Почетна » Новости » Занимливости » Теона Манго: Beyond Green оди глобално, а животот во Њујорк е убава промена

Теона Манго: Beyond Green оди глобално, а животот во Њујорк е убава промена

Теона многумина ја запознаа на Инстаграм како модерна девојка вљубена во пишаниот збор и патувањата. 23-годишната девојка сега е и основачка на еко-платформата Beyond Green. Родена е во Битола, неколку години живееше во Лондон, каде дипломираше политика и меѓународни односи на Универзитет Квин Мери, а од неодамна се пресели во Њујорк.

Иако никогаш не очекувала дека ќе заврши во светот во кој се заработува од социјалните медиуми, ангажманите за две маркетинг агенции од Лондон ја одведоа на тој пат.

Beyond Green е платформа која започна пред точно една година и е еден од ретките брендови на нашата сцена кој има нагласен еко пристап. Како денес, по една година, гледаш на твоите почетоци?

– Годината помина многу брзо. И морам да кажам дека сум особено среќна од успехот кој само за една година се постигна. Кога го започнав Beyond Green имав само еден производ и не бев сосем сигурна колкав би бил интересот за еко и оддржливи продукти на нашиот пазар. Во периодот од една година лансиравме 10+ производи, направивме соработки со други мали локални бизниси, го имавме првиот поп-ап шоп, започнавме акција и засадивме многу дрва. А, од 1 декември оваа година, Beyond Green има достава низ целиот свет. Значи за само една година станавме глобално позиционирани.

Да, една од подолгорочните цели ми беше да го претставам Beyond Green на странски пазар. но воопшто не очекував дека ќе биде за толку брзо, во само една година.

Која е главната порака која се трудеше да им ја пренесеш на клиентите оваа година?

– Одржливоста е многу повеќе од грижа за екологијата. А кога зборуваме за одржливиот развој, многу е важно да се појасни дека тука не се работи само за екологија, туку и за етика и хуманост. Имено, масовното текстилно производство не е само еден од најголемите загадувачи од аспект на екологија, туку и најголем робовладетел на денешницата.

Пред девет години се сруши Rana Plaza, огромната фабрика во Бангладеш во која со години работниците работеа во нехумани услови со мизерни дневници за својата работа. Во таа несреќа животот го загубија 1.138 луѓе, главно млади жени, а уште 2.500 беа тешко повредени. Таа фабрика произведуваше 29 светски брендови, од кои повеќето беа многу добро познати. Оттогаш почнува глобално да се менува свеста и тоа е она кон што целиме сите ние кои со вакви мали чекори, зборуваме гласно зошто е значајна одржливоста во овој сегмент.

Некои ќе речат тоа е елитизам во хуманоста, но јас сметам дека тоа е нишка водилка на крилата на екологијата и само ако ние како купувачи кажеме дека не сакаме да финансираме производи кои се произведени во страв, беда и болест... нештата ќе се менуваат. Убедена сум дека тоа е можно, сетете се само како последните години сме сведоци со рестрикциите кои ги доживува индустријата со цигарите?!?

Како избираш што ќе се продава на твојата платформа?

– Начинот на кој се селектираат Beyond Green производите, бара многу истражување, нема место за голем профит, произведени се со љубов и грижливо се пласираат до купувачите, вклучувајќи и голема доза на едукација и еко-сензибилизирање. Тоа е таа додадена вредност која ја имате кога ќе купите нешто од оваа онлајан платформа, тоа останува долго, квалитетно е и се чува. Едуцирање и освестување, рафиниран дизајн кој ја следи таа длабока порака.

Продуктите кои ги продавам се одличен полигон за ширење на свеста. Целиме на производи кои имаат секојдневна употреба, а не ја уништуваат животната средина, притоа се направени од еко-френдли и одржливи материјали, се произведуваат во добри услови и работната рака е фер платена. Пропагирам нешто што не е скапо и недостапно, туку корисно и има позадинска приказна која значи.

Блогот го започна на твоите студии во Лондон и подоцна го преточи во бизнис. Како и каде стоиш сега во тој свет?

– Пишувањето отсекогаш ме привлекувало, а и студентските денови во Лондон, заради студиите на политика и меѓународни односи предводуваа многу читање на стручна литература и пишување на есеи. Блогот Teona’s Wanderlust го започнав како еден вид на мој личен дневник, летото пред да започнам со моите студии во Лондон. Ако го посетите блогот денес и прелистате до самите почетоци ќе прочитате постови за моите први впечатоци од живеењето во Лондон, како ја декорирав мојата соба на кампус, моите први омилени бранч места… По можеби година дена од редовно блогирање следуваа првите понуди да ги материјализирам соработките со одредени брендови кои за таргет ја имаа мојата генерација.

