Јапонија испиша ново историско поглавје со изборот на Санае Такаичи за прва жена премиерка на земјата.
По парламентарното гласање на 21 октомври 2025 година, Такаичи официјално ја презеде функцијата, отворајќи ново поглавје во јапонската политика која со децении беше доминирана од мажи и традиционални структури на моќ.
Родена во префектурата Нара, Санае уште од млади години покажувала силен карактер и независен дух. Позната е по својата решителност, конзервативни политички ставови, но и по своите необични хобија.
64-годишната политичарка некогаш била тапанарка во хеви-метал бенд, моторџика и љубителка на брзи мотори, а денес е страстна обожавателка на џудо, карате, нуркање, трки со коњи и бендови како Black Sabbath и Iron Maiden. Овие лични детали ѝ даваат посебен шарм и ја издвојуваат од традиционалниот политички имиџ во Јапонија.
Често ја нарекуваат „Јапонската Железна дама“, што е инспирирано од нејзиниот политички идол Маргарет Тачер. Такаичи отворено изјавува дека сака да ја следи политиката на поранешнaта британскa премиерка.
Погледите на Санае честопати се опишувани како конзервативни, па дури и ултраконзервативни. Таа силно се спротивставува на истополовите бракови и на можноста жените да си го задржат моминското презиме во бракот.
Изборот на Такаичи за многумина е симбол на промена и напредок, особено во општество каде што жените сè уште се соочуваат со бројни пречки во јавниот и политичкиот живот.
Пред новата премиерка стои тежок пат: стабилизирање на економијата, одржување на националната безбедност во време на зголемени регионални тензии и зајакнување на позицијата на Јапонија на глобалната сцена.
