Банкари, менаџери, архитекти, докажани професионалци од повеќе сфери на македонското општество, денеска во „Меѓународното училиште Нова“ одржаа низа говори и дискусии пред средношколци од повеќе училишта во Скопје, во рамките на втората Ротари конференција за професионална ориентација, насловена „Професијата како личен идентитет“.
Архитектура и градежништво, бизнис и финансии, инженерство, медиуми и маркетинг, право, образование, истражување и наука беа дел од темите што беа опфатени на конференцијата чија главна цел беше да им се помогне на младите во изборот на идната професија.

„Изборот на факултет е одлука која е значајна не само за професионалната иднина на еден млад човек, туку и пошироко за неговиот идентитет, имајќи предвид во колкава мера професијата е дел од нашето секојдневие и дејствување во околината. Токму затоа ја организираме оваа конференција, на која младите луѓе ќе имаат можност да слушнат интересни искуства и размислувања од еминентни гости говорници и професионалци, а со цел да им помогнат во процесот на донесување одлука“ – изјави Александра Дилевска Симова, претседател на „Ротари клуб Скопје Камен Мост“.
Настанот беше во организација на „Ротари клуб Скопје - Камен Мост“, како дел од серијата активности за поддршка на младите талентирани луѓе и помош да ги остварат своите потенцијали.
„Изборот на професијата за секој млад човек е битна работа зашто тоа утре ќе го определи неговото занимање, а со тоа и неговиот стил и начин на живот. Доколку професијата не е одбрана за потоа да се најде вработување, тоа де факто е штетно и за општеството. Ќе се обидеме да им помогнеме на младите како да изберат професија во која ќе уживаат, а која ќе се претвори во работна сила и економски раст“ – истакна Григор Бишев, генерален директор на „Шпаркасе банка“.
Освен Дилевска и Бишев, главен говорник на конференцијата беше и Бранко Азески – претседателот на Стопанската комора на Македонија. Интересот на средношколците до кои беше испратена отворена покана за учество на конференцијата беше огромен, а амфитеатарот на „Меѓународното училиште Нова“ беше исполнет до последното столче.