Принцезата Кетрин ја опиша битката со ракот како „ролеркостер“ и рече дека фазата по лекувањето е „многу, многу тешка“.
43-годишната припадничка на британското кралско семејство им се врати на своите должности и ја посети градината во болницата во Колчестер. Кетрин помина време во градината којашто е специјално дизајнирана за релаксација за пациентите, вработените и посетителите на болницата. Таа носеше комбинација со сако, кошула и патики.

Принцезата, која во јануари оваа година соопшти дека нејзината болест е во ремисија, сподели дека поминала низ тежок период во кој не можела да функционира нормално.
„За време на третманот покажуваш храброст и стоицизам. Третманот завршува и ти си мислиш дека ќе се вратиш во нормала, но всушност, фазата потоа е многу, многу тешка.“
„Не можеш нормално да функционираш дома како што можеби си била навикната. Многу е важно некој да ти помогне тогаш, да те води и насочува низ фазата која доаѓа по лекувањето“ – рече таа.


Кетрин соопшти дека има рак во март 2024 година и помина речиси една година подалеку од очите на јавноста. Сега, таа рече дека за неа битката со ракот била како ролеркостер.
„Мораш да ја пронајдеш твојата нова реалност и за тоа е потребно време... тоа е како ролеркостер, не е мазно како што очекуваш дека ќе биде. Но, реалноста е дека поминуваш низ тежок период“ – рекла таа.


Кетрин ги заврши хемотерапиите во септември минатата година.

