Почетна » Новости » Занимливости » Улогата на родителот во дигиталниот свет на децата

Улогата на родителот во дигиталниот свет на децата

Мобилниот интернет, денес, е лесно достапен и е неизоставен дел од секојдневието на младите. Во нивните дланки, преку мобилите уреди, тие добија отворени прозорци до цели нови светови, до нови можности за развој на знаењата, но и до многу нови предизвици. Светот, кој не е совршен, со сите негови позитивни и негативни страни можат да го сретнат и во неговата виртуелна верзија – интернетот, за што родителите треба да бидат свесни и навреме да ги заштитат своите деца, како во реалниот, така и во дигиталниот свет. Токму за овие теми разговаравме со Тамара Ресавска, магистер по комуникации и проектен координатор во Фондацијата „Метаморфозис“.

Зошто е неопходна заштитата на децата при онлајн-комуникацијата преку компјутерите и паметните уреди, кои се главните причини?

Со развојот на новите технологии и начини на комуникација, нашите главни грижи се дека децата ќе стапат во контакт со погрешни луѓе онлајн, дека ќе имаат пристап до недолична содржина или материјали и дека на кој било начин ќе бидат злоупотребени.

Постојат реални потенцијални опасности што можат да се одразат на нивната приватност и личната безбедност, па дури и да ја доведат во прашање безбедноста на целото семејство.

Некои од најчестите ризици со кои децата може да се соочат при употребата на интернет произлегуваат од анонимноста што ја овозможува интернетот, па така, тие понекогаш не знаат со кого разговараат, не постојат ограничувања за содржините што можат и што смеат да се објавуваат, но не постои ниту ограничување на содржините што децата можат да ги објават, постојат разни вируси и хакери, но и законски и финансиски опасности. Говорот на омраза, сајбер-насилството и онлајн-грабливците се исто така дел од ризиците со кои децата се соочуваат кога користат интернет.

Мајка и дете

Дали имате сознанија колку од малолетните лица во Република Македонија имаат пристап на интернет?

Според податоците од истражувањето на навиките на децата што го спроведе „Метаморфозис“ на 517 ученици на возраст од 9 до 14 години од седум градови во Р. Македонија, 93% од децата имаат пристап до интернет од дома, додека 91% имаат свој мобилен телефон, а 50% од нив користат интернет преку него. Голем дел од децата (59%) не користат аватари и псевдоними кога прават онлајн профили, а 53% делумно или целосно се согласуваат дека им е полесно да им кажат на другите што мислат за нив онлајн.

Овие податоци покажуваат дека висок процент од децата имаат свој мобилен телефон и пристап до интернет, но и се показател зошто е потребна соодветна едукација на децата за важноста од заштита на нивната приватност и личните податоци на интернет.

Со паметните уреди и со намалувањето на интернет-цените, онлајн-комуникациите станаа подостапни, а со тоа и нивното користење од страна на младите. Дали и колку треба да се ограничува користењето на мобилните уреди? Дали ги користат соодветно и на училиште?

Употребата на мобилните уреди од страна на децата, во која мера и за која намена, зависи од индивидуалниот пристап на родителот, но треба да биде дефинирана во разговор помеѓу родителот и детето, при што тие може да се договорат за неколку основни правила и услови за користење на мобилните уреди.

Користењето на уредите во училиште, пак, зависи од политиката на училиштето и од самиот наставник што го одржува часот.

Кои се најчестите совети за родителите за заштита на нивните деца при користење на интернетот?

Децата, често, многу подобро ги разбираат можностите што ги нудат современите технологии и интернетот од своите родители, па затоа можеби најважно е родителите да се запознаат со основните поими што се врзани со користењето интернет, како и со активностите со кои децата се занимаваат додека се на интернет.

Разговорот е најчесто еден од најефикасните начини за едуцирање на децата на безбедно и одговорно однесување на интернет. Родителот треба да ги научи децата дека треба да ги чуваат нивните лични податоци, да се однесуваат одговорно на интернет, да не се среќаваат со непознати лица во живо, како и да ја проверуваат веродостојноста на објавените информации.

Секако, во договор со детето, може да се постават неколку основни правила, под кои услови, во кои периоди и на кој начин децата смеат да користат интернет. На пример, детето може да се поврзе на интернет само доколку претходно ги заврши училишните обврски.

Понатаму, поставувањето на компјутерот на централно место во собата овозможува родителите да погледнуваат одвреме-навреме што прават нивните деца. Ова е важно за да можат да забележат доколку децата случајно наидат на содржини што не се соодветни на нивната возраст и на нивните интереси.

Родителите, исто така, може да воведат временско ограничување за тоа колку време децата ќе поминуваат дневно пред екраните на паметните уреди или на компјутерите.

Кои други можности постојат за родителите да ги заштитат децата од опасностите при користењето интернет, особено преку нивните паметни телефони, кога не се во можност физички да ги надгледуваат?

Првата мерка за заштита на децата од опасностите на интернет е едукација и разговор со родителите/наставниците.

Како посериозна мерка што може да се преземе во насока на обезбедување на сигурноста на вашите деца на интернет е користењето специјални софтвери за филтрирање, надгледување и родителска контрола. Овие софтвери овозможуваат да ги заштитите вашите деца од опасни и несоодветни информации на интернет, да го контролирате времето што вашето дете го поминува во користење интернет, да добивате детални извештаи за онлајн-активностите на вашето дете, итн. Ваквите софтвери се погодни за контролирање на активностите на интернет на помалите деца, иако некои од опциите што тие ги поддржуваат можат да се применат и врз тинејџерите.

Младите и родителите прво треба да се запознаат со ризиците и со опасностите што ги носи интернетот, бидејќи тогаш ќе можат да преземат и соодветни мерки за да ја заштитат својата приватност и безбедност, а притоа да го искористат интернетот како алатка за стекнување нови вештини, искуства и знаења.

Дали кај нас постојат можности за едукација за заштита на децата при користењето на интернетот?

Едукацијата на темите безбедно на интернет и заштита на личните податоци кај нас претежно е опфатена преку неформалното образование, разни работилници, предавања и посети што ги организираме како дел од проекти или, пак, на барање на училиштата, наставниците или родителите. Во рамките на долгогодишната работа на ова поле, „Метаморфозис“ има развиено мноштво водичи за едукација на децата, родителите и наставниците што се достапни онлајн на: www.bezbednonainternet.org.mk.

Сепак, потребна е поинтензивна едукација и подигнување на свеста кај децата за овие прашања, бидејќи едукацијата понекогаш следува откако настанал некаков проблем, што не треба да биде така.

Целта на едукацијата не е да се исплашат децата да не користат интернет, туку да бидат свесни за ризиците и како да се заштитат од нив.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 26299 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.