Софија Вергара го поддржа хуманитарниот настан „Stand Up To Cancer“, организиран со цел собирање на средства за истражувања на ракот и нови методи за лекување.
За време на специјалната емисија, 49-годишната актерка се наврати на нејзината битка со ракот.

„На 28 години, за време на рутински лекарски преглед, мојот доктор откри грутка на мојот врат. Направија многу тестови и на крајот ми кажаа дека имам рак на тироидната жлезда. Кога си млад и ќе го слушнеш тој збор ‘Рак’, мозокот ти оди на многу места, но се обидов да не паничам и одлучив да се едуцирам.“
„Ја прочитав секоја книга и научив сè што можев за тоа. Имав среќа што го откривме рано и имав поддршка од моите доктори и што е најважно, од моето семејство. Во тоа време научив многу не само за ракот на тироидната жлезда, туку и дека во кризни времиња, заедно сме подобри“ – рече таа во краткиот говор.
Пред неколку години, Вергара сподели дека ѝ била отстранета тироидната жлезда и дека прима терапија.

По страшната дијагноза, извесно време таа многу внимавала на исхраната, но потоа се опуштила. „Одредено време, бев навистина луда во однос на тоа што јадам. Но, потоа сфаќаш дека не можеш да живееш така. Одиш во ресторани и мораш да јадеш нешто. Мораш да си го живееш животот. А и никој не знае од што точно луѓето се разболуваат од рак“ – раскажа таа.