Новороденче е спасено благодарение на херојската постапка на куче. Кучето Пуи го пронашло малото бебе во пластична кеса фрлена на буниште во Ајутаја, Тајланд.

Знаејќи дека во кесата има нешто невообичаено, кучето ја однесло во домот на својот сопственик и започнало силно да лае. Кога 12-годишната внука на сопственикот излегла да провери за што се работи, видела дека во кесата има бебе.
Заедно со својата мајка го однесле слабото бебе в болница. Бебето тежело само 2,2 килограми и се верува дека било родено предвремено.

Локалната полиција сè уште се обидува да ја лоцира мајката. Се смета дека се работи за тинејџерка која работела во блиската фабрика.
„Среќа е што малиот Пуи го најде бебето. Тоа беше изненадување за нас, затоа што малиот Пуи никогаш не носи ништо дома, само лае по непознати кога е надвор. Мора да е судбина што нè спои со бебето“ – изјавила Помрат Тонгмак, мајката на 12-годишното девојче. Таа и пројавила желба да го посвои напуштеното новороденче.
Кучето Пуи добило кожено ремче и медал од Црвениот Крст за херојската постапка.
