Почетна » Убавина и мода » Мода » Миланската недела на модата – колекции пролет/лето 2014

Миланската недела на модата – колекции пролет/лето 2014

Модната недела во Милано беше како долг филм кој набрзина ги раскажа приказните на вкупно 74 официјални ревии, презентации и забави. Привилегираната публика потона во колекциите пролет/лето 2014 на најистакнатите италијански дизајнери.

Наскоро модниот месец ќе го доживее своето финале во Париз, но пред да преминеме на модата во градот на светлината, погледнете што беше понудено на модната сцена во Милано.

Версаче

Улиците се новите модни писти и Донатела Версаче добро го знае тоа, па токму оттаму ја црпеше инспирацијата за новата колекција во чиј центар лежи урбан луксуз. „Ја ослободувам жената Версаче. Обично им даваме облека која е многу припиена за телото, но овој пат креациите се поопуштени – го галат телото“ – изјавила Донатела пред почетокот на ревијата.

Секојдневната облека доби нов изглед. Џинс креациите беа недефиниран микс од лен и деним, а рокерските маички и кожени панталони беа зачинети со гламурозен ефект. Детали од синџир беа вметнати во нежни фустани, а препознатливата глава од „медуза“ во различни форми ѕиркаше на голем дел од креациите. Вечерните фустани беа насочени кон женственоста и сексапилот, кој беше истакнат преку високите шлицови.

Versace Versace

Роберто Кавали

Гламурозната ревија на Кавали го врати на сцената стариот Холивуд и недвосмислено потсети на модата од „Големиот Гетсби“. „Тоа е филм. Тоа е сон. Секоја колекција треба да ве поттикне да сонувате. Не знам дали сонувате во црно и бело. Не знам дали сонувате во боја. Кај мене зависи од денот. Сега сонувам во боја затоа што ова е многу добро време за мене“ – изјавил Кавали, коментирајќи ја ревијата.

Сепак, доследен на својот препознатлив стил, 72-годишниот креатор не заборави да ја извади на виделина и дивата страна на своите заводнички, изразена преку змиски кожи со различна текстура.

Roberto Cavalli Roberto Cavalli

Гучи

Модните илустрации на францускиот уметник и дизајнер Ерте ги инспирираа новите силуети на Фрида Џанини, а прозорците со обоено стакло во југендстил (Art Nouveau) беа инспирација за цветовите на многу креации.

Искусната дизајнерка предложи еден нов мрачен спортски диско гламур, претставен преку модели со изразени деколтеа, мрежести детали и високи шлицови кои невоздржано го разголуваа женското тело.

Gucci Gucci

Blumarine

За да го достигне финалниот изглед на модното шоу „За светлата, сенките, пеперутките и цвеќињата“, Ана Молинари си замисли скриена градина во летна ноќ.

Кристалите, примамливите апликации и чипката ја раздвижија колекцијата која беше мешавина од елегантни фустани и заводливи креации во кои се насетуваше рок влијание.

Blumarine Blumarine

Прада

„Сакам да ги инспирирам жените да се борат“ – изјавила Мјуча Прада по завршувањето на шоуто кое ги спои модата, уметноста и политиката. Женски лица „украдени“ од уличната ѕидна уметност во Лос Анџелес, Мексико и Јужна Америка се појавија на палта и ексцентрични фустани, украсени со блескави камења. Спортското влијание беше изразено преку фудбалските чорапи на потколениците на манекенките, а несомнено највпечатливи „детали“ беа светкавите градници поставени над палта и фустани.

Колоритна, енергична и комплексна е колекцијата на Прада, која доби најмногу позитивни коментари од модните критичари.

Prada Prada

Долче и Габана

Сицилија очигледно е инспиративен извор без дно за креаторското дуо Доменико Долче и Стефано Габана. Спојот на историја, драма и религија, кои го карактеризираат овој остров, секоја сезона носи нов бран креации од италијанската модна куќа. Овој пат мошне забележителни беа и мотиви од античка Грција.

„Тоа е сон за Сицилија. Исто како да одите на одмор во Сиракуза или Таормина и да го видите грчкиот театар, а откако ќе се вратите дома да сонувате за него“ – изјавил Стефано Габана.

Dolce&Gabbana Dolce&Gabbana

Џорџо Армани

Деликатни креации кои оставаа впечаток како да се полесни од пердув преовладуваа во шармантната колекција на Џорџо Армани. „Жена која е слободна да лета, но не може да ја понесе својата тежина, нежна, но смела“ – со овие зборови модниот ветеран ги опиша двете лица на колекцијата. Ревијата започна со дневна облека и урбани костуми со кратки панталони или припиени здолништа, но постепено сè стануваше понежно и полесно. Слоевитото редење на развеани материјали и насочувањето кон палета од бледо сини, розови и сиви нијанси ја потенцираше нежноста на креациите, а замаглениот и „разлеан“ цветен дезен ја акцентираше флуидноста.

Шоуто „Светлина и сенки“ на Армани не ја криеше идејата за диктирање на нов тренд. 79-годишниот креатор едноставно создава нослива облека за жените кои воопшто не се преокупираат со последните модни тенденции и едноставно сакаат да изгледаат убаво.

Giorgio Armani Giorgio Armani

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10616 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.