Халк Хоган замина меѓу легендите.
Иконата во светот на професионалното борење почина на 71-годишна возраст во својот дом во Флорида. Причината за смртта била срцев удар.

Веста беше објавена на неговиот Instagram профил од страна на семејството.
„Со тешко срце и длабока тага потврдуваме дека изгубивме легенда. Нашиот сакан Тери Болеа, познат низ светот како Халк Хоган, почина денес опкружен од своите најблиски.“
„Во ова време на тага, ве молиме сите да ја почитувате приватноста на неговото семејство и пријателите. Да најдеме утеха во прекрасните спомени кои ги остави зад себе за милионите фанови ширум светот чии животи ги допираше повеќе од четири децении. Ќе ни недостига, но никогаш нема да биде заборавен“ – стои во објавата.


Халк беше еден од најпознатите кечери, кој подоцна стана и актер. Тој глумеше покрај Силвестер Сталоне во филмот „Роки 3“, па Сталоне не остана рамнодушен на веста за неговата смрт. Тој сподели заедничка фотографија и напиша:
„Го имав задоволството да ја запознаам оваа брилијантна личност и шоумен кога имаше само 26 години. Беше апсолутно прекрасен и неговите неверојатни вештини го направија ‘Роки 3’ неверојатно специјален. Срцето ми е скршено“.

Хоган зад себе ја остави сопругата Скај Дејли, како и двете деца Брук и Ник кои ги има од првиот брак со Линда Клериџ.