Така започнав соработка со две маркетинг агенции од Лондон и имав исклучително плодни кампањи со брендови како London Designer Outlets, Jack Wills, UNIQLO, Hägen-Dazs, OREO, Mercedes-Benz и така почнав уште во студентски денови да заработувам и од блогот и од социјалните мрежи. Мојата различност од она што генерално и на нашите простори владее, ми даде шанса да работам и за некои исклучителни домашни брендови на кои им се допаѓаше мојот поинаков стил на социјалните медиуми. Можеби клучно за мојата работа и во Македонија беше, тоа што мене никогаш не ме интересирале трендовите и главно моите објави биле и остануваат стилска игра, а не следење на уиграни форми, па така со голема радост, на релација Велика Британија - Македонија во три години направив бројни соработки.

Како пандемијата влијаеше врз твојата работа и животниот ритам?

– Почетокот на пандемијата и колку чудно да звучи ме затекна во епицентарот, во Милано, додека бев на модната недела. Тогаш, кога светот мислеше дека ова е нешто моментално и дека ќе помине како краток кошмар. Добро го паметам хаосот кој се случи во Милано и начинот на кој итно заминав за Македонија, од каде веќе имав букирано по неколку денови лет за Лондон. И претпоставувате како нештата се одвиваа... пандемијата ме забави, а бев личност која брзаше во животот со 300 на саат. Останав во Македонија, нешто повеќе од година, рестрикциите за патувања доминираа, имав шанса за неколку кратки патувања до земји кои дозволуваа влез.

Започнав да работам на професијата, па така имав работен ангажман во Министерството за одбрана на Република Македонија, влегов во некој стандарден ритам на класично работно време и викенди кои ги минував во природа, патувања надвор од градот...

Во таа изолација се роди и Beyond Green, така што пандемијата за мене беше навистина добра фаза во која открив што можам, а што не можам.

Открив дека работно време од 9.00/5.00 не е за креативна личност. Во основа јас имам претприемнички дух, а образованието кое го имам ми ја дава ширината да видам низ призмата како можам позитивно да го менувам светот во кој живеам. Си ја сакам професијата, сакам да ги користам и двете хемисфери на мозокот подеднакво, но најмногу ме исполнува мигот кога работам нешто креативно. Морам себеси секојдневно да се носам во иновација. Таа синтеза на интелект и емоции се гледа во мојата работа.

Исто така, female leadership е точка која во западниот свет особено се цени и има страшен интерес од страна на инвеститори и private equity. И така си дадов отказ од таа регуларна работа и целосно се посветив на мојот свет. Ковидот влијаеше на сите индустрии кои не се базични, а e/commerce бизнисите процветаа. Јас видов шанса во пандемијата, зошто сум човек кој е неверојатно прилагодлив на промена. И во моментот работам на развој на нова идеја... така што кога подобро ќе размислам, неверојатно е колку здравствената криза ми отвори нови начини на размислување. Колку брзо умееме да се адаптираме на промена... или како што еднаш Стивен Хокинг рече: „Интелигенција е можност да се прифати промената".

Моментално живееш во САД. Њујорк е твојата база таму?

– Да, со оглед на фактот што мојата работа се работи од било која точка на светот, а јас себеси никогаш не се гледав како бетониран инфлуенсер на една локација... образованието ми дава шанса да го материјализирам и талентот и знаењето. Њујорк е убава промена. Растот и развивањето на Beyond Green, можноста да склучам соработки со нови интересни комапнии на оваа страна на светот кои ги промовирам, и се разбира пишувањето, се моите главни активности сега во САД. Минувам доста време истражувајќи и наоѓајќи инспирација за нови нешта, сакам музеи и често одам на различни изложби по галерии, сакам театар и филмови, сакам и интересни ресторани. Го сакам и едноставниот живот во кој треба да имаш негувана кожа и коса и во кој не ставаш шминка. Исто така она што ми годи е што облеката тука, не е тренд, туку е приказна која зборува за тебе и колку што е можно треба да биде поодржлива и еко-френдли.

Едноставно, се вклопив брзо и лесно.

Ете тоа е комбинацијата на мојата њујоршка секојневна авантура која ја живеам. Њујорк е место во кое сте опкружени со мноштво талентирани луѓе.

Инспирирачки е да се живее во Њујорк.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11500 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.