Некои случки од детството не ги забораваме никогаш. Не затоа што биле убави, туку затоа што нѐ обликувале како личности.
Македонската планинарка и алпинистка Илина Арсова се навраќа на едно болно сеќавање од детството – момент кога мала шега во училиште за неа прераснала во длабока тага и несигурност.
Преку емотивна објава, таа зборува за детскиот булинг, срамот кој тивко се натрупува и како нејзиниот татко ѝ помогнал да се избори со етикетата што другите ѝ ја наметнале.
Во оваа емотивна објава, Арсова нè потсетува дека зад секоја навреда се крие можност за раст и дека треба да се сакаме токму такви какви што сме.

Мојата генерација во основно школо растеше со Мапет шоу. Па едно време дојде ред да си поделиме улоги во одделението, на шега нели, и мене ми се падна Гонзо. Е сега не дека Гонзо не беше симпатичен (без разлика на родова идентификација), ама имаше изразито голем нос и некако наметната негативна конотација.
Таа мала школска шега прерасна во некоја длабока тага и незадоволство што тој ден си ги понесов дома. Соучениците ако го приметеа моето незадоволство уште поупорно ќе ме завикаа Гонзо. Тогаш бев ситна и срамежлива и не умеев да најдам механизам како да се справам со тој детски и можеби ненамерен булинг на кој во различни форми бев изложена уште од забавиште.
Еден ден татко ми се врати од пат и ми ја донесе оваа мини маскота од Гонзо. Моите родители ме подучија дека тој е фантастично суштество со некои карактеристики налик на мравојад, кој инаку не би можел да опстане без специфичниот нос. Во ред, супер е сето тоа, учев за перфекција на природата и неперфектноста на човекот... но сепак, требаше да се соочам со децата на училиште.
Татко ми предложи да го прифатам предизвикот и да се идентификувам со карактерот на Гонзо бидејќи така ќе го оттргнам нивното внимание и спонтани навреди. Тоа ми звучеше како ептен глупава идеја, но сепак почнав да ја носам кукличката со мене на час, оставајќи ја како обележје на клупата каде што седам. За кратко време закачите поминаа или преминаа на друг кој исто така беше етикетиран со туѓ идентитет не по сопствена воља.
Пораката од оваа приказна е подолга и се провлекува длабоко низ животот. Вакви и слични ситуации можат да ја разнишаат нашата самодоверба и да нè натрупаат со негативни емоции кои ги тегнеме низ животот. Срам, страв, несигурност, вина... не сме доволно паметни, доволно убави, доволно упорни...
Кукличката од Гонзо е сè уште во нашиот дом, а приказнава ја споделувам за да нè потсети кои сме и што сме, надвор од етикетите и перцепцијата на другите. Ви посакувам убав ден, убави луѓе.

