Почетна » Убавина и мода » Мода » Модна фантазија: Париската недела на високата мода – пролет/лето 2014

Модна фантазија: Париската недела на високата мода – пролет/лето 2014

Модна магија завладеа во Париз. Мајсторството на најпрестижните ателјеа повторно излезе на виделина – во градот на светлината заведуваше шармот на високата мода.

Од рачно изработените креации извираа гламур, екстраваганција, елеганција, романтика, софистицираност, провокативност и/или драматизам, давајќи ни пример како изгледа модата кога ќе се издигне на ниво на уметност.

Версаче

Модната куќа Версаче ја отвори Париската недела на високата мода со сензуална колекција. „Современа божица: Моќ, решителност, сила и гламур“ – со овие зборови Донатела Версаче ги опиша новите елегантни модни дела.

Гламур, провокативност и мистериозност се преплетуваа во смелите креации на италијанскиот бренд. Стилот на Грејс Џонс бил инспирација за колекцијата, што ги објаснува елегантните качулки.

Versace Versace

Кристијан Диор

За Раф Симонс високата мода не е толку екстравагантна како што таа беше за неговиот претходник Џон Галијано. „Сакав да ја ослободам високата мода, таа има ограничувања. Сакав колекцијата да биде за интимноста, врската помеѓу рацете кои ја создаваат високата мода и жените кои ја носат“ – изјавил Симонс.

Во шармантната колекција преовладуваше младешки дух, а многу од креациите беа украсени со повторувачки елементи, понекогаш со тридимензионален ефект. Мало изненадување беше што дел од манекенките зачекорија во патики без врвки, декорирани со блескави кристали.

Dior Dior

Стефан Ролан

Драматични и футуристички силуети фасцинираа на ревијата на Ролан. Францускиот дизајнер си поигра со кроевите и вметна нагласени раменици и импресивни пеплуми.

Ведрите жолти и портокалови нијанси ја разбрануваа пистата и ја разбиваа монотонијата којашто ја носат класичната црна и бела.

Stephane Rolland Stephane Rolland

Шанел

Експериментирањето во високата мода не беше резервирано само за Симонс и Диор. Карл Лагерфелд изненади со спортски шик, испраќајќи ги своите избранички на пистата во патики. Потенцирањето на тенката женска половина се провлекуваше како карактеристичен елемент на креациите во текот на целата ревија.

80-годишниот дизајнер ја презентираше својата колекција во просторија која наликуваше на „ледена палата, односно ноќен клуб од друга планета“. „Почувствував дека е време повторно да ја видиме половината“ – објаснил ветеранот во модната индустрија. Кара Делавин ја отвори и затвори ревијата, која особено ќе допре до срцата на помладата клиентела на Шанел.

Chanel Chanel

Ели Сааб

Ели Сааб слободно можете да го наречете крал на свечената облека за црвениот тепих и волшебник кој остварува женски соништа. Романтика, деликатност и женственост зрачат од колекцијата „The Promise of Spring“ на Сааб, инспирирана од делата на уметникот Лоренс Алма-Тадема.

Манекенките изгледаа како принцези или божици во креации кои ги обединуваат желбите за раскош и умерена екстраваганција. Иако е познат по тоа што обожава еднобојни креации, славниот креатор изненади со фустани со разнобојни мали цветчиња и фустани со омбре ефект.

Elie Saab Elie Saab

Жан Пол Готје

Театралноста доминираше на ревијата на Готје, како што и се очекува од ексцентричниот креатор. „Животот е пеперутка“ – воскликнал Готје пред шоуто, најавувајќи дека на пистата ќе се „разлетаат“ колоритни пеперутки. Како што се приближуваше големото финале, така манекенките на 61-годишниот Французин се претвораа во попровокативни шоу-герли.

Дита Вон Тис беше највпечатливата „пеперутка“ и го придружуваше Готје додека тој ѝ се поклонуваше на публиката.

Jean Paul Gaultier Jean Paul Gaultier

Зухаир Мурад

Модното шоу на Зухаир Мурад ја однесе публиката во рајска градина. Магичната градина околу домот на либанскиот дизајнер била инспирација за колекцијата збогатена со цветни апликации и извезени цветови.

Волшебните креации се хармоничен спој на беспрекорна елеганција и нереален раскош. Елегантни златни колани кои имитираа лисја ја истакнуваа женската силуета на манекенките и напомнуваа за влијанието на природата врз визијата на Мурад.

Zuhair Murad Zuhair Murad

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11605 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.