Двејн Џонсон ѝ посака добредојде на третата ќеркичка.
„The Rock“ објави дека неговата сакана Лорен Хашијан се породи преку моќен пост на Instagram и фотографија од новороденото девојче. Бебенцето го добило името Тијана Џија Џонсон.
45-годишниот актер напиша порака во кој ја искажа својата почит кон мајките и жените и им порача на татковците да присуствуваат на раѓањето на нивните деца, бидејќи тоа е најмоќен момент во животот.
Еве го неговиот текст:
Кожа на кожа. Нашата моќ. Благословен и горд сум што носам уште една силна девојка на овој свет.
Тијана Џија Џонсон дојде на овој свет како сила на природата, а мама Лорен се породуваше и роди како вистинска рок ѕвезда.
Целиот мој живот растев опкружен со силни, грижливи жени, но откако присуствував на раѓањето на Тија, тешко можам да го опишам новото ниво на љубов, почит и восхит кои ги имам кон Лорен и кон сите мајки и жени низ светот.
Совет за мудрите џентелмени: важно е да стоите покрај вашата дама кога се пораѓа и да ѝ понудите колку што е можно поголема поддршка... да држите раце, да држите нозе, да правите сè што можете. Но, ако сакате да го разберете најмоќниот и најважен момент што животот може да ви го понуди, гледајте го вашето дете како се раѓа. Тоа ќе ви го промени животот, а почитта и восхитот што ќе ги имате кон жените ќе бидат бескрајни засекогаш.
А до мојата трета и најмлада ќерка: Тијана Џија, како што направив и со твоите две поголеми сестри Симона Александра и Џасмин Лиа кога се родија тие, ти давам збор дека ќе те сакам, штитам, насочувам и смеам до крајот на мојот живот.
Твојот луд татко има многу обврски и носи многу улоги на овој свет, но тоа што ти сум татко е улогата која со најголема гордост ќе ја носам.
И уште едно нешто... Ќе обожаваш да се прпелкаш во пикапот на тато.
Ова е второ заедничко дете на Лорен и Двејн. Тој има уште една ќерка од бракот со Дени Гарсија.