Предводени од хуманоста и желбата да помогнат во сите сфери на општеството во кое нивните верни потрошувачи припаѓаат, двете успешни македонски компании „БиМилк“ и „Тинекс“ заедно спроведоа голема акција под мотото „Хуманоста е важна“.
Донаторската акција започна во октомври минатата година и досега се спроведени четири донаторски активности.
Следејќи ги потребите на децата во ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, македонските брендови минатата есен донираа 30 кревети и 30 душеци, неопходни за децата да имаат нормални услови за школување и живот во интернатот.


Во рамките на втората акција, во училиштето за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов” од Скопје беа донирани 10 математички апарати, 8 Брајови машини и хартија за пишување на Брајовите машини.
„За Битолската млекарница како компанија која веќе долго време поттикнува и поддржува хуманитарни активности претставува задоволство да се помогне на една институција како што е ова училиште“ – изјави тогаш Полексена Ристеска, маркетинг менаџер на „БиМилк“.


Од 10 февруари до 10 март годинава беше организирана нова хуманитарна акција во која со секое купено Битолско трајно млеко се одвојуваа по два денари за донации. Со тоа, заедно со граѓаните, двете компании обезбедија средства во вкупен износ од 150.000 денари кои беа рамномерно распределени за набавка на нова техничка опрема за децата и младинците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Топанско поле“ – Скопје и набавка на јоргани и постелнини за Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ во Битола.
Пред една седмица во Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Топанско поле“ беа врачени 3 лаптоп компјутери, 4 печатачи, 5 радио и цеде плеери во вредност од 75.000 денари.
„Навистина ми е драго што ја имам таа голема чест во името на Млекара Битола да Ви ги пренесам сите желби за успех и развој на учениците, децата и младинците во овој Центар и нашата искрена надеж дека донацијата ќе биде само една од многуте во иднина. Се надеваме исто така, дека ќе бидеме пример за многу други општествено одговорни компании, како на најубав начини да придонесат за општествениот развој, преку континуирано помагање во сите сфери на човековиот живот“ – изјави Полексена Ристеска при врачувањето на техничката опрема.




Вчера во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ во Битола беа донирани 80 јоргани и 80 постелнини, што ќе придонесе за поголема лична хигиена и подобрување на здравствената состојба на учениците рехабилитанти.

