразува сочувство. Допирот пренесува и пораки како „Тука сум за тебе“ или „Многу ми е жал“. Па, следниот пат кога вашата пријателка ќе биде вознемирена поради љубовен проблем, вашето дете ќе биде разочарано поради лоша оценка или вашата колешка ќе биде тажна поради смрт на блиска личност, сè што треба да направите е нежно да ги допрете и прегрнете. Нивното тело правилно ќе го интерпретира вашиот допир и ќе ја пренесе саканата порака.
  • Ја намалува болката. Се сеќавате ли дека кога бевте мали, по секое паѓање инстинктивно ја поставувавте раката на удреното место? Сте забележале ли дека кога ве боли стомакот, веднаш ја поставувате дланката на стомак? Допирот има моќ да ја намалува болката. Истражувањата покажуваат дека прегратките, допирите и милувањата ја намалуваат болката, особено кога доаѓаат од сакана личност.
  • Го редуцира стресот и го подобрува имунитетот. Сигурно сте слушнале дека стресот е основниот предизвикувач на многу болести, бидејќи вознемиреноста и нервозата го намалуваат имунитетот. Но, луѓето отсекогаш го знаеле природниот лек против стрес – допирот. Логиката е едноставна: намалувањето на стресот и вознемиреноста резултира со подобар имунитет, а оттаму и со подобро здравје.
  • Ќе ви подари мирен сон. Ви се случило ли по стресниот работен ден да потонете во прегратката на партнерот и да заспиете како бебе? Бидете сигурни дека ќе ви беше потешко да влезете во светот на соништата ако го немаше вашиот сакан до вас. Но, освен на партнерот, кажете му „Благодарам!“ и на допирот, затоа што тој е „виновникот“ за вашето брзо заспивање.

Моќното влијание на допирот во љубовната врска

Љубовта и допирот се неразделиви. Но, многу често партнерите ги прескокнуваат оние мали гестови кои ја одржуваат секоја врска, како држењето за рака, нежното милување по лицето или страсните допири по целото тело за време на предиграта. Секојдневниот стрес ја убива желбата за блискост со партнерот и ни ја одзема привилегијата да ја вкусиме магијата на допирот.

Вратете ѝ ја на вашата врска магијата на нежниот, бавен, стимулативен допир кој треба да биде почувствуван од секого. Еве зошто да го сторите тоа:

  • Врската ќе ви носи поголемо задоволство, а вие ќе имате поголем интерес да се грижите за неа. Допирот има моќ да го стимулира зацврстувањето на врската. Партнерите кои секојдневно споделуваат барем по неколку љубовни и охрабрувачки допири имаат поголем интерес да работат за доброто на врската, навремено да ги решаваат проблемите и отворено ги споделуваат своите чувства.
  • Поблиски односи со партнерот. Кој не би сакал да се чувствува сакан и специјален? Кој не би сакал покрај себе да има блиска личност со која може да сподели сè? Само еден мал допир може да ни го овозможи тоа чувство и да нè поврзе со партнерот на едно ново, повозвишено ниво. Додека сексуалниот допир ги изразува сексуалните чувства, несексуалниот комуницира љубов, грижа и приврзаност.
  • Подобра комуникација со партнерот. Физичкиот допир е еден од јазиците за комуникација и некои луѓе го зборуваат подобро и погласно од други. Допирот може да ги изрази и најдлабоките чувства кои нашите зборови едноставно не можат. Веројатно полесно ќе го примите извинувањето на вашиот партнер ако тој ви ја држи раката додека го изговара тешкото „Извини“. Веројатно посилно ќе допрат до вас неговите зборови „Те сакам“ ако додека ги кажува, нежно минува со прстите по вашето лице. Не заборавајте дека комуникацијата не се состои само од зборови.
  • Допирот ја подобрува предиграта. Замислете си сексуален чин кој не започнува со возбудливи допири. Не можете, нели? Сексуалната возбуда расте и како последица на допирите кои ги добивате и како резултат на допирите кои ги подаруваме. Па, не ги држете рацете пасивни и активирајте ги максимално за жешката предигра.

Се чувствувате ли некогаш како сите околу вас да живеат во балони? Луѓето стануваат позатворени и подалечни. Не им дозволувајте на современите технологии и динамичниот начин на живот да ви го одземат незаменливото задоволство кое можат да ви го достават допирите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10619 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.