Почетна » Семејство » Бебе » Спиење на бебето: Најважните совети за безбедност и превенција на синдром на ненадејна смрт

Спиење на бебето: Најважните совети за безбедност и превенција на синдром на ненадејна смрт

Во исчекување сте да започне најзначајната улога во вашиот живот? Во рамките на големите подготовки за родителството, специјално место зазема создавањето на комфорно и безбедно катче за спиење на новороденчето.

Бебе

Многу родители со вознемиреност гледаат на спиењето на новороденчето поради страв од СИДС (синдром на ненадејна смрт на новороденче). Станува збор за неочекувана и необјаснета смрт на бебе кое навидум е потполно здраво и најчесто се случува додека спие. Иако информирањето за СИДС ги ужаснува родителите, запомнете дека ризикот да се случи е многу мал, особено ако се придржувате до основните совети за безбедност.

Накратко – бебето во првите месеци треба да спие во свое празно креветче во спалната соба на родителите и да биде поставено на грб на тврд и рамен душек.

Еве поподробно на што сè треба да обрнете внимание за да ги минимизирате ризиците и да му подарите на вашето малечко сигурна средина за слатки соништа:

Спијте во иста соба, но не во ист кревет. Се препорачува бебето да спие само, во соодветно креветче во близина на родителите. Никогаш не го земајте бебето да спие во вашиот кревет ако:

  • е родено предвреме (пред 37-ма недела) и/или е со тежина помала од 2,5 кг;
  • ако вие или вашиот партнер пушите;
  • имате консумирано повеќе од 2 алкохолни пијалаци;
  • земате лекарства кои можат да предизвикаат поспаност;
  • сте премногу уморни.

Најдобро е бебето да спие во иста спална соба со родителите барем до 6-месечна возраст.

Душекот треба да биде тврд, рамен и по мерка на креветчето. При изборот на душек, најважно е тој да биде со димензии кои одговараат на големината на креветчето. Имајте го на ум тестот „два прста“, т.е. ако успевате да протнете повеќе од два прста помеѓу душекот и рамката на креветчето, значи дека душекот не е соодветен.

Во однос на тврдоста, притиснете со тупаница. Душекот треба да остане цврст и веднаш да се врати во првобитната положба.

Задолжително легнете го бебето на грб. Спиењето на грб (не на стомак или на страна) значително го намалува ризикот од СИДС. Додека бебето не може самостојно да се врти од грб на стомак и обратно, без исклучок секогаш легнувајте го на грб – независно дали станува збор за дневна дремка или ноќно спиење. Откако бебето ќе биде способно самостојно да се превртува, може само да си ја определи положбата на спиење.

Поставете го бебето во долната половина на креветчето. Главчето да му биде некаде кон средината, а нозете речиси да го допираат долниот дел на креветчето. Оваа положба е одлична, бидејќи ги минимизира шансите да се повлече надолу и да заврши под прекривката.

Бебе

Не ставајте во креветчето оградици/бампери/плетенки/перници/меки играчки. Експертите советуваат додека бебето е мало, во креветчето да има ЕДИНСТВЕНО душек со чаршаф. Оградиците и украсните перничиња ја спречуваат циркулацијата на воздухот, а и се ризик за задушување, затоа што во првите месеци од животот бебињата не се доволно подвижни за да можат самостојно да се ослободат доколку „заглават“ со лицето во нив.

Позиционирајте го креветчето подалеку од силен извор на топлина. Бебињата никогаш не треба да спијат со електрично ќебе, во непосредна близина на радијатор или друго грејно тело или да бидат изложени на директна сончева светлина со цел да се избегне прегревање.

Погрижете се главата и лицето на бебето да не бидат покриени. Бебињата во најголема мера ја контролираат температурата преку главата и лицето. Токму затоа се препорачува кога го легнувате бебето, да ги отстраните сите аксесоари (капче, ластик за глава и сл.) кои му го покриваат главчето или лицето. Доколку користите прекривка, таа треба да биде „фиксирана“, односно протната од двете страни помеѓу душекот и решетките на креветчето, за да се елиминира можноста бебето да се покрие преку глава.

Користете вреќа за спиење, внимавајте со прекривките. Најдобро за бебето е да спие во вреќа соодветна за неговата возраст и сезоната. Но, ако користите прекривка, препорачливо е таа да биде тенка и памучна и поставена не повисоко од градите на бебето.

Преферирајте природни материјали. Најдобро е чаршафите и прекривките да бидат од материјали кои овозможуваат кожата слободно да дише, како муслин и памук.

Заштитете го бебето од прегревање. Кај бебињата може да дојде до прегревање поради претопла облека, дебели прекривки или висока температура во просторијата. За да го избегнете тоа, одржувајте во спалната соба температура од 16 до 20°C, користете лесна и памучна прекривка или вреќа за спиење со дебелина усогласена со годишното време.

За да проверите дали на бебето му е доволно топло, проверете го на задниот дел на вратот, стомачето или градите. Не се раководете од рачињата и нозете, бидејќи вообичаено се поладни и може да ви дадат погрешна претстава. Ако забележите топлински исип (вруќаници) или пот, расоблечете го бебето и отстранете ги прекривката или вреќата.

Бебе

Цуцлата лажалка може да е од корист. Кога станува збор за цуцлата лажалка, постојат докази кои укажуваат дека може да го намали ризикот од ненадејна смрт. Сепак, не сите експерти се едногласни на оваа тема. Доколку одлучите да користите цуцла, препорачливо е тоа да биде по првиот месец, односно откако ќе се воспостави доењето.

Никогаш не заспивајте со бебе на кауч или во фотелја. Иако делува привлечна идејата да се погушкате и да дремнете со вашето најмило, спиењето заедно го зголемува ризикот од задушување и ненадејна смрт.

Не дозволувајте да се пуши во близина на бебето. Кај бебињата изложени на чад од цигари во бременоста или во првите месеци од животот, ризикот од СИДС е поголем. Забранете да се пуши во вашиот дом и не го носете бебето во простории каде што се пуши.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11169 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.