За познатите личности често на интернет се објавуваат невистинити приказни, кои се шират со неверојатна брзина и водат до погрешен впечаток кај јавноста.
Игор Џамбазов не остана имун на лажно видео за него, генерирано со вештачка интелигенција кое започна да се распространува на социјалните мрежи и да предизвикува бурни реакции.
Снимката наводно е телевизиски прилог во кој новинарката пренесува вест дека Игор нападнал фармацевти и ги нарекол „бандити во бели мантили“. Потоа прикажана е снимка во која Џамбазов е воден со лисици од двајца полицајци.

„Познатиот македонски актер Игор Џамбазов се најде во центарот на вниманието на социјалните мрежи, по скандалот пренесуван во живо кој ја потресе целата земја.Тој се нафрли со тупаници врз група фармацевти, нарекувајќи ги ‘бандити во бели мантили’, откако тие го забранија третманот на доктор Илир Демири, средство за кое актерот вели дека лично го спасило од инвалидска количка“ – вели репортерката.


Потоа, следи лажно интервју со Џамбазов во кое тој објаснува дека токму тој лек го спасил од инвалидска количка.
Јас сум Игор Џамбазов, имам 61 година. Пред три години бев на работ на инвалидска количка. Секое утро му се молев на Бога да ме ослободи од болката, не можев повеќе да ги правам работите што ми носеа радост.
Ненадејни и остри болки во грбот ме тераа да паѓам на колена. Заборавив што значи обична вечерна прошетка или мирен сон без болка. Болката ме следеше на секој чекор. Не можев повеќе да издржам и секој ден стануваше само полош.
Лекарите поставија дијагноза артритис и компресија на нервите на пршлените Л3, Л4 и Л5. Ми припишаа силни лекови против болки, инјекции, масажи и физиотерапија.
Потрошив стотици илјади денари без никаков резултат.
По две години, сериозно почнав да размислувам за преселба во дом за стари лица, за да не бидам товар за семејството. Бев сигурен дека ќе го поминам остатокот од животот со хронична болка. Но за среќа, во овој свет сè уште има чесни луѓе. Еден од нив е доктор Илир Демири. Овој човек буквално ме извлече од инвалидската количка. И само благодарение на него, денес можам отворено да се спротивставам на оние што сакаат да го забранат неговиот третман. Денес, на 61 година се чувствувам подобро отколку на 40.

Самиот Џамбазов го објави ова видео и им возврати на креаторите со порака:
Е не сте нормални... вие што го смисливте ова.
Колку што јас бев во инвалидска количка, толку вие да бидете среќни и успешни луѓе!
Имате ли ум вие воопшто?
Оти мозок немате, евидентно.
И да, заборавив.
Срам да ви е!
И арам!
П.С. Башка од авион се гледа дека „тепачот" е Тони Михајловски , не сте се потрудиле баш.
Ни ова не знаете да го направите ко што треба.
Бедници...