Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Криси Тиген отворено проговори дека страдала од постпородилна депресија

Криси Тиген отворено проговори дека страдала од постпородилна депресија

Иако Криси Тиген е позната по својата отвореност и искреност, таа во последните месеци добро криеше една тајна од јавноста – дека страда од постпородилна депресија.

Во есеј за Glamour, 31-годишниот модел отворено зборуваше за предизвиците по породувањето, за тагата, болката и дијагностицирањето со постпородилна депресија и анксиозност.

Славната сопруга на пејачот Џон Леџенд вели дека сега, повеќе отсекогаш, ги почитува мајките, особено мајките кои се соочуваат со депресија и им порачува дека не се сами во нивната борба.

Криси Тиген

Еве дел од нејзиниот есеј:

Мислам дека на многу од вас ви изгледам како да сум најсреќната личност на планетата. Имам неверојатен сопруг – со Џон сме заедно повеќе од 10 години. Тој ги има видено моите успеси и неуспеси, а јас ги имам видено неговите. Тој ме има видено во најлошото издание, но мислам дека јас го немам видено во лошо издание. Тој е исто толку сочувствителен, трпелив, грижлив и полн со разбирање како што и изгледа.

Пред една година, во април, со Џон основавме наше семејство. Ни се роди ќерката Луна, која е совршена. Таа е на некој начин иста како мене, иста како Џон и иста како себеси. Ја обожавам.

Имав сè што ми требаше за да бидам среќна. А сепак, во најголемиот дел од минатата година, се чувствував несреќно. Она што сите околу мене (освен јас) го знаеја беше дека имам постпородилна депресија. Како е можно да се чувствувам вака кога сè е толку одлично? Ми беше тешко да се помирам и се колебав дали да зборувам за тоа, бидејќи сè станува „тема“ во медиумите. Во текот на бременоста, она што мислев дека се обични коментари за инвитрото, се претворија во ударни вести за тоа дека го избрав полот на ќерка ми. Отсега можам да си замислам што ќе кажат за мене по ова признание. Но, тоа е неразделен дел од мојот живот и од животот на многу други жени. Би било погрешно да пишувам за нешто друго. Па да започнам.

Имав прекрасна и енергична бременост. Луна седеше во мене како мал Буда со скрстени нозе свртена со лицето кон мојот грб цели девет месеци. Никогаш не ѝ го видов лицето на ултразвук, само нејзиното газе и стапалата. Џон, мајка ми и сестра ми беа во породилната соба. Џон беше диџеј. Луна излезе на песната „Superfly“. Веднаш ја ставив на градите. И таа имаше лице! Бев многу среќна. И истоштена.

Откако се породив со Луна, нашиот дом се реновираше и живеевме во дом под кирија, потоа во хотел и за стресот, неприврзаноста и тагата кои тогаш ги чувствував ги обвинував многуте чудни околности. Се сеќавам дека си велев: „Можеби ќе ми биде подобро кога ќе имаме дом.“

Се вратив на работа на „Lip Sync Battle“ во август, кога Луна имаше само 4 месеци. Ме третираа прекрасно...

Но, јас бев поразлична од претходно. Станувањето од кревет за да стигнам навреме на снимање ми беше болно. Половината ми пулсираше, рамената и зглобовите ме болеа. Немав апетит. Понекогаш минуваа два дена без да ставам залак во уста, а сите знаете колку е важна храната за мене. Но, она што најмногу ме допираше беше што немав трпение кон луѓето.

Не можев да сфатам зошто сум толку несреќна.

Криси Тиген

Кога не одев во студиото, воопшто не излегував до дома. Никогаш. Не правев ниту еден чекор надвор. Ги прашував луѓето што доаѓаа зошто се мокри. Дали врне дожд? Како да знам кога сите завеси ми беа спуштени. Најголем дел од деновите ги минував на истото место на каучот и ретко трошев енергија за да се качам по скалите за да спијам на кревет. Џон спиеше со мене на каучот, понекогаш четири ноќи една по друга. Започнав да си чувам удобна облека во оставата за да не морам да се качувам горе кога Џон ќе одеше на работа. Имаше многу спонтано плачење.

Секогаш кога ќе бев видена надвор, тоа беше затоа што сум имала работа или работен ангажман. Истата песна се повторуваше секој ден: Ако немав работа. Џон знаеше дека нема никакви шанси да одиме на состанок, до продавница или каде било. Немав енергија.

