Девојка со вроден деформитет на лицето има важна цел пред себе – да ги промени перцепциите на луѓето за убавината, да го потсети светот дека секој човек е убав на свој начин и да порача дека „никој не треба да се крие поради својот изглед“.


Илка Брул е родена со зајачка уста и деформирани дишни патишта. Нејзе исто така ѝ недостигала десна солзна жлезда, поради што постојано ѝ течеле солзи од окото. Таа морала да се подложи на десет операции за да го достигне изгледот кој го има денес и да стане самоуверена, силна и позитивна девојка.
29-годишната Германка сега работи како модел и цели да ги инспирира луѓето да се сакаат себеси онакви какви што се и покрај негативните коментари кои ги добиваат од околината. Таа сака да ги поттикне сите што страдаат од ниска самодоверба поради изгледот да престанат да се кријат од светот и да ја покажат нивната вистинска убавина.
„Постои само еден начин да се биде грд, а тоа е да се има грд карактер. Никој не треба да се крие поради својот изглед“ – вели таа.









Бидејќи постојано добивала прашања зошто изгледа онака како што изгледа, Илка одлучила да сподели фотографија од себеси како бебе и да објасни повеќе за својата состојба во објава на Instagram.
Јас мислам дека сите луѓе се убави на свој начин. Независно дали имате класична убавина, дали сте високи, ниски, крупни, ситни, црни, бели... Со исклучок на злобните луѓе, но тоа е друга приказна.
Во последните неколку дена прочитав многу злобни коментари за луѓето како мене. Не грижете се, се колнам дека тие не ме повредуваат. Но, знам дека има луѓе кои добиваат такви коментари, а не можат да ги прифатат со насмевка тие бесмислици. Тогаш навистина се разлутувам. Затоа никогаш нема да престанам да го потсетувам светот дека СИТЕ се убави.
Одлучив да споделам фотографија од мене како бебе. Така подобро можете да го видите мојот „дефект“. Постојано добивам директни пораки со прашања зошто изгледам онака како што изгледам. На почетокот се плашев да го покажам ова бидејќи многумина ќе помислат дека е премногу. Не е точно, ова треба да е нормално како и секоја бебешка фотографија. Знаете, и јас треба честопати да се потсетувам на тоа. И нема да престанам сè додека не се зголеми бројот на луѓе што мислат како мене. Имам расцеп на устата. Со мои едноставни зборови тоа значи дека кога мајка ми била бремена се разболела и тоа влијаело на развојот на моето лице. 1 од 1.000 лица го имаат ова. Прилично често е.
Има мали цевки во мојот нос затоа што моите дишни патишта беа прешироки. Првите неколку месеци од мојот живот живеев на болница додека да научам да дишам самата. По 10 операции, изгледам вака како денес. Не се гордеам со тоа, бидејќи се сеќавам само на последните три. Горда сум на моите родители кои ми помагаа низ сето тоа.
Покрај негативните коментари, Брул постојано добива и комплименти и охрабрувачки коментари. Многумина коментираат дека таа наликува на самовила и дека има мистична убавина.

























