Почетна » Новости » Занимливости » Хит писмо на мајка на две мали деца до сопругот: „Ми треба повеќе помош“

Хит писмо на мајка на две мали деца до сопругот: „Ми треба повеќе помош“

„Мајчинството е најтешката работа во светот“ – е изрека со која милиони мајки ќе се согласат. Но, оваа работа станува уште потешка кога од жената се очекува таа да ги извршува и сите останати обврски во домот, без да добива поголема помош од мажот.

Селест Ерлак, која стои зад блогот „And What A Mom“, напиша искрено писмо до својот сопруг во кое очајно ја бара неговата помош.

Прочитајте го текстот на 38-годишната мајка на две деца, кој забрзано се распространува низ светот.

Мајка

Здраво сопругу,

Ми треба повеќе помош.

Минатата ноќ беше тешка за тебе. Побарав од тебе да го причуваш бебето за јас да можам да си легнам порано. Бебето плачеше. Поточно врескаше. Можев да го слушнам дури и на горниот кат. Стомакот ми се стегаше од звукот. Се прашував дали да слезам долу и да ти помогнам или едноставно да ја затворам вратата за да можам да го добијам сонот кој очајно ми беше потребен. Го избрав второто.

Ти дојде во собата 20 минути подоцна, со бебето кое сè уште френетично плачеше. Го стави бебето во лулката и нежно го приближи до мојата страна на креветот, јасен гест дека ти тука завршуваш со неговото чување.

Сакав да ти се развикам. Токму во тој момент сакав да започнам епска битка. Јас се грижев за бебето и нашето мало дете цел ден. Цела ноќ требаше да станувам за да го хранам бебето. Најмалку што можеше да направиш е да го придржиш неколку часа за јас да се обидам да поспијам.

Само неколку часа драгоцен сон. Дали барам премногу?

Знам дека и двајцата додека растевме ги гледавме нашите родители како ги извршуваа типичните улоги на мајка и татко. И двете наши мајки примарно се грижеа за децата, а нашите татковци не мрдаа ни со прст. Тие беа одлични татковци, но од нив не се очекуваше да минуваат значително време во менување пелени, хранење, грижа и нега на децата. Нашите мајки беа супержени кои ја одржуваа динамиката во семејството. Готвење, чистење и растење деца. Секоја помош од таткото беше добредојдена, но не и очекувана.

Нè гледам нас како секојдневно запаѓаме сè повеќе и повеќе во тие семејни динамики. Моја одговорност е да го нахранам семејството, да ја одржувам куќата чиста, а се претпоставува дека јас треба да се грижам и за децата, дури и кога ќе се вратам на работа. Воглавно се обвинувам себеси за тоа. Покажав дека можам да го правам сето тоа. И навистина сакам. Без навреда, но не сум сигурна дека сакам да знам што ќе биде послужено за вечера доколку ти си одговорен за тоа.

Истовремено ги гледам моите пријателки и другите мајки кои прават сè и добро се справуваат со тоа. Знам дека и ти го гледаш истото. Ако тие успеваат и ако нашите мајки успевале да се справат толку добро, зошто да не можам јас?

Можеби нашите пријателки глумат во јавност, а тајно се мачат. Можеби нашите мајки со години страдаа во тишина, а сега, триесет години подоцна, едноставно не се сеќаваат колку тешко им било. Или можеби (ова е нешто со кое се преоптоварувам секој ден) јас не сум доволно квалификувана за оваа работа како што се сите други. Колку и да се ежам само што го помислувам тоа, ќе го речам: Ми треба повеќе помош.

Дел од мене се почувствува поразено само што го побарав тоа. Всушност, ти ми помагаш. Ти си прекрасен татко и одлично се грижиш за децата. На крајот на краиштата, ова би требало да ми биде лесно мене, нели? Мајчински инстинкти, зарем не?

Но, јас сум човек и функционирам со само пет часа спиење и премногу сум уморна. Ми требаш.

Наутро, ми треба да го спремиш детето за јас да можам да се погрижам за бебето, да направам ручек за сите и да испијам една шолја кафе. И не, спремањето на детето не значи да го ставиш пред ТВ, туку значи да го ставиш на нокширот, да му поставиш појадок, да видиш дали сака да пие вода и да го подготвиш неговиот ранец за во школо.

Навечер, ми треба еден час во кревет за да релаксирам, знаејќи дека нашето дете спие во неговата соба и дека бебето е во твоја грижа. Знам дека е тешко да го слушаш бебето како плаче. Верувај ми, знам. Но, ако јас можам да го гледам и смирувам бебето во поголемиот дел од денот, ти можеш да го правиш тоа еден до два часа навечер. Те молам, ми требаш.

За викенди, ми требаат повеќе паузи. Моменти кога ќе можам да излезам сама од дома и да се почувствувам како индивидуа. Дури и ако тоа е само за прошетка во нашето соседство или посета на супермаркет. И во деновите кога имам закажано час за пливање или за дружење на децата, дури и кога изгледа дека имам сè под контрола, ми треба да ми понудиш помош. Или да ми предложиш да дремнам додека преспиваат децата. Или да ги раскреваш чиниите без јас да ти речам да ги направиш тоа. Ми требаш.

За крај, ми треба да слушнам дека си благодарен за сè што правам. Сакам да знам дека забележуваш дека облеката е испрана и зготвена е убава вечера. Сакам да знам дека цениш што го дојам нашето бебе во секоја можна прилика и се „молзам“ додека сум на работа, а многу би ми било полесно да почнам да му давам адаптирано млеко. Се надевам дека забележуваш дека никогаш не барам од тебе да седиш дома и да ги пропуштиш средбите поврзани со работата или спортските активности. Како мајка, се претпоставува дека ќе бидам дома во секое време и секогаш можам да се грижам за децата додека си ти излезен и ја „хранам“ таа претпоставка со тоа што навистина сум дома цело време.

Знам дека нашите родители не функционираа вака, и мразам што го барам ова од тебе. Посакувам да можев да правам сè и да изгледа како да е лесно. Посакувам да не ми требаа пофалби за тоа што ги извршувам работите кои повеќето луѓе ги очекуваат од мајката. Но, веам бело знаме и признавам дека сум само човек. Ти кажувам колку многу ми требаш и ако продолжам со истото ова темпо, ќе се скршам. И тоа ќе ве повреди и тебе и децата и нашата фамилија.

Бидејќи да си признаеме: и јас ти требам тебе.

Мајка Мајка

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10259 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.