Претходно, кога ќе се појавев некаде, јас имав силно присуство: исправена глава, раменици наназад, широка насмевка. Одеднаш станав личност чии раменици беа собрани под нејзината брада. Ги ставав рацете на мојот стомак и се обидував да изгледам колку што е можно помало.

Во меѓувреме, коските ужасно ме болеа. Морав да одам на болница, болката во грбот беше неподнослива. Се чувствував како да сум во епизода од „Grey’s Anatomy“. Деца околу мене поставуваа прашања. Можеби е инфекција на бубрезите? Никој не можеше да открие што ми е. Бев на доктор за ревматоид, мислевме дека може да е ревматоиден артритис. Цело време ми се повраќаше, па отидов на гастроентерохепатологија. Се прашував: Дали го измислував сето ова? Дали оваа болка е реална?

До декември ја имав започнато мојата втора книга за готвење. За првата книга, постојано бев в кујна. Го мешав секое јадење и вкусував сè. Искрено се возбудував за секој рецепт. Но, втората книга дојде во пикот на губењето на мојот апетит и навистина ми се повраќаше од идејата да тестирам и вкусувам рецепти. Сè уште поминував многу време на каучот.

Пред празниците, отидов на доктор. Џон седна до мене. Го погледнав докторот и очите ми се исполнија со солзи, бидејќи бев преморена од тоа постојано да ме боли нешто. Од спиењето на каучот. Од будењето во текот на ноќта. Од повраќањето. Од излевањето на бесот врз луѓе кои не го заслужуваа тоа. Од тоа што не уживав во животот. Од тоа што не се среќавав со пријателите. Од немањето енергија да го повозам бебето со количката. Докторот ми покажа книга и започна да ми ги набројува симптомите. Јас само велев „Да, да, да“. Добив дијагноза: постпородилна депресија и анксиозност. (Анксиозноста објаснуваше некои од моите физички симптоми.)

Се сеќавам дека бев многу истоштена, но и среќна што знаев дека конечно ќе можеме да тргнеме на патот кон подобрување. И Џон беше исто толку возбуден. Започнав да пијам антидепресиви, што ми помогна. Започнав да ја споделувам веста со семејството и пријателите – чувствував дека сите заслужуваа објаснување. Со секое кажување стануваше полесно и полесно да го кажам на глас. Сè уште не ми е пријатно да кажувам „Имам постпородилна депресија“, бидејќи зборот депресија плаши многу луѓе.

Сакав да им напишам отворено писмо на сите мои пријатели и работодавачи за да им објаснам зошто бев толку несреќна.

Криси Тиген

Претходно никој никогаш ми немаше речено: „Имам постпородилна депресија“. Растена сум во 90-тите и ја поврзував постнаталната депресија со луѓе кои не си ги сакаат бебињата или кои сакаат да си ги повредат децата. Немав ништо ни оддалеку слично со тaкви чувства. Секој ден ја гледав Луна со вчудовиденост. Затоа не ни помислував дека имам постпородилна депресија.

Исто така, не мислев дека тоа може да ми се случи мене. Имам одличен живот. Ја имам целата помош што ми е потребна: Џон, мајка ми (која живее со нас) и дадилка. Но, постнаталната депресија не дискриминира. Не можев да ја контролирам. И тоа е една од причините што ми требаше толку многу време за да проговорам: Се чувствува себично, гадно и чудно за да кажам на глас дека ми е тешко. Понекогаш сè уште се чувствувам така.

Зборувам сега затоа што сакам луѓето да знаат дека ова може да се случи секому и не сакам луѓето кои имаат постпородилн депресија да се чувствуваат засрамени или осамени. Не сакам ни да се преправам дека знам сè за постпородилната депресија, бидејќи таа е различна за секого. Но едно нешто знам, самото тоа што сум отворена за неа, ми помага.

Криси го завршува својот есеј со објаснување дека се чувствува многу подобро одошто пред неколку месеци, иако сè уште има денови кога не ѝ се излегува од дома. Таа сè уште има желба да ѝ подари на Луна братче или сестричка.

Криси Тиген Криси Тиген Криси Тиген, Џон Леџенд и Луна Криси Тиген и Џон Леџенд

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11178 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.