Инспиративни студентки секоја недела се трансформираат во дизниевите принцези и расположуваат деца кои се соочуваат со тешки болести и деца со посебни потреби.
Кајли МекГрен и нејзината пријателка Маргарет МекЕндрју пред две години ја создале организацијата „A Moment of Magic“, инспирирани од анимираниот филм „Frozen“. Сега во неа членуваат околу 40 студентки кои несебично го донираат своето време и енергија за да ги усреќат дечињата кои се принудени да ги минуваат деновите во болничките кревети.
„Принцезите“ пеат, танцуваат, се фотографираат, читаат, се шминкаат и прават сè што би им било интересно на децата за да им измамат насмевка.
Мисијата на организацијата е да им ја врати на децата магијата на вербата и да ги потсети да бидат храбри, силни и бестрашни. „Сакаме да ги оттргнеме децата од болничкото опкружување и да им помогнеме да веруваат во убави нешта. Нашата основна цел е да донесеме повеќе љубов на овој свет. Сакам да бидам најдобра што можам да бидам, затоа што тоа го заслужуваат овие деца“ – вели Мек Ендрју.
„Да ја имаш способноста буквално да промениш еден детски ден е неверојатно. Мислам дека тоа е вистинската магија што се крие зад она што го правиме“ – додава таа.