Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » Сензуална масажа за вашиот партнер

Сензуална масажа за вашиот партнер

Масажата е одлична алатка за продлабочување на интимноста и зачинување на романтичните вечери. Таа не само што релаксира, туку и има моќ да ги разбуди сите сетила и да ја зголеми возбудата.

Масажа за негоМасажата може да биде незаборавно доживување кое ќе ви ја продлабочи интимноста

Ефективната сензуална масажа вклучува многу повеќе од брзо триење на грбот и вратот. Следниве совети ќе ви помогнат да ги совладате основните техники на масажата, а во исто време ќе научите како да го релаксирате вашиот партнер и да му подарите неверојатно уживање:

  1. Подгответе ја атмосферата. Колку попријатна и поопуштена атмосфера, толку подобра масажа и поголема релаксација. За да му доставите незаборавно искуство, постојат неколку работи на кои треба да внимавате:
    • Не започнувајте без масло за масажа. Користењето на масло го намалува триењето и ја олеснува масажата, а во исто време има релаксирачки ефект.
    • Вашиот партнер треба да е соблечен и да му бидат покриени со крпа или чаршаф само оние делови кои нема да бидат масирани. Многу е важно до вас да имате чаршаф или крпа со кои ќе ги покривате измасираните делови за тие да ја зачуваат топлината.
    • Површината на која ќе лежи вашиот партнер не треба да биде премногу мека. Добро место за масажа е подот. Постелете ќебе и врз него долг чаршаф или крпа за да не го извалкате ќебето со масло. Не заборавајте да поставите перници под неговата глава и глуждовите (кога тој лежи на стомак). Ако лежи на грб, поставете ги перниците под неговата глава и под колената.
    • Вашиот партнер треба да биде релаксиран. За таа цел, собата треба да биде чиста и затоплена, а препорачливо е да пуштите релаксирачка музика и/или да запалите миризливи свеќи. Исклучете ги и вашите телефони за да не ве вознемируваат.
    • Масажата не треба да се прави веднаш по јадење.
    • Дајте му на партнерот да се напие вода и чувајте чаша со вода до вас која ќе му ја дадете по масажата. Многу професионалци тврдат дека масажата ги придвижува токсините низ телото и дека тие полесно се исфрлуваат со помош на водата.
    • Кожата на вашиот партнер треба да биде чиста, без акни или рани.
  2. Заземете позиција. Откако ќе ја подготвите атмосферата, побарајте од вашиот партнер да легне на стомак. Вие клекнете на колена, така што телото на партнерот да биде помеѓу вашите нозе. Нанесете го маслото, но не директно на неговото тело. Прво сипете од маслото во вашите дланки за да го загреете со вашата телесна топлина, а потоа нанесете го на неговата кожа.
  3. Започнете ја масажата од грбот. Препорачливо е масажата да се започне од грбот. Започнете со левата страна и размачкајте го маслото нагоре, до рамото. Едната рака треба да ја следи другата. Преминете кон рацете и не ги заборавајте дланките. Откако ќе го нанесете маслото на левата страна, истото направете го и на десната. Започнете масажа со двете раце, на двете страни на грбот. Нежно масирајте нагоре и надолу за да ја намалите напрегнатоста во мускулите. Не притискајте премногу силно, туку користете само мал притисок кој ќе биде доволен за релаксирање на мускулите. Најголем дел од луѓето чувствуваат напрегнатост во рамената, па посветете им поголемо внимание на овие делови. На почетокот користете ги целите ваши дланки, а не само прстите.
  4. Продолжете кон вратот. Откако ќе ги измасирате рамената, грбот и рацете, преминете кон масажа на вратот. Нежно масирајте ги мускулите на вратот, така што поголемиот дел од притисокот ќе го пренесувате преку врвовите од прстите. Користете кружни движења и многу мал притисок, особено на тилот.
  5. Движете се надолу кон долниот дел од грбот. Тука можете да користите и кружни движења со дланките. Ако почувствувате згрутчувања додека слегувате надолу, посветете им повеќе време на тие делови. Не брзајте! Масирајте ги сите делови од телото затоа што колку поцелосна е масажата, толку поголемо е задоволството.
  6. Завршете ја масажата. Масажата завршете ја со нежно протресување на кожата со врвовите од прстите на сите масирани места. Правете кратки брзи движења налево-надесно. За крај, излизгајте ги дланките бавно по целиот грб неколку пати.
  7. По масажата. Откако ќе завршите со масажата, треба да му дадете на вашиот партнер чаша со вода и најмалку 15 минути за релаксација. Тоа значи дека не треба да завршувате со реченицата „Сега сум јас на ред“. Почекајте да поужива во релаксирана состојба.

Комуницирајте со партнерот додека трае масажата. Прашајте го дали притисокот е добар, затоа што за релаксирачка масажа не треба да се користи голем притисок. Исто така, треба да знаете кои мускули од телото се најнапнати за да им посветите поголемо внимание. Многу е важно да знаете што му се допаѓа на вашиот партнер, а во тоа ќе ви помогне комуникацијата и проучувањето на неговиот јазик на телото додека трае масажата.

Неколку основни движења за масажа:

  • Лизгање. Лесно лизгајте ги дланките нагоре-надолу по целиот грб на партнерот. Ова движење е одлично и за нозе, раце и гради.
  • Кружење. Движете ги дланките во кругови. Не масирајте директно врз коските, затоа што тоа не е пријатно. На почетокот масирајте користејќи ги целите дланки. Подоцна можете да ги користите или само палците или само врвовите на останатите четири прсти.
  • Месење. Правете движења исто како да месите тесто, но бидете понежни.
  • Компресија. Поставете ја десната рака на област од грбот на вашиот партнер каде што има мускули. Потоа, врз неа поставете ја вашата лева рака. Притискајќи правете кружни движења.

Не му правете масажа на партнерот доколку тој има:

  • зголемена телесна температура на телото, над 37,5°С;
  • раширени или воспалени вени или лимфни садови;
  • гнојни процеси на кожата или рани;
  • чувство на неподносливост кон масажата, како зголемување на болката и сл.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11125 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.