Почетна » Новости » Занимливости » Прекрасно писмо на мајка: „До моето бебе на нашиот прв заеднички Ден на мајката“

Прекрасно писмо на мајка: „До моето бебе на нашиот прв заеднички Ден на мајката“

Текстот на авторката Кејт Швајцер, посветен на нејзиното мало бебе, ќе ви ја покаже несебичноста, љубовта и нежноста на мајките.

Во писмото до нејзината неколкумесечна ќерка, Кејт споделува дека е свесна за тоа колку брзо расте нејзината ќерка и дека сака да го искористи секој момент со неа пред таа да стане самостојна личност.

Мајка и бебе

Драго бебе,

Ова е мојот прв Ден на мајката. Всушност, ова е наш прв Ден на мајката. Пред да те родам, ја користев секоја шанса да прославам за мене – ги обожавав родендените и никогаш не ми пречеше да бидам центар на вниманието. На крајот на краиштата, јас сум лав во хороскоп. Но, овој пат не можам да си ги препишам сите заслуги себеси. Не би го имала овој празник без тебе, бидејќи ти ме направи мајка. Денот на мајките не е за мене, туку за мене и за тебе. За нас.

Пред да се родиш, девет долги месеци јас те носев сама.

Денот кога пристигна на овој свет, моментот кога се сретнавме, беше за мене и за тебе. Да, и тато беше таму, но моите раце, наежени и топли од напливот на адреналин, први те држеа. Ти имаше потреба да се одмориш на моите голи гради. Биењето на моето срце ти помагаше да го регулираш твоето.

Во твоите први недели и други луѓе те држеа. Но, моето тело те одржуваше во живот. Моето млеко ти помагаше да растеш, грам по грам. Литар по литар. Сè уште бевме само јас и ти.

Набрзо, фати и шише, па и други луѓе добија можност да те хранат. Но, јас бев таа која го минуваше секој миг со тебе. Јас ти читав книги и играв со твоите играчки додека ти ме гледаше љубопитно. Јас бев таа која ги забележуваше и најмалите промени кај тебе – поглед вперен малку подолго од вообичаено, рака испружена со умисла, а не како рефлекс. Бевме само јас и ти.

По неколку месеци, се вратив на работа и некој друг доби можност да ги минува деновите со тебе. Но, јас бев таа која беше покрај тебе секој час во текот на ноќта, кога и да се помрднеше. Јас бев таа која се будеше и на најмалото мрморење за да те смирам. Јас бев таа која беше покрај тебе во три часот по полноќ кога светот беше темен и сите останати спиеја. Јас и ти.

Но, потоа ти започна да спиеш цела ноќ. Сонот ти се продолжи од шест часа, на осум часа, па на десет часа и ти повеќе немаше потреба од мене. И јас плачев.

Плачев затоа што морав да прифатам дека нема секогаш да бидеме само јас и ти. Се разбира, се разбира дека ти сè уште ќе имаш потреба од мене. Но, со секој изминат ден, недела, месец, станува јасно дека ти стануваш независна. Дека нема уште долго да бидеш бебе.

Набрзо, нема да ти бидам потребна за да те носам. Ти ќе започнеш да лазиш, па да одиш, а потоа да трчаш. Кога ќе се обидам да те држам цврсто, ти ќе се ослободиш, желна да го истражиш светот надвор од мојата прегратка. Набрзо, нема да ти бидам потребна за да ти ја сменам пелената. Нема да ти бидам потребна за да те облечам. Ќе сакаш сама да си ја избереш облеката. Нема да ти бидам потребна за да те нахранам. Сè уште не си започнала да џвакаш мали парчиња јаболко или да го сечеш пилешкото на мали залачиња, но набрзо ќе ги совладаш овие задачи. Нема да имаш потреба од мене за да ти читам. Ќе можеш да ги изговориш зборовите, а потоа да ги разбереш. На крајот, нема да имаш потреба од мене за да ги слушам твоите приказни, да одговарам на твоите прашања, да ги решавам твоите проблеми. Се разбира дека ти сè уште ќе го сакаш тоа, се надевам, а јас ќе го прифаќам тоа, но и двете ќе знаеме дека можеш да го направиш и самата.

Преостанува уште малку време кога навистина сме само јас и ти. Пред да трепнам, твојот живот ќе биде исполнет со семејство, пријатели, соученици, учители и верни другари.

Па, овој Ден на мајката, нашиот прв Ден на мајката, нема да го преспијам, иако одморот добро би ми дошол. Нема да ја прифатам понудата на тато да го поминам денот во спа центар, иако паузата добро би ми дошла. Ќе бидам токму тука и ќе те држам цврсто. Само јас и ти.

Те сака,

Мама

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11424 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.